Монашки постриг во манастирот „Свети Јован Крстител“, во Слепче

На 05.09.2021 година, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во манастриот „Свети Јован Крстител“, во Слепче, во монашка риза потстрижа шест расофорни монахињи, четири монахињи во мала схима и една монахиња во големата ангелска схима.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ја имаме таа можност, заедно со сите нас да се израдувате на овој голем и спасоносен чин, монашење во расо и камилавка, мала и голема схима, за нашата Света Македонска Православна Црква. Црква, која нема монаси и монахињи, е во голема и тешка криза, но исто така, не секоја Црква, која има само на број монаси и монахињи, е богоугодна и на спасение на душите на оние што примиле ангелскиот чин т.е. схима или расо, како и оние, кои се во подготовка за тој ангелски чин, односно расофорните монаси, монахињи, искушеници и искушенички.

Затоа, не би сакал многу да говорам, бидејќи од сето она што имавме можност да го слушнеме при извршувањето на овој чин, кое навистина беше потресно за секој, кој што ја немал таа можност да се соочи и на некој начин да доживее ваков чин во присуство на оние кои што Му се заветуваат на Бога од срце и од душа. Сето тоа говори дека вие навистина дадовте големи завети на Бога, а меѓу другото, исто така слушнавте дека Господ нема да ве прими во Царството Небесно според заветувањето, туку според тоа, колку од она што сте го ветиле, ќе го исполните.

Ако го исполните ветеното, кое претежно беше јасно и конкретно кажано од сите вас, бидејќи чинот го извршувавме на литературен Македонски јазик, освен чинот голема схима, кој беше за сестрата Атанасија, која повторно и пак повторно го прима тој чин, односно докажува дека целосно Му се предава на Бога и се откажува од сите земни наслади и уживања, и го чека крајот на својот живот тука на земјата. Тоа е доволен доказ дека од срце и од душа вие го примивте овој ангелски чин. А тоа значи дека треба достојно до крајот на својот живот, до вашата смрт, ветувањата да ги исполните и радосно да го дочекате Христа нашиот Бог и Спасител во Царството Небесно, кое ни е нам ветено уште пред создавањето на светот.

Нека ви е честито и од Бога благословено примањето на ангелскиот чин расо и камилавка на 6-те сестри, како и мала схима на 4-те сестри,  а големата схима на сестра Атанасија, која за првпат, јас како владика имам можност да дадам голема схима на некоја од сестрите. Гледате колку е блажена нејзината насмевка т.е. во сета немоќ, таа има блажена насмевка, зашто длабоко во душата и срцето чувствува што примила и сега го чека Христа нашиот Бог и Спасител, Тој да и даде блажен живот.

Нека ви е честито и од Бога благословено примањето на вашиот чин. Не заборавајте какви ветувања дадовте пред Бога, овде во наше присуство, и како што ветивте, така да исполните. Господ нека е со вас, Мајката Божја, Пресвета Богородица, и светителките и светителите чии имиња ги носите. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар

За значењето на постригот во монашко достоинство

            Како што овцата е безгласна пред нејзините стрижачи, ти, доброволно жртвувајќи ја косата од твојата глава, торжествено преку тоа се одрече од сите телесни похоти, кои војуваат со нашиот дух, и предавајќи се целосно на Господа, даде завет „пристојно и непрестано да Му служиш Нему без пречка“ (1. Кор. 7, 35), за во сето разумно служење – „да Му се принесеш во жртва жива, света и богоугодна на Бога“ (Рим. 12, 1).  Сè што дава светот: бракот, богатството, па дури и најзначајното во светот, или времената слава, „не се занимавај веќе со надворешното плетење на косите, китењето со злато или облекувањето на облеки“, туку со внатрешноста во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух (1. Петр. 3, 3-4), „за да бидеш света, и со телото, и со духот“ (1. Кор. 7, 34).

Примајќи ја власеницата (хитонот) од рацете на потстрижувачот, ти тивко се одрече од задоволствата и даде завет на доброволно сиромаштво и безропотно трпение, при сите непријатности и таги во животот.

Положениот на тебе параман, е символ на твоето обручување со светиот ангелски образ и напоменување на благодатното Христово бреме, а Крстот, соединет со него, ти е даден – за постојано да си спомнуваш на Христовите маки и страдања, кои нас нè обврзуваат на кротост.

Расото (горната мантија) и подрасникот (долната мантија), во кои ти си облечена, како во покров на духовна радост, треба постојано да ти напоменуваат тебе на заборавеното, или можеби понекогаш и на должностите, кои сакаш/те да ги избегнуваш/те/, колку што е можно повеќе, очајувајќи и радувајќи се за тоа што Господ те/ве направи невеста/ти.

Појасот, со кој си препашана, од една страна, е сведоштво на безропотна послушност, кој е како воздух за градите, кој им е потребен на монасите и монахините, за да може да се открие во нив животот според духот, а од друга страна – е поттик за умртвување на телесните страсти.

Мантијата ја изобразува постојаната жалост и искрена тага заради Бога, Кој предизвикува неопходно покајување за спасение. Секојпат кога ја облекуваш, помни дека ти се облекуваш во оклопот на правдата, несебичноста и кротоста, подготвени на сите и на секого, на злото да му вратите со добро.

Камилавката е видлив залог и сведоштво за твојата искрена надеж или надеж за спасение.

Прифаќајќи го апостолникот, ти си се ветила на невиност, понизност и благоразумност, со кои од сега па натаму ќе треба да постапуваш во секое дело, слово, па дури и со помислите, желбите и чувствата.

Сандалите, како и појасот треба да ти служат како потсетник за несомнената подготвеност кон послушание, со кои ти постојано треба да врвиш низ твоето борилиште.

Што се однесува до бројаницата, знај дека таа е духовен меч, со кој ти треба да ги отфрлаш од срцето сите суетни помисли и лукави похоти, и да се потсетуваш на молитвата, која како по скала, ние треба смирено и постојано, слично на блудниот син да се стремиме кон Небесниот Отец.

Таквите завети, како најзрел плод на религиозна одушевеност и љубов кон Христа Бога, утврдувајќи ги во себеси, веќе понатаму исклучуваат било какво колебање или отстапување на избраниот од тебе тесен пат, кој води во живот, и обврзуваат секој ден да се стремиш сè повеќе и повеќе, кон моралното совршенство. Од сега, ти веќе не си слуга на светот и неговите похоти; ти го промени дури и самото име и облеката, така што удобно ќе можеш да се скриеш од светот и да не бидеш најдена.