Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“ во населбата Точила – Прилеп

На 08.08.2026 година, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Светата маченичка Параскева (Петка) Римјанка, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофорот Влатко Ристески, игуменот Мојсеј (Тодоровски), протоерејот Љупче Петрески, ерејот Младен Јовчевски и протоѓаконот Драган Георгиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“, во населбата Точила, Прилеп.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар го ракопроизведе богословот Константин Соколески во чин чтец.
Во празнична и молитвена атмосфера, верниот народ се собра во храмот за заеднички да го прослави споменот на Светата маченичка Параскева Римјанка, која со својот живот, подвиг и маченичко сведоштво останува светол пример на непоколеблива вера и преданост кон Господа.
Светата Параскева, која уште од својата младост целосно Му се посветила на Христа, со својата вера и истрајност го посведочила Евангелието и останала верна на својот Небесен Женик до крајот на својот земен живот. Нејзиниот свет спомен и денес ги поттикнува верните кон молитва, покајание и живот исполнет со љубов кон Бога и ближните.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, примајќи го благословот и духовната радост на празничното евхаристиско собрание.
По молитвите на Светата маченичка Параскева Римјанка, Господ да нè утврдува во вистинската вера, да нè укрепува во искушенијата и да нè удостои секогаш со љубов и верност да Го следиме Христа.