Недела на Православието – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 05.03.2023 г., во Првата Недела од Великиот Пост (Недела на Православието), кога го празнувавме споменот на Светиот Лав, епископ Катански, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки“ (сп. Јован 1, 51).

Оваа недела, браќа и сестри, ја именуваме Недела на Православието или Недела на победата, над погрешните (еретички) учења во Црквата Христова, а е востановена во 842 година од царицата Теодора со нејзиниот син Михаил, во врска со победата над погрешното учење за иконите или иконоборството, кое учело дека иконите не биле Свети и дека ние наводно сме се поклонувале на идоли, а не на Бога преку Светителите.

Иконите, браќа и сестри, не се ништо друго, освен свети предмети, преку кои ние го гледаме духовниот свет, како што преку прозорците ние гледаме сè што е надвор од просториите во кои што се наоѓаме. Иконите се средство, преку кое ние стигнуваме до првообразите.

Нашата Света Православна Вера, ние велиме дека е најубавата Вера што постои. Човекот, ако не верува во Бога, тогаш неговиот живот нема смисла. Смислата на нашиот живот, е во тоа да веруваме дека постои Бог и живот по смртта, односно живот во идниот век како што читаме во Символот на нашата Света Православна Вера и Црква.

Токму затоа е кажано дека човек, кој не верува во Бога, тој нема цел и смисла во неговиот живот. Само оние, кои веруваат во Бога, имаат смислата на животот. За тоа дека ние ја имаме вистинската Вера, докази имаме во Светото Писмо на нашата Света Црква, бидејќи е речено дека Светите Божји луѓе не говореа од себе, туку  преку Светиот Дух, а тоа значи дека сè она што е напишано во Светото Писмо, не е напишано од луѓе, кои мудрувале со својот ум, туку од Светиот Дух, Кој бил во нив. Никој, од нив не говорел од свое име, туку говорел во името Божјо. Токму затоа, ние знаеме дека во Стариот Завет, нашата  Света Вера, ни е предадена од Светите Пророци, кои пророкувале за она што ќе се случи т.е. дека ќе дојде Месијата, а Месијата значи помазаникот Божји, Христос Спасителот, Кој е Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, а заради нас луѓето, се воплоти и стана човек во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот.

Па така, ние, браќа и сестри, кога зборуваме за нашата Света Правосалвна Вера, кажавме дека таа произлегува од два извори т.е. од Светото Писмо и Светото Предание. Светото Предание, е всушност она што не било запишано во Светото Писмо, но ја има истата сила и истото значење, кое го има и Светото Писмо. Светото Предание, е особено изразено во Светите Канони, почнувајќи од уредбите на Светите Апостоли, па сè до уредбите на Вселенските и Помесните Собори на Светата Православна Црква, кои што биле објаснети и протолкувани од Светите Отци, кои се всушност соборноста на Црква. Црквата, браќа и сестри, ја претставуваат верниот народ во Православната Црква, заедно со  свештенството и епископите. Црквата не може да постои без ерархија т.е. епископите, свештениците и ѓаконите. Христос Спасителот ја востановил Црквата, така што избрал Дванаесет Апостоли, а потоа избрал и други седумдесет Апостоли, кои ги пратил да го проповедаат Неговото учење, велејќи им: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20).

Па така, браќа и сестри, во Стариот Завет, Верата ја запазил избраниот Еврејски народ т.е. патријарсите, меѓу кои најпознати се: Авраам, Исак и Јаков, потоа пророците, односно дванаесетте мали и четирите големи пророци, судиите, како што се: Гедеон, Варах, Самсон, Ефтај, царевите како Давид и Соломон и.т.н. Сите тие пророкувале за доаѓањето во тело на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој бил изразуван во Стариот Завет преку праслики, како што е Пасхалното јагне, кое е праслика на Христа нашиот Бог и Спасител, со чија крв биле помазувани надвратниците од Еврејските домови, кога тие биле во Мисирското ропство, за да ги одмине Ангелот, кога ќе ги убие првенците мисирски, почнувајќи од синот на фараонот, па сè до последниот.

Ете, како што во Стариот Завет Евреите се спасиле преку крвта на Пасхалното Јагне, така ние се спасуваме преку Крвта на новозаветното Пасхално Јагне т.е. преку Христа нашиот Бог и Спасител, преку Неговото Свето Тело и Неговата Света Крв, односно Причесната.

За Христа, браќа и сестри, пророкувал и Светиот Јован Пророк, Претеча и Крстител, кој дошол да ги подготви патиштата за доаѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител, кој на народот и Апостолите им велел: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот“ (сп. Јован 1, 29), покажувајќи на Христа нашиот Бог и Спасител.

Кога Христос дошол во светот и поживеал меѓу луѓето, како што слушнавме и во молитвите од оваа Света Божествена Литургија, на Свети Василиј Велики, за да нè поучи како да се избавиме од гревот и смртта. Ете, заради нас грешните и недостојните, Христос поживеал со луѓето, доброволно пострадал, бил измачуван, тепан, биен по плеќите, шамаран и плукан по образите, невино бил осуден на смрт со најстрашната во тоа време да биде распнат на Крст, за да нè избави од гревот и смртта.

Сето ова Христос нам ни го кажал и истото е запишано во Светото Писмо од Светите Апостоли т.е. во Евангелијата од четворицата Евангелисти, Матеј, Марко, Лука и Јован, потоа во Делата Апостолски, во Посланијата на Светите Апостоли и во Откровението Јованово.

Па така, нам сè ни е објаснето, кажано и појаснето, и нема нешто што е нејасно за нашата Света Православна Вера.

Ете, кога Христос почнал да ги избира Своите ученици, како што слушнавме во денешното Свето Литургиско Евангелие, му вели на Филипа: „Дојди и врви по Мене“, а овој, пак, отишол при Натанаил и му вели: „Го најдовме Оној, за кого пишуваше Светиот пророк Мојсеј“, на што Натанаил одговара: „Може ли нешто добро да биде од Назарет“, зашто до тогаш од Назарет излегувале само лоши и опасни луѓе, но еве Христос, Кој се нарекуваа Назареец, живеел во Назарет. Откако вака се изразил Натанаил, Филип му вели: „Дојди и види“, па кога Натанаил дошол, Христос му вели: „Еве искрен и чесен Израилец, во кого нема лукаство“, а Натанаил му вели: „Од каде ме познаваш“, на што Христос му вели: „Уште пред Филип да дојде да те повика, те видов под смоквата“.

Таму всушност Натанаил се молел за Еврејскиот народ. После Натанаил Му вели на Христа: „Ти навистина си Син Божји, Ти си цар Израилев“, а Христо му вели: „Тоа го велиш затоа што ти кажав дека те видов под смоквата, пред Филип да те повика. Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки“ (сп. Јован 1, 51).

Ние, браќа и сестри, имаме две видувања, едно со телесните, а друго со духовните очи. Ние понекогаш не можеме добро да гледаме и со телесните очи, ако видот не е добар или ако имаме греда во окото, како што вели Светото Евангелие. За духовните очи, пак, вистинската пречка, е гревот. Секој човек, кој има гревови, не може да ги види небесните работи. Небесните работи можат да ги видат само оние луѓе, кои се ослободуваат од гревовите и веруваат во Бога, ги исполнуваат Божјите заповеди и живеат според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.

Ете, токму затоа, браќа и сестри, нашата Света Православна Црква, како никоја друга религија или вера, успеала точно да го прецизира учењето за Вера во Символот на Верата, каде сè е објаснето и образложено, за тоа дека постои Бог по суштина или природа, а Троичен по ипостаси или лица, Отец, Син и Дух Свети, кои имаат свои својства. Отецот ниту се раѓа, ниту исходи, а е беспочетен, Синот предвечно се раѓа од Отецот, а во времето заради нас и нашето спасение, излегол од прегратките на Отецот и станал човек, во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот.

Понатаму за Христос нашиот Бог и Спасител, е објаснето дека бил распнат на Крст и умрел како човек и дека Воскреснал од мртвите и се Вознесол на небесата, и пак ќе дојде во слава за да им суди на живите и мртвите.

Нема никаде, толку кратко изложено учење, браќа и сестри, како во нашата Света Православна Вера и Црква.

А ние, браќа и сестри, во овој Велигденски пост, ја примаме благодатта Божја, која е сила Божја, Божи енергии, која ни се дава за зацврстување на љубовта и надежта во идниот живот. Оваа Света благодат ние ја примаме преки сите Свети Тајни во Црквата Христова, како што се: Крштението, Миропомазание, Покајанието и Исповедта, Маслосветот, Светата Тајна Венчaние, Свештенство и Тајната нас сите Свети Тајни, Причесната.

Денеска прославувајќи го овој празник, Неделата на Православието или победата над сите погрешни учење, особено над иконоборството, да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, да се помолиме на Светите Ангели и Архангели и на Сите Свети, преку нивните молитви, Господ наш Исус Христос, да ни даде вистински дух и да се покаеме за нашите гревови, како што се молиме во молитвата на Свети Ефрем Сирин: „Еј Господи, Цару, дај ми да ги согледам своите прегрешенија, за да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови“. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар