Што е љубов? (и други текстови) – Архимандрит Андреј Конанос

Отец Андреј е познат проповедник, долгогодишен водител на емисијата „Невидливи премини“ (Αθέατα ππεράσματα) на радиото на Пирејската митрополија. Во многу градови во Грција, Кипар и САД, луѓето го повикуваат да држи предавања за духовните проблеми; текстовите од неговите беседи на радио ги објавуваат водечки православни сајтови во различни земји, а потоа, истите излегуваат како засебни зборници.

Љубовта, која во нашиот свет ја има сè помалку и помалку и која е погрешно сфатена – е една од главните теми на предавањата и беседите на архимандрит Андреј.

 

1 Дел. Да сакаш, значи да им посакуваш добро на другите

 

На секому своето. Oна што не ми се допаѓа мене, воопшто не мора да значи дека нема да му се допадне на нeкој друг. И напротив: воопшто не е факт, дека она што мене ми се допаѓа сигурно ќе ти се допадне и тебе. Затоа, имаме право на слободен избор: што да слушаме, која емисија, што да сакаме, каква музика да слушаме. Не сме во состојба да ги промениме другите. Зар не е така?

Меѓутоа, постои нешто што треба да нè обедини сите нас, без оглед на несогласувањата, на различните погледи и на тоа што меѓусебно не личиме. Тоа е љубовта. И таа нека не пресуши во нашите души. Љубовта секогаш нека биде меѓу нас и нека нè држи заедно како карика. Тогаш нема да чувствуваме никаков антагонизам. Нема со никој да бидеме во непријателски односи, поради било која причина во овој живот. Затоа што, нас нè обединува заедничка болка и заеднички непријател: смртта. И заедничко тежнеење кон животот, кон воскресението, среќата и радоста. Сите ние, луѓето, во најдлабока смисла сме поврзани со овие основни поими.

Ајде да се сакаме, без оглед на тоа што сме различни. Секој има свој карактер. Но, што рекол Христос? „По тоа сите ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13,35). Не рекол, на пример: сите ќе ве познат дека сте Мои ученици ако слушате иста музика, ако сите имате исти погледи или ако исто живеете. Секој од нас има свој карактер: ти имаш еден, јас имам друг. Зашто и за време на Светата литургија, секој се моли на свој начин: твојата душа се радува, мојата чувствува умиление, секој молитвата ја доживува на свој начин. Зар не е така? Но, сите ние за време на Литургијата чувствуваме љубов. „По тоа сите ќе ве познаат, – вели Христос, – дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе.“ Тоа е најтешко. Најтешко е да се сочува љубовта.

Но како? Како можеме да сакаме, ако тоа прво не го научиме? Тешко е да сакаш. Дали сакаш? Сакаш. Ги чуваш во сеќавање оние кои ги сакаш и велиш: „Го сакам, ја сакам, чувствувам слабост кон овој или оној човек, ќе умрам за тој и тој…“ И тоа се смета љубов. Сето тоа го нарекуваме со еден збор – љубов. Многу е тешко вистински да кажеш „те сакам“. Тоа е подвиг. Љубовта е врв. Таа е совладување, а не нешто секојдневно и вообичаено. Некаде прочитав за еден старец, игумен на манастир. Во манастирот биле во тек подготовките за хиротонија на еден монах. Веќе бил ракоположен за ѓакон. На денот на хиротонијата игуменот излегол на манастирската капија да го дочека почесниот гостин – митрополитот, кој се спремал да дојде на свеченоста, заедно со другите угледни гости. Покрај игуменот во манастирот влегувало мноштво од луѓе. Обични верници, монаси и други. Следниот ден, кога се завршило сѐ, игуменот ги собрал браќата и рекол:

– Драги мои отци, треба да ве напуштам за некое време. Морам да одам за подобро да се видам себеси.

– Зошто да си одите од нас? Ние многу ве сакаме!

– Да, но вчера станав свесен за нешто.

– Што спознавте, геронда? – го прашале.

– Додека стоев на капија и ги чекав гостите кои доаѓаа на хиротонијата забележав, дека кога се приближуваше угледен човек, некое официјално лице, рацете ми стануваа влажни од возбуда. А кога влегуваа обични верници рацете ми беа суви како обично. Различно реагирав на различни луѓе.

– Да, – рекле – и што има тука чудно? Зар тоа не е природно?

– Можеби тоа за вас е природно, но јас, вашиот пастир, требаше досега да научам во својот живот сите да ве сакам подеднакво. И подеднакво пријатно да се чувствувам со секој. Да ги сакам сите и да не се плашам од никого, да не се тресам пред едни и да не бидам храбар пред други. Треба да бидам во срцето со Бога, да пребивам во Бога. Затоа ќе заминам на кратко време за да погледнам подобро во себе. Овде, поради секојдневни работи и управувања, сум престанал да се загледувам во себеси.

И тој, некое време заминал од манастирот, да би се загледал во себе, да пронајде во себе одговори на прашањата: Дали сака? И што сака? Дали е прозрачен за сè? Дали е искрен со сите? Дали е отворен за сите?

На пример, велиш: сакам. Но „сакам“ понекогаш значи „потребен си ми“. И тогаш тоа веќе не е љубов поради љубов. Да, навистина, некои луѓе ни се потребни. Но тоа воопшто не значи дека ги сакаме. Да сакаш, значи да му посакуваш добро на оној кој го сакаш. Да се грижиш за него. Ако гледам дека човек може да напредува во нешто, му посакувам напредок, дури иако тоа не ми е „од корист“.

Размисли: „Сакам моето дете да се развива, затоа што го сакам, и не ми е важно каде ќе отиде заради тоа. Нека оди да се образува во било која земја во светот ако тоа го сака. Зашто го сакам и му посакувам добро. А, ако е за негово добро да ги рашири крилјата и да одлета од мене, ќе го почитувам тој чекор. Затоа што го сакам. Но многу ќе ми недостасува! Моите очи нема да го гледаат и моите раце нема да го допираат, нема да го милуваат, нема да го прегрнуваат. Мојот малечок, моето чедо, нема да биде покрај мене.“

Кога вистински сакаш, пред сè, размислуваш за оној кој го сакаш, за негово добро. Тоа е тешко. Еве што ми раскажа едно момче. Неговиот татко многу сакал синот да се запише на факултет. Тоа го сакал „за доброто на синот“ (така мислел). Му зборувал: „Сакам да се запишеш. Те сакам, дете мое. Тоа ти го зборуваме за твое добро, се грижиме за тебе“. А момчето одговорило: Но, зарем јас не правам сè што можам? Правам. Ќе се потрудам. Ќе ги вложам сите напори.“ Се трудел, сиромавиот, учел, но на крајот паднал. Не се запишал. И татко му во напад на гнев му рекол (кога се гневиме понекогаш го откриваме своето вистинско лице и ќе ни се испушти она што навистина го чувствуваме, покажувајќи какви сме навистина) рекол: „Готово! Ќе бидеш неуспешен во животот. Како утре да одам на работа и што да им кажам на оние чии деца се запишале? Ќерката на колегата од канцеларијата се запишала. Како утре да му излезам пред очи и да кажам дека не си положил. „Синот ја сфатил неговата порака: „Татко ми секогаш ми велеше дека ме сака и сега мојата вредност паднала во неговите очи. Штом не се запишав ми соопшти дека не ме сака. Не успеав и тој веќе ме спореди со ќерката на колегата и ме прекорува поради тоа што утре ќе му биде срам заради мене на работа“.

Но, зарем љубовта поставува услови?! Те сакам ако се запишеш“, „те сакам, ако поради тебе нема да морам да се црвенеам“. „Па добро, – ќе речете, – сеедно го сакаме своето дете, не претерувај“. Да, но виде што рече? „Како утре ќе им излезам на комшиите пред очи? Што ќе им речам на луѓето? Како ќе го покажам вистинското лице на моето семејство? И како да кажам дека мојот син оваа година не се запишал?“ Но, што всушност се случило? Зар човекот вреди во зависност од тоа дали се запишал и дали има диплома? Зарем, за да го сакаме човекот е потребно да биде способен за изучување наука? Не, драги моi. Јас го сакам човекот со што и да се занимава, како што и нас Господ нѐ сака.

Го прашав едно дете: „Кога правиш грев, како го чувствуваш Бога“? И детето одговори: „Чувствувам дека ме гледа со чудење, со жалење и дека се лути на мене“. Некој друг рекол: „Чувствувам дека Бог ќе ме казни“. А светителите кажувале: „Кога грешиме и кога сме грешеле во својот живот, чувствувавме дека Бог нè прегрнува уште потопло, уште пожешко, со поголема љубов, затоа што тогаш ни е потребен уште повеќе.

Бог го сака секое свое создание. Он те сака и тебе, ме сака и мене. Не само кога живееме добродетелно, туку и кога не живееме баш најдобро, кога правиме грешки и кога паѓаме.

Бог те сака дури и кога стануваш блуден син. И тогаш имаш вредност во Неговите очи, не затоа што си добар или лош, туку затоа што си дело на Неговата љубов, што си дело на Неговите раце. Имаш вредност и одиш на патот на кој се бориш и војуваш. И Бог не ти суди, затоа што знае дека она што си денес – е само момент, извесна етапа во твојот живот, а можеби и искушение кое го надминуваш, и знае дека пробуваш да се поправиш. Не ти успева, но Бог сеедно те сака. Ти си како сликарско платно кое го гледа Христос и гледа како се трудиш да соработуваш со Неговата благодат, да ја земеш Неговата четка и да го насликаш Неговиот лик во своето срце, ликот Божји, ликот на Христовата љубов. Но не можеш. Правиш грешки: овде ќе направиш дамка на платно, овде го бришеш тоа што си го намачкал, овде се превртуваш наопаку. Знам дека денес си погрешил. Но знам дека твоето платно сѐ уште е во процес на создавање и не донесувам никакви заклучоци за тебе. Те почитувам. Не те споредувам со никој, – вели Бог.

ПРОДОЛЖУВА

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог