Деветта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Лидија“, во Битола

На 06.08.2023 г., во Деветтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Христина, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Димитар Михајловски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Лидија“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Маловернику, зошто се посомнева!“ (сп. Мат. 14, 31).

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, во кое се говореше како Спасителот наш Господ Исус Христос, откако нахранил пет илјади луѓе во она пусто место, освен жени и деца, отишол на гората да се помоли на само, а пред тоа ги испратил Своите Ученици и Апостоли, од другата страна на езерото. Кога тие биле  во средината на морето во четвртата стража од ноќта, а тоа се последните три часа од ноќта, тогаш одеднаш настанала силна бура, т.е. почнал да дува силен ветер и тие се исплашиле дека ќе потонат во морето. Тогаш од спротива, виделе како кон нив доаѓа некој, а ним им се причинило дека тоа е привидение, а тоа бил Господ наш Исус Христос. Тогаш Господ кога видел колку тие се исплашиле им рекол: „Не бојте се!, Јас сум, не плашете се!“ (сп. Мат. 14, 27), а Светиот апостол Петар тогаш рекол: „Ако си ти Господ, тогаш дозволи ми да дојдам до Тебе по водата, исто онака како што и Ти одиш по водата“ (сп. Мат. 14, 28). Тогаш Господ му рекол: „Дојди!“ (сп. Мат. 14, 29), и Свети апостол Петар тргнал по водата кон Господа Исуса Христа, но кога видел дека има силен ветер се уплашил и си рекол: „Ќе потонам“, и веднаш се посомневал, а Господ му рекол: „Маловернику, зошто се посомнева?“ (сп. Мат. 14, 31). Тогаш Свети апостол Петар извикал со силен глас: „Помагај ми Господи!“, а Господ му помогнал т.е. му ја пружил раката и го извадил од морето.

Кога влегле во бродот, односно во кајчето, Апостолите Му се поклониле Господа Исуса Христа како на Бог и Спасител.

Браќа и сестри, овој настан и ова чудо, што се случило, ни укажува не неколку работи. Имено, како што Спасителот наш Господ Исус Христос ги испраќа Апостолите да преминат на другата страна, така, пак, подоцна, по Воскресението, Господ ги испратил да го проповедаат Словото Божјо на сите народи со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20). Исто така, и нас нè испраќа, браќа и сестри, и ние да одиме во животот, секој според назначувањето, според позивот, кој што ни е даден. Како што Апостолите ја извршиле Својата Апостолска должност и работа одговорно, положувајќи ги своите животи за Христа нашиот Бог и Спасител, таква е и нашата должност како на православните христијани. Она што нам Господ ни го дал како наше назначување, како наш позив, како наша должност, ние сме должни да го извршиме целосно и одговорно по примерот на Светите Апостоли, бидејќи во противно ние нема да го заслужиме Царството Небесно.

Слушнавме дека Господ Исус Христос, откако го распуштил народот се искачил на планината да се помоли насамо. Што значи тоа? Тоа значи дека на секого од нас, Господ ни дава пример како треба и ние да влеземе во нашата келија, а нашата келија, одаја или просторија, е всушност нашето срце. Ние треба да влеземе во нашите срца и да се помолиме, а за да влеземе во нашите срца, ние прво треба да ги очистиме од секаква нечистотија душевна и телесна, т.е. да ги очистиме нашите души од секакви лоши чувства, похоти и страсти, и од грешните дела. Потоа исто така, ние треба да ги просветлиме нашите умови, со тоа што во нив нема да дозволиме да влегуваат грешни мисли, помисли, страсти и фантазии.

Ете, тоа Господ ни го порачува, браќа и сестри.

Веднаш се поставува прашањето, што значи морето по кое пловеле Светите Апостоли? Морето, браќа и сестри, е „Житейское море“, односно морето на нашиот живот, како што пееме во една црковна песна на погребение, по кое ние пловиме, а кајчето или бродот, е всушност нашето тело и нашата душа. Ние со нив пловиме низ животното море, во кое има многу искушенија, многу страдања, многу болки и многу препреки, за да можеме да стигнеме таму каде што сме се упатиле, а нашето упатување е да стигнеме во Царството Небесно. За да стигнеме до Царството Небесно, ние мора сите потешкотии, сите страдања, сите болки и сите искушенија да ги пребродиме. Стигнувањето на крајот од мирното пристаниште на нашиот живот, е Царството Небесно, кое е за нас приготвено, а тоа е, како што вели Светиот апостол Павле: „Што око не виде, уво не слушна и на ум не му падна на човека, тоа Господ го приготвил за оние кои го љубат“ (сп. 1. Кор. 2, 9).

Господ нам, браќа и сестри, ни вели дека ние сме должни да ја исполнуваме Неговата Света волја, или поточно речено да ги исполнуваме Неговите Свети заповеди, бидејќи Господ рекол: „Кој ги исполнува Моите заповеди, тој е Моја мајка, тој е Мој брат, тој е Моја сестра, тоа се Моите пријатели“ (сп. Мат. 12, 50) и.т.н.

Браќа и сестри, ние треба да ја исполниме волјата Божја и да се движиме по патот Христов, бидејќи Христос рекол: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Друг пат за стигнување до Царството Небесно не постои.

Единствениот пат кој води кон живот вечен е Христос нашиот Бог и Спасител, па затоа честопати ние кога сакаме во нашиот живот, во нашето бурно животно море да си определиме самите пат, наш пат, не стигнуваме, зашто живееме според нашата човечка грешна волја, а не според Божјата. Кога ние самите одлучуваме да патуваме по нашето животно море, без да бараме помош од Бога, Кој рекол: „Без мене ништо не можете да направите“ (сп. Јован 15, 5), тогаш ние се оддалечуваме од Бога и живееме во гревови. Затоа, браќа и сестри, ние треба да разбереме дека Бог е нашето просвештение од кое треба да се боиме и дека Он е нашата заштита во нашиот живот од кого треба да се плашиме. Ако ние навистина го избериме Бога за наш заштитник, тогаш и полковите на сатаната т.е. неговите ангели демоните да бидат испратени, нам немада ни наштетат, зашто Бог е со нас, а ако е Бог со нас, тогаш кој ќе е против нас?

Па така, во сето ова што го слушнавме од денешното Светот Евангелие, треба да разбереме една значајна работа, а тоа е дека ние во нашиот животен пат, треба секогаш да го повикуваме Господа Бога на помош. Ние честопати, а да не речам скоро и секогаш се надеваме на нашата сила, на нашиот ум, на нашиот разум, на нашата волја, т.е. на сè што е наше и мислиме дека можеме нешто да направиме, а забораваме дека ние од сите суштества сме најнеспособните за живот. Имено, гледате кога ќе се изведе едно пиленце, тоа веднаш почнува да колва и само е способно за живот. Понатаму ги гледате и другите животни дека самите се способни за живот, дури и без мајките, без родителите и.т.н. А човекот за да застане на своите нозе, му се потребни најмалку седум години, зашто и во своето (предучилишно) детство, човекот не е спосебен сам да направи нешто сериозно. Гледате колку е зависен човекот од своите родители, а особено од Бога нашиот Спасител, па токму затоа потребно е секогаш да Го повикуваме Бога во нашите страдања, во нашите искушенија, во нашите болки и немоќи,, и никогаш да не паѓаме во униние, бидејќи унинието е безнадежност во животот, а по унинието луѓето паѓаат во очајание, а очајанието, е предворието на самоубиството. Никој не се самоубил додека не паднал во очајание. Тоа значи дека оној што паѓа во очајание тој веќе нема желба за живот и тогаш душата своја си ја предава на ѓаволот, на сатаната, а сатаната тогаш влегува во него и тој понатаму не е способен ништо да направи за себе, туку сатаната управува со него, како што управувал и со Јуда, Христовиот апостол, кого Христос до последниот момент го опоменувал да се одврати од неговата намера. Поради среброљубието, односно поради љубовта кон парите кои повеќе ги сакал од Господа Исуса Христа, кого Го гледал со своите очи, ги гледал неговите чуда, т.е. гледал сè што се случувало, па и покрај тоа сатаната му ги заслепил духовните очи и тој не разбрал дека Христос е Бог и Спасител.

Кога Христос им рекол на Апостолите дека еден од нив ќе го предаде, Јуда прашува: „Да не сум јас Рави?“ (сп. Мат. 26, 25), а Христос му вели: „Ти рече“, и го причестува, а со причесната која ја примил, која ќе биде сведок на Страшниот Суд дека тој свесно Христа Го предал, тогаш сатаната влегол во него, а Христос му рекол: „Оди, тоа што си го намислил да го правиш, прави го колку е можно побргу“ (сп. Јован 13, 27). Тогаш Јуда влегол во храмот и таму ги фрлил триесетте сребреници за кои Христа Го предал и рекол дека предал праведна крв, а потоа заминал на едно место каде што имало врба, направил јамка и таму се обесил. Така, браќа и сестри, завршуваат сите луѓе, кои немаат надеж во Господа.

„Не надейтеся на князи, на сыны человеческия, в нихже несть спасения“ (сп. Псал. 145, 3), вели Светиот пророк Давид. „Немојте да се надевате на кнезовите и на човечките синови, во нив нема спасение“.

Спасението е во Господа нашиот Бог. Ние сме сведоци дека честопати татко изневерил син и син изневерил татко, односно предал, мајка ќерка и ќерка мајка, брат, брата предал, сестра, сестра предала, а да не зборуваме за подалечните роднини.

Денеска сме сведоци колку луѓето еден на друг завидуваат, а особено за жал тоа е истакнато кај нас Македонците, па од таму е и онаа поговорка: „Што сакаш? – Да му пцовиса козата комшијата. – А ти што имаш полза од тоа? – Одговара, јас нема да имам полза, но тој ќе има штета“.

Ете, до таму оди нашата завист. Токму затоа да се помолиме на Спасителот наш Господа Исуса Христа, преку молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Господ да ни даде телесни и духовни сили, со Негова помош да ги победиме сите искушенија.

Браќа и сестри, ние никогаш не треба да заборавиме во сите маки, искушенија, страдања и болки, да Го повикуваме Христа нашиот Бог и Спасител на помош, бидејќи Он е секогаш близу до нас и ќе ни помогне.  При една прилика еден духовник, кој иако духовно се усовршил во голема мера, сепак во едно искушение заборавил да Го повика Христа нашиот Бог и Спасител, и ете, искушението било страшно, но сепак Господ му помогнал, а тој прашал: „Господи зошто не ми помогна, зошто не ми се јави, зошто кога страдав Ти не беше покрај мене?“ Господ му рече: „Јас бев секогаш покрај тебе, но ти не ме повика“.

Не заборавајте дека  Господ никого на сила нема да спасува и никому не му прави присила, туку Господ помага само тогаш кога ние ќе Го повикаме, како што Свети апостол Петар повикал кон Господа со зборовите: „Помогни ми Господи оти се давам!“ (сп. Мат. 30).

По неговите молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар