Возљубени браќа и сестри,
Скопската православна епархија ги поканува сите чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, овој викенд (сабота 23. септември и недела 24. септември) да учествуваат во торжествениот чин на впишување на архимандритот Јоаникиј Ракотински во списокот на светиите.
Прославата ќе започне во сабота во 17:30 ч, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Скопје, со Воскресна вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува епископот Хераклејски г. Климент, во сослужение на презвитери и ѓакони од Скопската епархија. По Вечерната, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ќе отслужи парастос за архимандритот Јоаникиј.
Во недела, со почеток од 08:00 ч., кивотот со моштите на преподобниот Јоаникиј во литија ќе се упати од мостот „Гоце Делчев“ кон Соборниот храм.
Во 09:00 ч. ќе започне Литургијата на која ќе биде објавена одлуката за канонизирањето на архимандритот Јоаникиј, а со неа ќе чиноначалствува Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со сите архиереи на МПЦ-ОА, како и бројно свештенство, и притоа сите присутни ќе можат да се поклонат на моштите на преподобниот Јоаникиј.
Со љубов во Христа
Скопска православна епархија
Извор: http://spe.org.mk