Кој е главен?

Ми се чини дека кај Губермен има една смешна случка за еден советски писател, кој бил на работа во Америка, и на кого му ги украле сите пари. Писателот скитал по улиците на градот во голем очај и одеднаш видел реклама на руски јазик: „Литературно општество во чест на Лев Толстој“. Тој отишол таму, и добил средба со претседателот на општеството и го замолил да му позајми пари за билет, – но претседателот одбил да му даде. Писателот го молел, но сè било залудно. На крај, тој огорчено рекол: „Сепак, Лев Николаевич не би го одобрил вашето одбивање“. Претседателот се намуртил, агресивно го погледнал писателот и го прашал: „Кој е сега тој Лев Николаевич?“.

Си спомнувам за таа случка во врска со ова.  Разговарајќи со православни луѓе, понекогаш откриваш необични работи. Таа необичност, е отсуството на интерес кон личноста на Господа Исуса Христа.

На кој начин? На пример, разговараш со човек за црковните новости, за политиката, за некои заеднички познаници – и разговорот си течи. Но, ако текот на разговорот го насочиме кон Христа и Неговото учење, наеднаш се појавува некој неразбирлив вакум, кој не можеме со ништо да го пополниме. Покрај тоа, многумина дури и се срамат да отворат слична тема, бидејќи им станува неудобно, како да станува збор за нешто неприлично. И размислувам во таквите моменти: каква би била реакцијата на апостолите, ако би знаеле, дека некогаш ќе се појават христијани, кои се срамат да говорат за Христос, едни со друди? Христијани, кои немаат мисли за Господа, и при тоа со часови разговараат за фудбал и политика?

Се случува, човек верник да прочита многу различни книги и статии, но Евангелието – ниеднаш. Или, на пример, дома кај христијанинот да има цела галерија на икони – од свети Никола, од блажена Матрона, од преподобен Сергеј, – а ликот Христов да е поставен во некој ќош, и иконата на Спасителот според размерот да е најмала. Или некој ќе ти рече: тој и тој старец вели така и така да постапуваме. Го прашуваш: а како говори Христос да постапувама во сличнава ситуација? Молк.

Ми се чини, дека ние понекогаш забораваме, Кој е Главен во христијанството.

***

Децата на училиште го гледаат учителот и од него земаат пример. Во спортските секции се угледуваат на тренерот како на свој пример и него го имитираат. Музичарите со часови ја слушаат музиката на својот учител, обидувајќи се да ја копираат неговата музика. На сличен начин, христијаните имаат свештена задача молитвено да го созерцаваат Христа и да се учат да го следат, исполнувајќи ги Неговите заповеди. Христос – е Тој, Кого ние го гледаме и Кого го слушаме. Само Он е во вистинска смисла Учител и Наставник. Светите отци, духовниците, парохиските свештеници само ни ги коментираат и објаснуваат заповедите Христови, ја разоткриваат Неговата волја за нас, нè водат кон Него. Дури и најблагодатниот духовник не може да нè натера да го љубиме Христа, ако ние самите не бараме да имаме љубов кон Него.

Ако некој многу ги сака, да речеме, трките – тој ќе собира информации за овој вид на спорт, ќе чита за тоа, ќе размислува, ќе разговара со пријателите. Ако некој реши да го посвети својот живот, на пример, на џезот – тој ќе сака да знае сè за џезот. На христијанинот исклучително интересен треба да му биде Христос. Ученик на Христа е оној, кој постојано за Него чита, разговара, размислува, се моли на Христа и ги проповеда Неговите свети зборови. Христос е главната љубов во христијанскиот живот и нејзин смисол, и ако таа љубов не го стопли срцето, тогаш тоа е болно од рамнодушност и маловерие.

***

Може ли да се одржи духовниот живот, ако не биде изграден христоцентрично? Нашата православна литература, предлагајќи ни разни препораки за духовниот живот, нè советува, меѓу другото, да го читаме Евангелието, обраќајќи внимание на ликот на нашиот Господ Исус Христос. Размислувајќи за Богочовекот, неопходно е да правиме разлика помеѓу својот позив и тоа, кој сум јас во реалноста. Богочовекот – е огледало, во кое христијанинот е должен секојдневно да се огледува. Во ликот на совршениот Човек е потребно да се вгледуваме, за да го измериме векторот на својот развој, за да ги пронајдеме своите болести и да разбереме, што треба да лекуваме. Ако не знаеме, какви треба да бидеме, тогаш нема да разбереме во што треба да се каеме.

На темата за покајанието, потребно е малку да подзастанеме. Светите отци ни говорат, дека покајанието е почеток и крај на духовниот живот. Покајанието во светоотечкото разбирање – е да ја откриеме за себеси, да ја сфатиме трагедијата, која се состои во ужасната празнина помеѓу она, кое треба да бидеме и кое всушност сме. Какви сме ние, ни е познато. Но како да дознаеме, што треба да менуваме во себеси и кон што да се стремиме? Црквата ни одговара: погледнете на Исуса Христа. Он е новиот Адам, родоначалникот на обновеното човештво, идеалот на човекот. Он е Тој, во Кого ние сме должни да растеме, според причасноста во Неговата благодат.

Покајанието е позитивен поим, не негативен. Тоа почива на љубовта кон Бога, а не во потрагата на своите гревови. Во центарот на христијанскиот живот стои Христос, а не јас со своите прегрешенија. Во тајната на покајанието ние се движиме пред сè кон Бога, а дури потоа внатре во себе. Покајанието има за цел, не само очистување, но и исполнување – со Христос и Неговата благодат. Ако во покајанието на човекот не му е интересен Христос и Неговото Евангелие, тогаш тоа не е покајание, а духовна болест. Тоа е исто како ние да сме отишле на доктор само за да му ги покажеме своите рани, и да си отидеме неизлекувани. Гревот – е преграда на патот кон Христос, која е неопходно да ја остраниме, за да би можеле да се приближиме кон Господа, – во спротивно, покајанието ќе се претвори во самокритичност.

***

Во центарот на црковното собрание стои Христос, и свеста на православниот човек се карактеризира пред сè христоцентрично. Банална и повторувана е тезата  – христијанството, од една страна е религија на Христа, – но ние понекогаш успеваме да заборавиме за она, што го знаат дури и неверниците. Значи, потребно е со напомнување, да го будиме нашиот чист разум (2. Петр. 3, 1) и да не допуштаме отстапувања на десно или на лево, инаку ние ќе ја изгубиме од вид целта на нашиот живот – Христос. Познавање на Божјите зборови е можно само во лицето на Исуса Христа (2. Кор. 4, 6). Во лицето, за кое свети Теофан Затворник пишува: „Кои Божји совршенства не се одразуваат во тој лик?! Тука и добрината е безгранична и правдата е бесконечна, тука и премудроста е незамислива и моќта е неизмерна, тука и промислата е сегрижлива и седржителството сеопфатно“.

Христос ни оставил пример, за да врвиме по Неговите стапки (1. Петр. 2, 21), нè учи светиот апостол Петар. Затоа и ние, да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса (Евр. 12, 1-2), – нè повикува апостолот Павле. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Он (1.Јов. 2, 6), – пишува светиот апостол Јован Богослов. Ликот на нашиот Господ Исус Христос нека биде центар во нашиот живот.  Он не е само наш искупител и Спасител, но и пример за следење на моралот; идеал на човекот, во кој се спојуваат и извршуваат сите човечки добродетели; камертон (звучна вилушка), кон кој треба да го прилагодуваме својот живот. Од главното произлегуваат сите делови, а главното во христијанството е – Христос и Неговото Царство. Да даде Бог да не го забораваме тоа, да се научиме да го љубиме Христа – а сè останато ќе си дојде, како што Сам Он ни ветил.

Сергеј Кoмаров

Извор: http://www.pravoslavie.ru/103413.html

Превод: М-р Игор Ризановски