Покров на Пресвета Богородица и Свети Јован Кукузел во Прилеп

На 1-ви (с.ст)/ 14-ти (н.с) октомври 2017г., на Празникот Покров на Пресвета Богородица, кога Светата Православна Црква со благоговение го чествува и споменот на ангелогласниот и преподобен отец Јован Кукузел, во храмот на Св.преп.мч-ца Параскева – Петка, беше одржана Света Божествена Литургија. На свечената богослужба, која беше отслужена од страна на протоереј о. Живко Деподовски, учество зедоа двата хорски ансамбли при овој храм, со што двојно го разубавија двојниот празник. Во вдахновената беседа, отецот Живко припомна како е востановен овој празник, т.е. во спомен на видението на јуродивиот Андреј и неговиот ученик Епифаниј. Тие, кога присуствувале на сеноќно бдение во Влахернската црква во Цариград, ја виделе Мајката Божја со мноштво пророци, апостоли, маченици, светители, како се моли на Нејзиниот Син, нашиот Господ Исус Христос, за верните во храмот, покривајќи ги  со Нејзиниот Омофор. Со тоа била потврдена постојаната заштита на Мајката Божја и нејзиното застапништво за целиот род христијански, како и за секој човек кој прибегнува на помош под нејзиниот покров и молитвена закрила.

Осврнувајќи се на дел од житието на преподобниот Св. Јован Кукузел, отецот ги потсети присутните верници на еден несекојдневен јубилеј ва нашата МПЦ, а тоа е 25 годишната дејност во областа на црковното пеење и хорската музика, на протопсалтот м-р Георгиј Секулоски. Уште од формирањето на првиот хор за источно-црковно пеење „Митрополит Методиј Кусев“ во варошката парохија, каде о. Живко пред 17 години, беше парохиски свештеник, преку останатите ансамбли во Ресен, Велес, Гевгелија, Скопје итн., како и делувањето на нашите хорови при храмот – „Свето Благовештение“ и „Света Петка“.

По светата богослужба, на општа радост на сите присутни, пред иконата на преподобниот (дело на монашкото братство од манастирот Св. Преображение – Зрзе), беше прекршен празничен колач во чест на Пресвета Богородица и Св. Јован Кукузел. Изразена беше заедничката желба на присутните  верници, овој благ Празник на Покровот Богородичен да биде одбележуван секоја година. На крајот од страна на двата хора беше испеано многулетствие. На здравје, на спасение и На Многаја Лета!

 

Известува: чтец Дамјан Трпкоски