Велики Петок – Утрена Богослужба со Чин на оплакување и погребение

На 22.04.2022 г., во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Утрена богослужба со Чинот на оплакување и погребение на Спасителот наш Господ Исус Христос.

Молчи устата на Спасителот, не зборува јазикот, ами говори срцето Негово. Чуј што ти порачува срцето на Спасителот:

Гледаш ли колкава е мојата љубов спрема тебе! Ти постојано стравуваш за своето спасение. Јас лежам мртов, Јас умрев за твоето спасение. А ти пак мислиш твоето спасение е невозможно. Зарем ќе очајуваш? Да, Јас однапред знаев, уште пред да се родиш, дека ти ќе се сомневаш и дека ќе очајуваш за своето спасение. Сите грешници се такви; кога грешат ништо не може да ги запре; за ништо не мислат, ами само за гревот и дури откако го сториле гревот, настапува стравот и мислат дека се пропаднати за секогаш. Јас ова однапред го знаев. Затоа и умрев, та со својата смрт да те спасам, душата да ти ја успокојам, та да престанеш да очајуваш. Знај, за таквите Јас умрев, за оние што велат: „За нас нема спасение!”

Грешнику, Јас не би умрел за тебе, кога би знаел дека нема да престанеш со твоето очајание, верувај, би ги задржало Моите страдања и Јас не би се доближил до Својата горчлива чаша. Мислиш дека би умрел? Гледаш ли колку е голема Мојата љубов кон тебе! Тешка и горчлива ми беше чашата на страданијата. Грешнику, ти чу колку болки, колку душевни маки Јас поднесов во Гетсиманската градина. Колку патев! И што ме поттикнало да одам во смрт? Мислата за тебе, грешнику, мојата желба да те спасам. Кога сред болките мислев на тебе, дека само моите страдања и мојата смрт ти носат спасение, дека без Мојата смрт за тебе нема надеж – о, да знаеш дека драговолно тргав да страдам, да ја исполнам волјата на небесниот Татко. Гледаш ли колкава е мојата љубов спрема тебе!

Тешко ми беше кога ме судеа. Сите ме обвинуваа, а Јас за тоа не ги окривував; за секоја измислена кривица ме тепаа. Јас молчев. И кога силните удари почнаа да паѓаат, Јас им зборував, тие пак ме тепаа. А кога замолчев, тие ме плукаа, ми се потсмеваа, ме ругаа, грешнику! И, најпосле, ме распнаа меѓу најголемите грешници, злочинци. Тешко ми беше да висам на крстот главата ми беше избодена од трнов венец, рацете и нозете ми беа прободени со клинци. Многу патев, а моите блиски што стоеа покрај крстот, не смееа да ми помогнат. Во тој час така ми беше тешко, што морав од длабочината на душата да воздивнам и не можев, а да не извикам кон Мојот Татко: Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?
А што ме гонело да трпам и ругање, и маки, и плукање, и удари, и крст и смрт? Мислата за тебе грешнику, мојата желба да те спасам од гревови! Ќе пострадам – си мислев – ќе се измачам, сѐ ќе претрпам, само тој грешникот, да не се мачи. И мојата желба да те спасам толку ми влеа снага, што сред страшните маки посакав пострашни патила и поголеми болки. О, зарем не гледаш колку е голема мојата љубов спрема тебе!
Никој не те сака повеќе од Мене! Ете, и својата душа ја полагам за тебе. Те сакав пред да се родиш, пред да згрешиш; те сакав кога не мислеше за своето спасение. И зарем, да не те спасам сега кога молиш за милост?!
О, грешнику мој, поради Моето страдање не очајувај, заради Мојата љубов; не биди малодушен поради Мојата смрт. Не стравувај, моли се, моли Му се на Бога да ти прости; ќе те спасам, колку и да ти се големи гревовите. Јас ќе те спасам, Јас ќе те оправдам.
Така ете, набожни христијани, Светата Црква како загрижена Мајка, подробно ги спомнува Христовите страдања; така, ете, срцето на Спасителот ти порачува од гробот, грешнику, да се увериш дека Господ ќе те спаси и ќе те помилува! Амин!