Петок од Првата седмица во Великиот пост – Света Литургија на Претходноосветени Дарови во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 03.03.2022 г., кога го празнуваме споменот на Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Господи, дај ми дух на целомудрие, дух на трпение и дух на љубов!“

Со овие зборови, браќа и сестри, се молиме во втората молитва на Светиот Ефрем Сирин, во овие великопосни денови на нашата Света Православна Црква, кога ние најсериозно размислиме за тоа каков живот живееме т.е. дали живееме според телото или живееме според духот. Ако живееме според духот, треба и според духот да постапуваме.

Имено, оваа втора молитва на Светиот Ефрем Сирин, говори токму за тоа дека ние од Господа треба да бараме дух на целомудрие, а целомудрие, е всушност чисто тело и чисто срце.

Чисто тело, значи да го заштитиме телото од секаква телесна нечистотија, а под чисто срце подразбираме, зачувување на срцето од секаква духовна и душевна нечистотија, која доаѓа преку мислите, помислите и фантазиите, кои најнапред влегуваат во нашиот ум, а потоа од грешни мисли, кои стануваат помисли, а всушност грешните мисли со слики, за она што е нечисто и недостојно, се помисли, кои стануваат фантазии. Фантазиите, пак, се разговор со тие нечисти помисли и желби, кои ни ги праќа сатаната (ѓаволот), па ако ги отфрлиме и не ги прифатиме, без оглед колку се и какви се и колку упорно ни ги втиснува сатаната во нашиот ум, тогаш ние не сме направиле гревови со мисли и помисли. Токму тука е целиот проблем на луѓето, кога мислат дека грешна мисла која им дошла, е нивна.

Грешните мисли, никогаш не се наши, туку се од сатаната и неговите ангели (демоните), но ако ги прифатиме и почнеме да размислуваме за нив и постепено да фантазираме, тогаш веќе тие стануваат наши, а потоа од умот, се спуштаат во срцето и стануваат грешни желби, похоти, страсти и наслади, кои понатаму стануваат грешни дела. Значи нашата должност, е да бараме Господ да ни даде дух на целомудрие, а тоа значи не само чисто тело, туку и чист или просветлен ум, чисто срце, во кое ние нема да негуваме грешни желби, похоти, чувства и страсти, туку напротив добри мисли, кои ни доаѓаат од Бога преку нашиот ангел чувар, чуварот на нашата душа и тело.

Тоа е всушност целомудрието или чистота на душа и срце. Во петтото блаженство е речено: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“ (сп. Мат. 5, 8). Бога, не може да Го почувствува и да Го види човек, ако во својот ум има грешни мисли, помисли и фантазии, а во срцето, грешни желби, чувства, похоти и страсти, кои преминуваат во грешни дела. Само оние кои се ослободиле од нив, тие можат да Го видат Бога.

Ние, браќа и сестри, не можеме да Го видиме Бога во Неговата суштина, во Неговата природа, бидејќи во Светото Писмо е кажано дека човекот не може да Го види Бога во Неговата природа, но може да Го види во Неговото делување и да постане бог по благодат, а благодатта, е всушност Божествена сила, која нам ни се дава преку Светите Тајни, подвизите и преку чесниот и достоен живот. Благодатта, е духовна сила, која ни се дава преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајанието и Исповедта, преку Света Тајна Маслосвет, Светата Тајна Венчание, преку Светата Тајна Свештенство, за оние што примаат свештени чинови т.е. ѓаконски, свештенички и епископски, и преку најголемата Тајна, Тајната над сите Света Тајни, Евхаристијата или Причесната. Причесната, е Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, која ако ние подготвени ја примаме, тогаш Го примаме Христа во нашите срца и души, Кој во нас прави порив на добар, чесен, достоинствен и свет живот.

Тоа е чистотата или целомудрието, кое уште е наречено и девственост. Во што се состои девственоста? Девственоста не се состои само во тоа луѓето да не направат грешни дела со своето тело т.е. прељуба или блуд, туку да не направат блуд ни со умот. ни со чувствата, ни со срцето, бидејќи во Светото Писмо е кажано дека оној што погледнал некоја жена со желба да ја има или жена некој маж да го има, тие веќе направиле прељуба во своето срце. Ете, таква треба да биде нашата девственост.

Да си спомнеме за параболата за петте мудри и петте луди девојки, во која се вели дека мудрите девојки, секогаш ги имале запалени своите светилници, а лудите девојки, не ги запалиле своите светилни, па кога им снемало масло, отишле да си купат, но тогаш влегол младоженецот и радоста отпочнала. Тогаш вратата за лудите девојки се затворила, а Младоженецот, Кој е Христос нашиот Бог и Спасите, на лудите девојки им рекол дека не ги познава. И мудрите и лудите девојки, браќа и сестри, ја запазиле својата девственост, но мудрите, ја запазиле не само својата телесна, туку и духовната девственост т.е. не се огрешиле со грешни мисли, чувства, похоти, страсти, а додека лудите, ја запазиле само телесната девственост т.е. девственост на телото, но со душата и срцето, не успеале да ја задобијат Божјата благодат, за која пред малку зборувавме, која е всушност сила Божја, која нам ни се дава преку направените подвизи.

Браќа и сестри, покрај ова за кое сега зборувавме, ние во молитвата се молиме Господ да ни даде дух на смиреномудрие. Што е смиреномудрието? Свети Јован Златоуст вели: „Како што гордоста е мајка на сите гревови, така и смиреномудрието, е мајка на сите добродетели“, односно на сите доби дела, што ние ги правиме. Кога ќе речеме дека некој е смирен човек, сите мислат дека тој е повлечен во себеси т.е. пред луѓето не покажува некаква вознемиреност, возбуденост, но тоа е надворешната форма на смирението.

Вистинското смирение, е внатрешната состојба на човекот, кој смирението го доживува длабоко во себе, во својата душа и во своето срце. Господ Исус Христос за Себе вели: „Поучете се од Мене, зашто Јас Сум смирен и кроток по дух и по тело“.

Самиот Христос нашиот Спасител, ни покажал пример на совршено смирение. Во што се состои Христовото смирение? Бидејќи Христос, е Божји Син по природа, Кој предвечно од Отецот се раѓа, бил толку смирен, што од преголемата љубов кон нас луѓето, по благоволението на Отецот, посакал да осиромаши, да се смири и понижи, да постане човек, да прими човечко тело, да биде еднаков во сè со нас луѓето, освен во гревот. Ете, какво смирение покажал Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој дошол во светот, живеел меѓу луѓето, потоа бил тепан по плеќите, биен, плукан по лицето, шамаран и неправедно осуден на смрт. Спасителот Христос, браќа и сестри, ништо не проговорил, против сè што се случувало, туку смирено и понизно ги поднесувал сите страдања.

Да си спомнеме кога еден од оние двајца разбојници хулеше на Него, Он смирено сите тие нешта ги поднесуваше и се молеше со зборовите: „Прости им Отче, оти незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Ете, какво смирение ни покажал Христос нашиот Бог и Спасител, браќа и сестри. Кога зборуваме, пак, за нас луѓето, за нашето смирение, ќе видиме дека има многу луѓе, кои навидум покажуваат смирение, но во душите и срцата немаат смирение. Тоа не се случува само со луѓето од обичниот свет, туку и со нас свештенослужителите, кои честопати покажуваме дека не сме смирени. Дали некој е смирен или не е смирен, ќе го познаете по тоа, кога некој ќе го навреди, ако тој трпеливо ги поднесува тие навреди, тој навистина е смирен човек. Ако видите дека некој човек, до таму ги поднесува навредите и понижувањата, па дури и се радува на тоа што го понижуваат и навредуваат, знајте дека е смирен. Ако некој човек, пак, вели дека е смирен, само за луѓето да го видат дека е смирен, тој е најголемиот грешник. Таквите луѓе, сакаат другите луѓе нив да ги величаат, да се застапуваат за нив, да ги бранат по социјалните мрежи и.т.н., знајте дека тука нема никакво смирени, туку има сатанска гордост.

Секој што сака да го бранат неговите духовни чеда јавно, особено по социјалните мрежи, знајте дека тука нема смирение.

Христос нашиот Бог и Спасител, кога бил во Гетсиманската градина и дошол Јуда да Го предаде со целив, Свети апостол Петар, кога видел дека предавството е близу, го извадил мечот и му го пресекол увото на слугата Малх, Христос на Петар му рекол: „Кој се фаќа за меч, од меч ќе пострада“. Значи Христос не барал да Го заштитат, туку напротив, трпеливо го поднел сето понижување. Штом ќе почнете да ги браните своите блиски, кога се навредувани, знајте ниту во нив има смирение, ниту во вас што ги браните таквите, почнувајќи од мене.

Понатаму да кажеме збор два повеќе и за трпението. Кои се трпеливи луѓе? Трпеливи луѓе, се оние, кои кога ги клеветите, тие се радуваат. Зошто? Бидејќи си ја чекаат нивната награда на небесата, зашто знаат дека на такви навреди, им е загарантирано Царството Небесно.

Знам за еден човек, кој јавно беше навредуван на јавни места, но се сети на зборовите Христови дека треба да биде кроток и смирен, па ги поднесе тие навреди, велејќи си: „Па добро, Господ за ова најверојатно ќе ме награди“. Кога продолжи да се движи по плоштадот Македонија, се случи нешто необично, а беше човек во мантија и требаше да помине прек улицата, каде едно возило, кое имаше право да помине, не сакаше да тргне возачот додека овој човек во мантија не го помине патот. Тогаш тој се сети на она што претходно се случи дека за покажаното смирение, Господ му испрати едно прекрасно чувство, луѓето да му направат чест,. Гледате како тоа се возвраќа, ако ние направиме нешто убаво и добро.

Сега да кажеме нешто и за љубовта. Ние се молиме Господ да ни даде љубов. Каква љубов? Прво да имаме љубов кон Господа Бога. Зошто? Затоа што Он е наш Создател. Ако Бог нас нè создал, тогаш љубовта пред сè и над сè, Нему Му припаѓа, а дури потоа на другите т.е. на родителите, кои се соработници Божји, во нашето создавање и раѓање. Многу сопружници, браќа и сестри, сакаат да имаат деца, но ете немаат. Ако имаат љубов кон Бога и ако постојано се молат, тогаш Господ ќе им даде. Во Светото Писмо е кажано: „Нероткињата има повеќе деца од онаа што родила“. Оние што не родиле, се подобри мајки и таткови, отколку оние што родиле многу деца, но не ги воспитале и упатиле по првиот пат, па ќе биде според народната: „Оф за деца, оф од деца“. Оф за деца, кога ние офкаме Господ да ни даде чеда, а оф од деца, кога ќе ни ги даде, но не сме ги воспитале како што треба, па дури и нас ќе нè навредуваат, како што денеска се случува од оние, кои се оддаваат на пороците, кои ги тепаат и убиваат дури и своите родители, затоа што овие не им даваат пари да се дрогираат и слично.

Љубовта пред сè треба да биде кон Бога, затоа што Он нè создал, па затоа во Светото Евангелие се вели: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27). На ближниот, љубовта треба да му се даде без оглед дали тој ја заслужува или не ја заслужува. Свети апостол Павле вели: „На луѓето ништо не треба да им должите, освен взаемна љубов“ т.е. сè друго ние можеме да не им должиме, но љубов мора да им покажеме. Љубов треба да покажеме и кон непријателите. Оние што покажеле љубов кон непријателите, тие вистинска љубов покажале, зашто Христос ни кажал таков пример, кога бил на Крстот и се молел за Своите непријатели со зборовите: „Прости им Отче зашто незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Конечно, браќа и сестри, треба да сфатиме и разбереме, дека за сè она што ние го правиме, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд, кога Христос повторно ќе дојде, за да им суди на живите и мртвите.

Да не ве лажат оние, кои го чекаат антихристот и велат: „Христос ќе дојде“. На таквите умот им е само во антихристот, оти се негови. Кога повторно ќе дојде Христос?, никој не знае, зашто Христос рекол дека никој освен Отецот, не знае кога Он повторно ќе дојде.

Па така, да не се занимаваме со тоа, туку да мислиме дали кога ќе умреме, ќе дадеме добар одговор? бидејќи според нашиот крај од животот, ќе ни се суди, како што вели Свети апостол Павле: „Човекот еднаш ќе умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9, 27).. Нам нема да ни се суди според тоа како порано сме живееле, туку во каква состојба ќе не затекне смртта.

Кога Христос бил на Крстот распнат меѓу двајца разбојници, едниот хулел на Бога и не се спасил, туку отишол в адот, а другиот се откажа од својата гревовна состојба и побарал прошка од Христа велејќи: „Сети се за мене Господи кога ќе дојдеш во Царството Твое“, а Христос му рече: „Уште денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (сп. Лука 23, 43). Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар