Дајте милост, а не жртва

Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници?“ А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат нужда од лекар, а болните; одете и научете се што значи: ‘Милост сакам, а не жртва’.” Зошто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание. (Матеј 9, 11-13)

Колку е убаво утрото кое се зачнало со разговор за Бога и Неговиот дожд од милост кој ги попрскал учесниците во дијалогот кои влетувајќи си во зборот не умеат да се запрат во пофалбите за Оној, Кој иако грешни не ги заборавил, ниту да се откажат од надежта која иако понекогаш е само осамен цвет насреде пустина, ја има сè уште онаа срж која го ветува Небото. Со вцрвенети образи тие ги прераскажуваат нивните стории налик на легендите од преданијата полни со авантури, борба, неосвоени тврдини, стапици, солзи и крв, секако само персонификација на невидливата средба со демоните. Со длабоки воздишки ќе се разменат исповеди за црните дамки кои сè уште печат и иако подзаборавени со намера се реконструираат за да се клоцне суетата. Во секој случај многу убаво утро. Колку се горки утрата кои се дочекуваат надвор од стакленото ѕвоно, таму некаде во светот каде луѓето се поздравуваат со наместена насмевка и климање со главата полно со високоумие. Таму е ладно и студот навлегува во коските иако куќите денес се градат со панцир изолација, а луѓето се облекуваат во обувки со налепница од многу прочуени креатори. Се зборува често со универзален јазик на омразата, а прераскажува со стилската фигура: завист, обележје на личноста засекогаш незадоволена и немирна кога кога се мери со останатите. За обична прошетка низ улиците потребен е штит околу срцето кое ќе страда ако го погоди само една стрела натопена во себељубие и егоизам. За обична средба со оние од истиот вид потребна е маратонска трпеливост да не се врати во иста мера и остане понизен до крај. Во секој случај, навистина горки утра. И зошто Бог нaместо помеѓу Богоугодливите ме сместил во незнабошците? Дали е тоа казна за непослушание или одговор на мојот непокор? И што да направам за тестот да го завршам со оценка која означува успешна квалификација? И дали ќе биде успех ако таа е максимална за моето поведение во постот кој го издржав меѓу другото со само дванаесет маслинки? И дали тоа беше вистински пост во кој повремено дозволував влез на мисла обременета со похот која ми ги нагризуваше сувиот леб и голтката вода? Можев ли со голтка вода таму да ги проголтам сите навреди упатени на мојата сметка, а да ми остане глас да одговорам смирено, монашки: „прости?“ Ако ѝ кажеш: „прости“, колку ли долго треба на вжештени камења да се гази за телото слабо да сфати дека престапот не смее да се направи утре? А што ако навистина припаѓам кај незнабошците? Добро што Бог посакал да јаде со грешниците. Ќе го видам на нашата трпеза само како присуство бидејќи погледот ќе ми биде наведнат кон земјата. Потоа ќе застанам во редот на болните, кај оние со изневерена совест. Процесот на поросување со бело и плакнење со чиста вода го заокружува покајанието. Сите излегуваме свети до наредниот грев. Кругот континуирано се повторува додека не сфатам дека крвта која е пролеана веќе ја платила цената, а мене ми преостанала само послушноста кон заповедите. Тие нема да бидат исполнети со оганот на свеќата набавена по највисока цена и од најпрефинет восок, со зачудувачка нефилантропска донација на институции за тешки болести, со кловновски гестикулации при молитвите заради предизвик на внимание или со жртва сепаленица чиј мирис ќе го надразни Бога. Тие ќе бидат исполнети со милоста кон телото свое да не биде храм нерасчистен повеќе и милоста кон ближниот свој кој припаѓа сега во нашата зона на љубов. И така ќе нема повеќе горки утра. Ќе му се заканам на темниот облак да не се осмели да се надвисне над нашиот хоризонт кој изобилува со светлина, а сенките ги третира како неканети гости. С.П. Апостол

Извор: http://agapi.mk/dajte-milost-a-ne-zrtva/