Како изгледала Пресвета Богородица

„ Сведочам пред Бога, дека освен Самиот Бог, нема ништо во вселената, во толкава мера исполнето со Божествена сила и благодат. Никој од луѓето не може да го достигне со својот ум она, што јас го видов. Исповедам пред Бога: кога од Јован, кој сјае меѓу апостолите, како сонце на небото, бев приведен пред лицето на Пресветата Дева, јас доживеав неискажливо чувство. Пред мене засветли некој Божествен сјај, кој го озари духот мој. Чувствував благоухание од неописливи аромати и бев исполнет со таков восхит, што ни моето немоќно тело, ни духот не можеа да ги поднесат тие знаци и зачетоци на вечното блаженство и Небесна слава. Од Нејзината благодат изнемошти моето срце, изнемошти мојот дух. Ако не ги помнев твоите поуки, јас Нејзе би ја сметал за вистински Бог. Не може човек ни да замисли поголемо блаженство, од она, кое јас тогаш го доживеав.“ (Св. Дионисиј Ареопагит, Писмо до св. апостол Павле)

По преданието, основано на зборовите на свештеномаченикот Диноисиј Ареопагит и Игнатиј Богоносец, свети Амвросиј Медиолански во делот „За девствениците“ напишал за Мајката Божја:

„Таа била Девојка, не само со тело, но и со душа, смирена по срце, внимателна во зборовите, благоразумна, не многуречива, љубителка на читањето, трудољубива, целомудрена во зборовите. Нејзиното правило било – никого да не навреди, на сите да им се посакува добро, да се почитуваат постарите, да не се завидува на еднаквите, да се избегнуваат самофалбите, да се биде здраворазумен, да се сакаат добродетелите. Кога таа, барем со изразот на лицето ги навредила родителите, кога била во расправии со блиските? Кога се возгордеала пред скромниот човек, кога се насмеала над слабиот, се одвратила од бедниот? Во Нејзините очи немало ништо сурово, во нејзините зборови ништо непромислено, во нејзините дела – ништо недолично: движењето на телото скромно, пристапот тивок, гласот мек; така што, Нејзиниот телесен образ бил изразување на душата, олицетворение на чистотата. Сите свои дни Таа ги претворила во пост: на сон се предавала само по потребите, но и тогаш, кога Нејзиното тело се успокојувало, со духот била будна, повторувајќи го во сон прочитаното, или размислувајќи за исполнување на предвидените намери и Божјата волја. Од дома излегувала само во храмот, и тоа само во придружба на роднините. Впрочем, Таа иако од Својот дом излегувала во придружба на други, најдобар стражар за Себеси била Самата Таа; другите го чувале само Нејзиното тело, а наравот Свој го чувала Сама“.

По преданието, сочувано од црковниот историчар Никифор Калист, Мајката Божја „била средна по раст, или како што велат некои други, малку повисока од среден раст; косата златовидна; очите бистри, со зеници со маслинова боја; веѓите долгообразни и умерено-црно, носот тенок, устите цветни, исполнети со слатки зборови; лицето нетркалезно и не издолжено, но малку задолжено; дланките на рацете и прстите долго… Во разговор со другите, таа ја чувала благоприличноста, не се смеела, не се вознемирувала, посебно не се гневела; совршено неизвештачена, едноставна. Таа не мислела воопшто на себеси, и далеку од разгаленост, се одликувала со полно смирение. За облеката која ја носела, Таа се задоволувала со нивната природна боја, што и денес го докажува Нејзиниот свештен покров на главата. Кратко речено, во сите Нејзини дејствија се откривала посебна благодат“.

Во дневникот на светиот праведен Јован Кронштадски, постои запис за неговото видение на Мајката Божја:

„На 15 август (по стар стил), во денот на Успението на Богомајката, 1898 година, ја имав среќата за првпат во сон јавно да го видам лицето на Царицата Небесна и да го слушнам Нејзиниот пресладок, блажен, охрабрувачки глас: најмили чеда на Отецот Небесен, – тогаш, кога јас, сознавајќи го своето недостоинство, гледав на Нејзиниот пречист лик со трепет и со мисла; ќе ме отфрли ли од себе со гнев Царицата Небесна! О, пресвет и преблаг лик! О, очи сини и длабоки, добри, смирени, спокојни, величенствени, небесни, божествени! Нема да ве заборавам вас, чудесни очи! Една минута траеше тоа видение; потоа Таа си замина пополека, го пречекори малечкиот праг – и се сокри. Го гледав одназад входот на Небесната Посетителка. Отпрвин Ја гледав како на икона, јасно, – а потоа Таа одделувајќи се од неа, слезе и продолжи по патот“.