Света маченичка Анастасија Римјанка

Во средината на III век, императорот Дециј подигнал нов бран на гонења на христијаните. Римскиот градоначалник Пров по наредба на кесарот, наредил да се доведе на суд младата христијанка Анастасија.

Од мали нозе останата без родители, и воспитана во манастирот од игуманијата Софија, Анастасија со чудесно спокојство и храброст застанува пред мачителот. Сесилниот римски државен систем повторно се судрува со сила, чија природа и извор не може да ги разбере. Владетелите се навикнале да гледаат во очите на осудениците страв, молби за помилување, се навикнале со силата на своите мачења да ги принудуваат да молчат дури и најсмелите бунтовници. Сепак, во очите на света Анастасија имало нешто друго. Ни непоколебливост од животниот опит, ни увереност во силата на истомислениците, ни убедувања во надворешна сила – ништо од тоа немало во нејзините млади очи. Само чистотата на мислите и отсуството на озлобеност кон жестокиот свет сведочеле за храброста на младата христијанка. Таа, наспроти очекувањата на Пров, зборувала не за неопходноста на борбата со неправедната власт, не фрлала со клетви по гонителите, не плачела за рано прекинатиот живот, туку сведочела за верноста кон Оној, Кого го признавала како единствена цел на нејзиниот живот. И тоа уште повеќе ги налутило мачителите, што на крај, разјарени ѝ го отсекле јазикот…
Храброста на младата маченичка Анастасија не може да не нè зачуди. Сепак, тоа не е хероизам, на кој што човечката душа во одредени околности се покажува способна, дури и наспроти сопствениот разум. Тоа е нешто друго. Нејзината сила имала несвојствена за светското сфаќање, боја на чистота, кротост, целомудрие и смирение. Тоа е многу поблиско на нашиот живот отколку хероизмот. Тоа е силата на малите чекори, како што точно се изразува Екзипери.
Тука се сретнуваме со евангелска сила, за која што често се сведочи во апостолската благовест. Во Евангелието од Марко гледаме, како јудеите се чуделе на зборовите на Спасителот, „зашто Тој ги учел како оној што има власт, а не како книжниците“ (Мк. 1, 22). Гледајќи со каква сила Господ им заповеда на нечистите духови, како само со еден збор исцелува болни од неизлечливи болести, жителите на Палестина се прашувале: „Што е ова? Какво е ова ново учење, што Тој и на нечистите духови им заповеда со власт, и тие Го слушаат?“ (Мк. 1, 27). Сето тоа е јавување на таа сила, која Господ им ја ветил и на Своите верни ученици: „Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што Јас ги вршам, и тој ќе ги прави, и поголеми од нив ќе направи, затоа што Јас си одам кај Мојот Отец“ (Јн. 14, 12). Ете во што е смислата на храброста на мачениците – во познанието на вистинската цел на животот преку причасноста на Христос.
Без победа над себеси, невозможна е победа над ѓаволот.
Така, трпението, чистотата, кроткоста на младата девојка Анастасија треба да не вдахновуваат и нас. Тоа не е извонредна појава на необични околности, туку сила на христијанскиот живот. Неговата смисла се определува од целта. Сè зависи од тоа – колку Христос, Неговото благовестие ќе влезе во нашиот живот како прва и најважна цел. Ете во што се состои победата на христијанинот над светот, над неговите неблагопријатни околности, и најважно – над повредената човечка природа која постојано го угнетува човекот. Имено тука се случува најглавната борба за срцето на човекот. И ако душата на христијанинот може во монотонијата на секојдневието да го сочува стремежот за живот според Евангелието, ако во тие околности таа изобрази во себе единствен центар на свест, вкоренет во Христос, тогаш силата на Спасителот, која ја победува злобата на мачителите, ќе му се открие на срцето на христијанинот. Без таа прва победа, победата над себеси во секојдневните околности, втората победа – над ѓаволот – е невозможно да ја достигнеме. Тоа е законот на духовниот живот: тука е Христос и ништо друго, и колку нешто друго, освен Христос, за нас добива поголемо значење, толку помалку во нашиот живот останува за најважното – Евангелието.
Христијанинот не се бори за добрата на утрешниот ден. Неговата победа над себеси се случува овде и сега. За него, нема значење увереноста во иднинат, туку искреноста на стремежот да се биде со Христос во конкретниот миг на сегашноста. Останатото – политичките околности, граѓанските револуции, судбината на вистинските вредности во општеството – сето тоа за христијанинот се определува од мерата на нивното учество во победата над себеси, над своите гревовни стремежи, од мерата на нивното приближување кон Христос. Ете каде започнува силата, која им дава храброст на младите, која го вдахновува трудот на оние кои имаат цел, која ги укрепува во страдањата страдалниците, и им дарува надеж на немоќните.
Света Анастасија, моли Го Бога за нас!

Роман Савчук

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=MRIS0JhEcYQ[/youtube]

Извор: http://www.pravoslavie.ru/put/75034.htm