Крстопоклона недела – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Четириесет Севастиски маченици и Свети Четириесет Битолски преподобномаченици“, во Битола

На 22.03.2020 г., во Третата недела од Великиот пост (Недела Крстопоклона), кога го празнувавме споменот на Светите Четириесет Севастиски Маченици и споменот на Светите Четириесет Битолски Преподобномаченици, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓор гиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свети Четириесет Севастиски маченици и Свети Четириесет Битолски преподобномаченици“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (сп. Марко 8, 34).

Овие зборови на Спасителот наш Господ Исус Христос, браќа и сестри, ги слушнавме денеска во денешното Свето Литургиско Евангелие, кои ќе се потрудиме да ги објасниме.

Имено, што значат зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе?“ (сп. Марко 8, 34). Кој е оној што треба да се одрече од себе и од што да се одрече? Тоа сме ние, браќа и сестри, кои треба да се одречеме од нашата грешна човечка волја, која се грижи само за земните и материјални богатства, да му угоди на телото, со прејадување, опивање и со секакви други нечесни и недостојни работи. Од тоа треба човекот да се одрече. Секој од нас треба да се одрече од стариот човек, а стариот човек, е човекот што живее во гревови, кој што има изопачен ум, кој што не мисли за Царство Небесно и вечниот живот, за Страшниот Суд, кога Господ Исус Христос повторно ќе дојде во слава со Своите Свети Ангели, за да им суди на живите и мртвите. Ете, од тоа треба да се одрече човекот. Па токму во таа смисла, во Светото Евангелие е кажано: „Кој сака да ја спаси својата душа, тој ќе ја загуби“ (сп. Марко 8, 35).

За каква душа станува збор, браќа и сестри? Станува збор за грешна душа, која живее во грешни наслади, грешни уживања, грешни чувства, грешни похоти и грешни страсти. Таквата душа постојано мисли само за земното и материјално богатство, како истото да го спечали, дали со крадење и измами, или со злоупотреби на работните места и.т.н.

Од сето ова човекот треба да се одрече, ако сака да се спаси.  Господ вели: „Кој сака таквата душа да ја спаси, ќе ја изгуби“ (сп. Марко 8, 35), зашто човекот кој ги мрази и клевети луѓето, кој измислува измами, кој постојано мисли како на некого зло да му направи, истиот не може да се спаси. Таквиот човек треба да се одрече од својата грешна душа и да прифати дека постои Божјата волја, а Божјата волја, браќа и сестри, е да имаме љубов кон луѓето, како што рекол Господ Исус Христос: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 34-35).

Денеска љубовта меѓу луѓето, браќа и сестри, е толку оладена, што скоро секој на секого завидува т.е. брат на брат завидува, сестра на сестра, татко на син, мајка на ќерка. Дотаму е дојдена работата, што никој никого не сака, освен неговиот личен интерес. Ете, затоа Господ повикува човекот да се откаже од својата грешна душа, зашто тој што сака на таков начин да ја спаси својата душа, тој ќе ја изгуби во Царството Небесно, а оној што ќе ја изгуби душата, заради Христа и Евангелието, тој ќе ја спаси.

Исто така, треба да се откажеме од нашата грешна волја, од нашите грешни постапки, од нашиот грешен живот, ако сакаме да ја спасиме нашата душа.

Само на тој начин, кога ќе ги намразиме во нас грешните мисли, грешните желби, грешните похоти, грешните фантазии, грешните страсти, ние ќе бидете вистински Христови последователи. Токму затоа Господ вели: „Кој сака да врви по Мене, нека го земе Својот Крст и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34).

Кој е Христовиот Крст? Христовиот Крст, браќа и сестри, е доброволното Христово доаѓање во светот, Кој излезе од прегратките на Отецот, за да стане човек, еднаков на нас луѓето во сè, освен во гревот. Ете, Христос токму затоа поживеал меѓу луѓето, го проповедал Евангелието и ни ја открил вистината за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светот Дух. Ете, откако сето тоа го направи за три ипол години, проповедајќи го Неговото Свето Евангелие, добороволно посакал да пострада заради нас и нашето спасение т.е. да биде тепан по плеќите, плукан по образите, шамаран, биен, на главата да Му стават трнов венец, неправедно да Го осудат, Крстот да Му го дадат да го носи на Голгота, а кога дошол на Голгота, бил распнат меѓу двајца разбојници, од кој едниот (благоразумниот разбојник), кој бил од десната страна, се покајал и го заслужил Царството Небесно, бидејќи Христос му рекол: „Уште денеска ќе бидеш со Мене во рајот“ (сп. Лука 23, 11), а другиот, кој хулел на Бога, не се спасил.

Ете, Христос нашиот Бог и Спасител, преку Неговата Света жртва, на секоја Божествена Литургија, ни Го дава Свето Пресвето Тело и Негова Света Крв, за прошка на нашите гревви. Па така, ако ние со вера пристапуваме кон Причесната т.е. Телото и Крвта Христови, ако им простиме на сите што ни згрешиле и ако побараме прошка од оние кои нам ни згрешиле, тогаш, браќа и сестри, можеме да пристапиме да се причестиме, не како достојни, туку како недостојни, како што се молиме во молитвите пред Причесната, а исто така и како што вели Светиот апостол Павле дека е привиот меѓу грешните. Ако Свети апостол Павле, кој е привиот меѓу апостолите со Свети апостол Петар, вели дека е најгрешниот човек, тогаш каде сме ние?

Што значат Христовите зборови: „Кој сака да врви по Мене, нека го земе Kрстот свој и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34)? Овие зборови значат дека како што Христос стралдал, и ние да дозволиме да страдаме во животот, а не да роптаме за нашите срадања, туку истите да ги прифатиме како начин на живот, бидејќи ако Христос за нас пострадал добороволно, тогаш ние барем да покажеме љубов кон Него дека сме Негови последователи.

Овој Велогденски пост, е пост на покајане, па токму затоа, секој треба да размисли  за гревовите што ги направил и да побара прошка. Исто така, браќа и сестри, покајанието значи, ние да се откажеме од нашиот грешен живот и да ветиме дека повеќе нема да грешеиме, односно ако сме лажеле, во иднина само вистината да ја зборвуваме, зашто кажано е дека татко на лагата е ѓаволот, а сите што лажат се негови чеда.

Затоа, браќа и сестри, нема оправдување за никого што лаже, кој и да е, почнувајќи од мене. Ако јас почнам да лажам, кажете: дедо владика лажеш, a ако не се поправам, не треба повеќе да бидам владика. Тоа важи за секого, почнувајќи од мене, па натаму.

Токму затоа, браќа и сестри, во една наша поговорка се вели: „Кој лаже, тој краде“. И навистина, тие што лажат, мора да крадат, оти за да се украде, мора да се излаже. Не можеш да украдеш човек, ако претходно не го излажеш. Само Господа не можеме да Го излажеме. Можеме да се лажеме себеси и другите луѓе, но Бога не можеме да Го излажеме.

Затоа, браќа и сестри, да се ослободиме од лагите, кражбите, злобата, клеветењето на луѓето и од сите грешни дела.

Би сакал да се обратам до оние кои сега нѐ сликаат, да знаат дека ние овдека  дојдовме да се помолиме, а не да правиме зло. Еве, според прописите на власта, Божествената Литургија ја служиме надвор и стоиме разделени едни од други, со цел да ги исполниме дадените наредби. Ние се собираме на заедничка молитва, за да се помолиме на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Оние што вистински се молат, можат повеќе да помогнат од сите други што се трудат. Преку молитивте на верните, Господ може да спречи секаква болест и секакво зло. Нашата црковна историја тоа го потврдува.

Па така, браќа и сестри, кога се вели дека треба да одиме по Христа, земајќи го нашиот Крст, т.е. страдањата, болките и потешкотиите, се мисли дека треба да одиме онака, како што Христос одел т.е да имаме ум Христов, како што вели во Светото Писмо. Само на таков начин ќе Го следиме Христа и ќе одиме по Него. Поинаку ние не можеме да одиме по Христа нашиот Бог и Спасител.

Затоа, браќа и сестри, денес собрани во оваа Света обител да се помолиме за болните од секаква болест, а особено за оние кои што страдаат од овој смртоносен вирус Kovid-19. Исто така, во овие денови на искушенија, да се помолиме за тажните, за сираците, за сиромасите, за вдовиците и за сите кои имаат потреба од Христовата помош, како што се молевме во молитвите на Свети Василиј Велики, на оваа Божествена Литургија.

Во тој дух, браќа и сестри, и Светите Четириесет Битолски преподобномаченици и Светите Четириесет Севастиски маченици, го направиле истото т.е. Го зеле Христа нашиот Бог и Спасител за Свој образец како што вели Самиот Христос: „Јас Сум вашиот образец“.

Свети апостол Петар вели: „Како што Христос ни е пример и во Него имаме образец какви треба да бидеме, така и ние треба да живееме и да се угледаме на Него“, а Свети апостол Павле вели: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 1, 11). Немаме подобар углед, од оној на Свети апостол Павле, кој од грешен човек, кој ја гонел Црквата Божја, станал Христов апостол, кој за себе вели: „Не сум достоен, да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја, но од сите Апостоли повеќе се потрудив“ (сп. 1. Кор. 15, 9), а понатаму објаснува, „не јас, туку Божјата благодат, која е со мене“ (сп. 1. Кор. 15, 10).

Па така, браќа и сестри, ако Свети апостол Павле се угледал на Христа до таа мера, па да рече: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20), тогаш и ние да живееме така, како што живеел Свети апостол Павле т.е. да не живееме ние, туку Христос да живее во нас.

Затоа, мојот апел до сите вас, браќа и сестри, е да ги исчистите и избришите иконите во вашите домови, на кои можеби се наталожила прашина, оти доволно не се молиме. Кандилата убаво исчистете ги, ставете ново масло и нови пливки и запалете ги. Со темјан секојдневно кадете ги вашите домови, а исто така, попрскувајте ги со Светата Богојавленска вода, од која благословувам да пиете наутро поле утринските молитви, а со  осветената вода, која вашите парохиски свештеици ја осветуваат во вашите домови, пијте од неа напладне и навечер, бидејќи осветената, сѐ осветува. Осветената вода го убива и овој вирус Kovid-19, бидете сигурни во тоа. Истото тоа го кажа и Светиот патријарх на Грузиската Црква Илија, кој вели: „Најголемата заштита против овој корона вирус, е осветената вода“.

Браќа и сестри, уште поголема заштита од овој вирус, е Причесната т.е. Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител. Оние што се тешко болните или се заразени со корона вирусот, нека седат дома, но ако се во смртна опасност, нека повикаат  свештеник, за да ги причести дома, а оние кои се здрави, нека се причестуваат во храмовите, разделени едни од други според прописите на власта.

Да не заборавиме дека само преку постот, молитвите и подвизите, ние можеме да се избориме со секое зло.

Па така, браќа и сестри, по молитвите на Светите Битолски преподобномаченици, кои овде на оваа карпа ги положија своите животи, пролевајќи ја својата Света крв и по молитвите на Светите Четириесет Севастиски маченици, кои во езерото замрзнаа заради нашата Света Православна Вера, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години.

Да ги удвоиме нашите молитвите, браќа и сестри, за Господ да ја отргнеме од нас оваа смртоносна болеста што доаѓа на нас, а оние што се дојдени тука да снимаат и сликаат, со цел потоа да пуштаат клипчиња и да кажуваат дека се собирме во Црквата на Света Божествена Литургија за да шириме зараза, нека знаат дека ние во Црквата не се заразуваме, туку се лекуваме.

Црквата е најголемата болница и од неа поголема нема. Што се однесува до правилата и прописите на одговорните власти, да стоиме на растојание едни од други, истите ги почитуваме и ќе ги почитуваме сѐ додека трае пандемијата.

Честит нека е празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар