Старец Порфириј Кавсокаливит и неговиот „телевизор“ – II дел

Исцеленија

Старецот можел да ги лекува болните со допир. Еднаш него го посетил еден доктор со својата жена. Кажувајќи му ги на старецот маките кои ги мачат, и добивајќи исцрпни одговори за нив, сопрузите станале да се збогуваат со старецот. Отец Порфириј, со својата татковска насмевка на лицето, ја зел раката од сопругата од докторот, и ја допрел на тоа место, каде што таа имала силна болка. Старецот ништо не знаел за таа болест, која тие многу време се обидувале да ја излечат со помош на инјекции и силни против-воспалителни средства. Кога отец Порфириј ја зел нејзината рака, жената почувствувала топлина, која поминала по целото нејзино тело и почувствувала мала вртоглавица. Но тоа чувство веднаш поминало, а со него и самата болка во раката. Жената со солзи му кажала на старецот: „Вие, оче,  и во тоа се разбирате?“ Од тој монент, таа ги исфрлила лекарствата и повеќе не се обраќала кај доктори.

Отец Порфириј исцелувал не само луѓе, туку и животни. Во еден неделен ден, во Северна Евија, каде што тој се одмораше, се случи следнава случка. Една жена го замолила отец Порфириј да се помоли за нејзиното стадо кози, кои биле заболени од некоја болест. Отецот се согласил и застанал пред козите, ја подигнал својата рака кон небото и почнал да чита различни стихови од псалмите, кои се однесуваа на животните. Само што ја завршил молитвата и ја пуштил раката, од стадото излекол јарец, дошол до отецот, ја целивал неговата рака и пополека се вратил назад.

Бог знае сè

Еднаш, отецот и три негови духовни чеда се умориле и решиле да повикаат такси, за да стигнат до манастирот. Во тој миг во далечината здогледале такси. Тројцата сопатници на старецот решиле да го застанат таксито. „Не се вознемирувајте, – им рекол отецот, – таксито само ќе застане. Но, кога вие ќе седнете во него, нема ништо да разговарате со таксистот, само јас ќе разговарам со него“. Точно така и се случило. Таксито застанало, иако тие не кренале рака, сите седнале во него и старецот му кажал, каде треба да ги однесе. Само што таксистот почнал да вози, веднаш почнал да ги обвинува свештениците во сите смртни гревови. Секој пат, кога тој брборел (говорел) за некое обвинение, се обраќал кон духовните чеда на старецот кои седеле назад со зборовите: „Нели е така, деца? Што ќе кажете вие на тоа?“ Но тие, заради послушност, седеле и молчеле. Кога таксистот разбрал, дека тие не сакаат да му одговараат на прашањата, тогаш се обратил кон отец Порфириј и го запрашал: „Што ти ќе кажеш, старче? Тоа, што го пишуваат во весниците, – сè е вистина, нели е така?“ Старецот одговорил: „Синко, сега ќе ти раскажам една кратка историја. Ќе ти ја раскажам само еднаш, бидејќи нема да сакаш да ја слушнеш два пати. Си живеел на едно место (тој го кажал и местото) еден човек, кој имал постар сосед, кој поседувал големо земјиште. Еднаш во ноќта тој го убил соседот и го закопал вземи. Потоа, ползувајќи се со лажни документи, он си ја присвоил земјата од соседот и ја продал. И знаеш, што купил тој со тие пари? Си купил такси“. Само што ја слушнал таксистот таа истотија, целиот се стресол, се свртил на другата страна од патот и извикал: „Молчи, оче. Само ти и јас знаеме за тоа“. „Бог исто така знае за тоа, – одговорил отец Порфириј. – Он ми кажа мене, за јас да ти го кажам тебе. Гледај, покај сè и поправи го својот живот“

Старец Порфириј и по смртта е жив

Кога отец Порфириј се упокоил во Господа, едно негово духовно чедо се наоѓало на работа во друг град и не знаело за смртта на отецот. По враќањето во Атина кај него се појавиле некои семејни проблеми, и тој како и секогаш решил да му се јави на отец Порфириј за да се посоветува. Тој го зел телефонот, го свртел бројот и го слушнал гласот на старецот. Го поздравил старецот, зел благослов од него и почнал да ги излага своите потреби. Старецот го ислушал, и му дал важен совет. Израдуваното духовно чедо му рекло: „Јас за скоро, само што ќе се ослободам ќе дојдам кај вас“, на што отец Порфириј му одговорил: “Не ми ѕвони повеќе, бидејќи јас сум веќе починат“.

Но, Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите, и ние веруваме и знаеме, дека старец Порфириј е жив во Бога и ги слуша нашите молитви и силно посредува за нас грешните пред престолот на Севишниот.

Преподобни оче Порфирие, моли го Бога за нас!

Извор: http://valermoch.livejournal.com

Превод: Игор Ризановски

Претходно: Старец Порфириј Кавсокаливит и неговиот „телевизор“ – I дел