Некои луѓе ми кажуваат дека се соблазнети, бидејќи гледаат многу погрешни нешта во Црквата. Јас им велам дека ако ја прашате мувата: „Дали има цветови во оваа околина“? ќе ви каже, „Јас не знам за цветови, но таму има купче ѓубре, во кое можете да најдете нечистотија, колку што сакате.“ И ќе продолжи да ги набројува нечистите места на кои што била.
Ако пак прашате пчела: „ Дали си ја видела сета оваа нечистотија во оваа околина?“ ќе ви одговори: „Нечистотија? Не, не сум видела; местово овде е полно со најубавите цветови.“ И ќе продолжи да ви ги именува сите цветови во градината.
Гледате, мувата знае само каде е нечистотијата, додека пак пчелата знае каде е убавиот мирис или зумбул. На крај, сфатив, дека некои луѓе повеќе личат на пчелата, а некои на мувата. Оние, кои личат на мувата се обидуваат да го најдат злото во секоја прилика и се преокупирани со тоа; тие не гледаат добро никаде. Но, оние кои личат на пчелата го гледаат доброто во сè што гледаат. Глупавиот човек размислува глупаво и сè сфаќа на погрешен начин, додека пак човекот кој има добри мисли, без разлика што и да гледа и што и да му кажете, одржува позитивна и добра мисла.“
Св. Паисиј Светогорец
Превод: Дамјан Божиновски