Духовден – Бог се смирува пред човекот

Празникот на Света Троица не ни кажува ништо ново, сите овие две илјади години, нам современите луѓе. Тоа е вечно послание – денешен Празник. Вечен, актуелен и исто таков, каков што бил во денот на Педесетница, кога Светиот Дух слегол на апостолите.

Тоа е и роденденот на нашата Црква, преку благодатното слегување на Светиот Дух. Кога зборуваме за Личноста на Отецот, нам ни е јасно од нашиот животен опит. Образот на отецот постои во секого од нас и затоа познавањето на татковството во Бога – е сосема природно.

Кога зборуваме за Личноста на Синот – исто така ни е јасно. Затоа што во овој свет ние сме или синови, или ќерки. И тој одност на синовство и братство, таа чудесна еднаквост која ни ја подарил Христос, ги бара нашето срце. Таа еднаквост ни е драга, блиска и кон неа се стремиме. Затоа, можеме на некој начин да почувствуваме, што е Личноста во Отецот, што е Личноста во Синот.

А во Светиот Дух, во познавањето на Светиот Дух како Личност ни се појавува проблем. Ние го немаме тој опит, земен опит – не постои. И кога го празнуваме денот на Света Троица, слегувањето на Светиот Дух на апостолите, денот на познанието, дарувањето токму на таа личност, има многу работи за кои треба да се замислиме. Да ја подготвиме нашата душа за таа средба со Светиот Дух, за спознавањето на Светиот Дух.

18324

Го читаш преподобниот Силуан Атонски и се поразуваш, колку тој го познавал Светиот Дух. Личносно го познавал. Колку во неговите молитви, во неговото обраќање кон Бога секогаш прозувчува присуството на Светиот Дух како негов личен Другар. Уште повеќе, тој се обраќа кон Бога, кон Света Троица со зборовите, сите ние да Го познаеме Бога: „Те молам Тебе, милостив Господи, да Те познаат преку Светиот Дух сите народи на земјата“. За секому од нас, Светиот Дух да му се јави како личен Другар, како наш личен Бог, како таа Божествена Личност, до Која треба да се допреме и со Која треба да се соединиме.

И секогаш, денот на Света Троица за нас, пред сè, – е ден на дарувањето на Светиот Дух, ден на спознавањето на Светиот Дух. Во овој ден за нас се открива таа бесконечна Божествена љубов кон човекот, Неговото снисходење.

Ние велиме, дека Божјото смалување се остварило во лицето на Синот Божји, кога бесконечниот, неспознатливиот, бесмртниот, Семоќниот, Секадеприсутниот Бог станал Човек на земјата. И не само Човек, туку беззаштитно малечко Суштество, кое го прима врз себе сиот удар на злото, сиот удар на смртта и гревот. И го победува со Својата смрт.

Зборуваме за смалувањето. Но, можеме да зборуваме и за тоа, како се смирува пред човекот целата Света Троица. Како се смирува Бог Отецот, предавајќи го Својот Син во жртва на човештвото. Во таа смисла, си спомнуваме на Авраам, нашиот праотец, кои се искачува на гората Морија и го води со себе Исак на колење. Затоа што имено тоа е образот, кој подоцна ни бил покажан, кога Бог Отецот го дал Својот Син. Тоа е смалувањето на Отецот. Тоа е смалувањето на Синот.

Тука гледаме, како Светиот Дух се смалува Себеси. Тој слегува долу. Зашто, за жал, за нас луѓето, само за паднатите суштества ни е својствено цело време да паѓаме, цело време да тежнееме кон земјата. Цело време да го упатуваме својот поглед долу, да живееме земно.

Но, за ние да се стремиме нагоре, Светиот Дух слегува долу. Светиот Дух се потчинува Себеси на законите на овој свет, на законите на тежнеењето, на законите на паднатите. Според кои, што и да фрлиш нагоре, сигурно ќе падне долу. Сето земно се стрему долу, а никако горе. Освен огнот, кој цело време се стреми нагоре.

И Светиот Дух снисходи, се смалува до нас, за ние да Го познаеме личностно. Се смалува, за да Го примиме, за да се соединиме со Него. Со Него да се соединиме, со Него да се нахраниме, наполниме, разгориме, како што се разгориле апостолите со тие пламени јазици во денот на Слегувањето на Светиот Дух во денот на Педесетницата. За и ние со тој оган да се упатиме нагоре, за Тој да нè одведе кај Својот Небесен Отец и воплотениот Син Божји.

„Да бидат сите едно, – вели Христос, – како што сме ние едно“. Тоа единство во Света Троица, во Духот Свет да му се дарува на човештвото како Црква.

Затоа, овој ден за нас – секогаш е истиот, и секогаш сосема нов. Секогаш соодветен на денот на светата Педесетница, која се случила пред 2000 години. И секогаш актуелен за нашето постоење денес. Затоа што Христос и вчера, и денес и во веки, е ист. Исто како и Црквата.

 

Протоереј Алексеј Умински

Извор: http://www.pravmir.ru/prazdnik-troicy-bog-smiryaetsya-pered-chelovekom1/#ixzz3biy5JoLO