Старец Гаврил (Велички) Светогорец – Поуки

На 12.01 кога  е споменот од упокојувањето на Епископот Велички Гаврил Светогорец, да се потсетиме на неговото слово:

Бескрајна е Божјата љубов и благост кон луѓето. Он нас нѐ љуби силно, бидејќи сме Негов род. Иако ние секој час се откажуваме од Бога, Он лесно не се одрекува од нас. Но, сепак, помило Му е кога луѓето нарочно Му се обраќаат. (…) Човекот треба да се одвои од светот и да тргне да Го бара Господа. Дури во тишината на осаменоста Бог се впушта во дијалог со човекот. Во вистински, пријателски и доверлив разговор – лице во лице, очи во очи, срце кон срце!

Чудни луѓе се монасите. Попрво, тие не се обични земни луѓе, туку надземни, кои светлината на својата душа смерно ја кријат под темното одејание. (…) Од Бога се вооружени со сила зa да им се спротивставуваат на вековите и милениумите. (…) За нив, кои излегле од времето и зачекориле во вечноста, времето од 2000 години е како еден ден ( 2. Петар 3, 8.), а за еден ден колку може човек да се смени?

Деноноќието да има и трипати по 24 часа, монахот ни тогаш не би можел да најде време за световна разонода. Тој за молитвата жртвува сѐ, а молитвата не ја жртвува за ништо.

Бог им се открива на оние што Го бараат во толкава мера колку што од нив е баран, секому, без разлика, на кој и да било начин да Го бараат. И тоа се открива во вид што ним најмногу им одговара. Разбојникот во последниот момент, на смртниот час, од крстот Го побарал Господа и Го нашол. Другиот разбојник не Го барал и не Го нашол.

Времето потрошено за Бога, грешиме ако го сметаме за изгубено, или, пак, недоволно искористено, како што честопати си мислиме. Некојпат можеби ќе се најде некој безверник да нѐ укори, префрлувајќи ни каква полза имаме од секојдневното повторување на речиси исти молитви, кои одамна сме ги научиле напамет. Такво нешто, било да чуеме отстрана, било да се зачне во нашиот ум, доаѓа од лукавиот, кому му пречи нашиот успех, зашто добро знае дека тоа е света работа и претставува чисто богатство кое се чува на небото. А сатаната оттаму не може да го грабне.

Патиштата што водат кон Бога и нашиот Спасител, во својата основа се прости и едноставни. Нив ги компликува, отежнува или оневозможува нашето сладострастие и неумерените животни желби, кои невнимателно и потсвесно стапуваат во контакт со непријателот на нашето спасение. Па поради тоа, молитвата кон Бога претставува не само леб на душата, туку нешто повеќе од тоа – нејзин живот. А Бог, Кој ги знае и гледа нашите потреби и желби, ќе направи она што секој татко би го направил за своето добро и послушно дете, зашто Бог е Татко на татковците. Татко на сите.

Тропар, гл. 8

Имајќи ја светската слава, си го оставил светот

и на пат кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил.

Со пост, бденија и молитва си го запазил целомудрието, богобојазлив Гавриле.

Моли Го сега Христа нашиот Бог, да го умножи монаштвото,

да ја запази Црквата наша и

светот да го спаси.

По неговите свети молитви,Господи Исусе Христе помилуј не.