Четврта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 02.07.2023 г, во Четврта недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот апостол Јуда и споменот на Светиот Јован Шангајски и Битолски, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослушение на протоерејот Благој Стефановски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Навистина ви велам, ни во Израилот не најдов таква вера“ (сп. Мат. 8, 10)..

Од денешното Свето литургиско Евангелие, слушнавме, браќа и сестри, како Господ го излекувал слугата на оној стотник или капетан, кој што имал болен слуга на умирање, кој дошол при Христа Спасителот и го замолил да го излекувал, а Христос како што слушнавме му рекол: „Ќе дојдам во твојот дом и ќе го излекувам“, а тој одговорил: „Господи, не сум достоен да влезеш во мојот дом; Ти кажи само еден збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек, кој има подвластени, и кога на војник ќе му речам; Оди! и тој оди; на другиот: Дојди! и тој доаѓа; а на слугата: Направи тоа! и тој прави” (сп. Мат. 8, 8-9).

Ете, Господ кога видел колку силна вера има овој капетан или стоткик (стотник значи офицер, кој што имал сто војници), рекол: „Ваква вера не најдов ни во Израилот“ (сп. Мат. 8, 10).

Браќа и сестри, денес ќе говориме токму за верата во нашата Света Православна Вера. Без вера, нема спасение, па затоа нашата должност е да веруваме, но не во било што, туку да веруваме во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Некои велат дека Синот не бил присутен во Стариот Завет, тоа не е точно дека Синот не бил присутен, бидејќи целиот Стар Завет говори токму за тоа, да се покаже верата на старозаветните луѓе во Месијата. Кој е Месијата? Месијата е Христос нашиот Бог и Спасител. Месија токму тоа и значи – Спасител. Па токму затоа, сите старозаветни праведници, кои верувале во Месијата и имале чиста вера, но и делотворна, ќе се спасат, а тие што немале таква вера, нема да се спасат.

Спасителот Христос е Синот Божји, Кој е посредник помеѓу Бога и луѓето, значи без посредништвото на Христа Синот Божји, нема спасение за човечкиот род. Па токму затоа и дошол во светот Синот Божји, Спасителот, Кој предвечно од Отецот се раѓа, да се роди Пресвета Богородица и да прими човечко тело еднакво во сè на нашето, освен во гревот и да поживее меѓу луѓето, да ги поучи во нашата Света Православна Вера, да лекува од секакви болести, како што и денес го излекувал овој болен човек, слугата на стотникот, а потоа доброволно да поднесе и страдања, да биде тепан по плеќите, шамаран и плукан по образите, да Му ставата трнов венец на главата и да крвари од трњето на венецот, да Го осудат неправедно на Крст, која во тоа време била најсрамната смртна казна, Крстот да го носи на Голгота на кој бил распнат и на Крстот да ја испушти својата душа и да се моли за оние што го распнале со зборовите: „Прости им Отче, оти незнаат што прават“. Потоа Христос Спасителот според верувањето, Воскреснал од мртвите во третиот ден и им се јавува на Мајката Божја, Жените Мироносици, на Апостолите и на многумина луѓе, а потоа се вознесе на небесата со Своето Тело, кое ја претставува нашата човечка природа, седнувајќи од десно на Бога Отецот.

И ете, токму во таква вера ако се ветува, тогаш таа вера, уште ако има и добри дела, може да се спаси човекот. Кое е всушност Словото Божјо? Свети Јован Богослов вели: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото“ (сп. Јован 1, 1). „Во почетокот беше Словото“, значи во почетокот беше Синот Божји, „и Словото беше во Бога“, значи Синот Божји, беше во Отецот и Отецот во Синот Божји.

Ете, за тоа станува збор, за Синот Божји, Кој станува човек, па така без Словото Божјо, без Синот Божји, нема спасение. Но, спасението на човечкиот род, браќа и сестри, не се случило на небесата и Синот Божји не го спасил човечкиот род од небесата, туку требало од преголема љубов кон човечкиот род, Синот Божји, по благоволението на Отецот да излезе од прегратките на Отецот и да дојде на земјата и да стане човек, како што рековме во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот. И така, доброволно страдајќи, да го излабави од гревот и смртта човечкиот род и да го приведе повторно во заедница со Бога, зашто нашите прародители Адама и Ева, кои не биле создадени за смрт и за умирање и за гревовна состојба, туку за живот вечен, поради тоа што единствената Божја Заповед не ја исполниле да не јадат од забранетиот плод, тие јаделе, како што вели Свети апостол Павле: „Згреши Адам и умре“, и ние следејќи го примерот на Адама, грешиме и умираме, браќа. Затоа било потребно да дојде Вториот Адам, а Вториот Адам, е Синот Божји, Христос Спасителот, и Он да пострада заради нас и да нè избави од гревот и смртта, зашто Он на Крстот ги зеде сите гревови на човечкиот род, од постанокот, па до крајот на светот, за го избави човекот од гревот и смртта. Некои мислат и велат: „Ете, Христос пострадал на Крстот заради нас и не избави“.

Ете, ние се спасуваме преку Словото Божјо, Синот Божји, за Кого кажавме дека излегол од прегратките на Бога Отецот. Но Синот Божји, браќа и сестри, говори преку Светото Евангелие, кое и денес го слушнавме и тоа е всушност спасението и преку Евангелието, преку зборот Божји, кој што нам ни се проповеда. Име и друго нешто, кое е неизбежно да се направи за човекот да се спаси, а тоа е дека ние се спасуваме преку заедништвото, заедницата и единството со Бога. Христос заради нас пострада и се вознесе на небесата, но им рече на своите Свети Апостоли дека мора да оди, но нема да ги остави сираци, туку ќе им Го испрати Утешител, Духот на Вистината, Кој од Отецот исходи и Он ќе сведочи за Него, а и вие ќе сведочите од сите краишта на светот.

И ете, со испраќањето на Светиот Дух, на Светите Апостоли на Педесетница или Духовден, слегол Светиот Дух на Апостолите, кои заедно со Мајката Божја, усрдно се молеле во зборницата и на сите луѓе што биле присутни, па тој Свет Дух, всушност ги преобразил и ете, Светиот апостол Петар проповедал, и неговата вдахновена проповед толку многу ги преобразила присутните три илјади луѓе, кои по неговата проповед, по слегувањето на Светиот Дух на Апостолите, а се разбира и на овие луѓе, поверувале во Христа нашиот Бог и Спасител, во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и биле крстени. Па затоа, браќа и сестри, за да се спасиме ние потребно е да имаме исто така смирение. Пример за смирение ни покажал денешниот стотник, кој што Му рекол на Христа дека не е достоен да влезе во неговиот дом, зашто бил грешен човек, па му вели на Христа: „Кажи само еден збор и мојот слуга ќе оздрави“. И така и се случило, оздравел неговиот слуга во оној час, кога Христос рекол: „Нека ти биде според твојата вера“.

Ете, браќа и сестри, Господ им дава благодат, а благодатта е сила Божја, божествени енергии, кои излегуваат од Бога и нам ни се даваат преку Светите Тајни, почнувајќи од Светото Крштение, понатаму Миропомазанието, Покајанието и Исповедта, Венчанието за оние кои се венчаваат во Црквата, Светата Тајна Свештенство, која ја примаме ние свештенослужителите т.е. свештените чинови: ѓаконски, свештенички и епископски, и се разбира Светата Тајна Маслосвет и конечно Тајната над сите Свети Тајни, а тоа е Приносот или Евхаристијата, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој под вид на Леб и Вино, тука на светиот Престол, за време на Канонот на Евхаристијата, се претвораат: Лебот благословен во Тело, а благословеното Вино во Крв Христови и ние Телото и Крвта, кои што се всушност духовно Тело и духовна Крв, преку видот на Лебот и Виното, ги примаме. Кога ги примаме Телото и Крвта или Причесната, значи Го примаме Христа нашиот Бог и Спасител во нашите души и во нашите тела и срца и во сите пори од нашиот живот. И така ние стануваме едно во Едниот, со Христа нашиот Бог и Спасител. Па така, Едниот, Кој нам на сите ни се раздава со Причесната, нè прави да бидеме Едно со Христа нашиот Бог и Спасител, Кој што рекол: „Повеќе нема ни Грк, ни Евреин, ни господар ни слуга, нема ни машки, ни женски пол во Христа, туку сме еднакви кога е во прашање Христос Спасителот“.

Браќа и сестри, да разбереме дека ние можеме да се спасиме како што рековме ако имаме смирение, а смирението се состои во тоа ние да мислиме дека сме и така да постапуваме и така да се чувствуваме дека сме најгрешни од сите луѓе и ништо да не сметаме за свое, како што велиме во правата новозаветна Заповед: „Блажени се бедните по дух“. Многумина не ги разбираат овие зборови. Беден по дух значи човек, што ништо не смета дека има свое. Беден е оној кој е сиромав, кој нема ништо. Е токму тие луѓе, кои ништо не сметаат дека имаат, туку сè што имаат, им е дадено од Бога, и тоа не е нивно, туку дар Божји, и како дар Божји, тие треба да го користат за свое спасение, за спасение на ближните, за сласение на луѓето, за сите кои имаат потреба. Ако така постапуваме, тогаш ние навистина сме бедни по дух, а тоа значи богати. Што значи богати? Го имаме Бога. Од таму доаѓа богатството, оној кој го има Бога, тој е богат, а оној кој го нема Бога, тој колку и да има материјални и земни богатства, ништо нема, бидејќи како што вели Светото Писмо, од земја сум создаден и пак во земја ќе се вратам. Човекот кога се раѓа ништо на овој свет не донесува, а и колку да спечалил и колку да смета дека е негово нештото, па незнам и цел свет да го придобие, како што вели Христос Спасителот, ако на душата своја и напакости, тој нема да се спаси, а кога заминуваме од овој свет, ние со себе ништо не носиме. Гол сум се родил вели праведниот Јов и гол ќе се вратам во мајката земја.

Браќа и сестри, за нашето спасение потребно е исто така ние да помагаме луѓе. Во Стариот Завет песникот вели вака: „Треба на сираци да бидеме татковци, вдовици да поткрепуваме и да заштитуваме од оние кои што сакаат да им напакостат“. Тоа значи не да се сожалуваме над сираците и над вдовиците, туку да сострадуваме со нив. Вистински љубов покажува оној кој подеднакво страда со оној што страда, подеднакво гладува со оној што гладува и жедува со оној што жедува. Тоа е состраданието или кога подеднакво чувстввуаш, а оние кои денеска се прават т.н. хуманисти, кои војни отвораат на сите страни во целиот свет и луѓето да се убиваат, за овие од таму да печалат нафата и секакви други богатства и суровини и.т.н., а после како на кутриња им даваат некаква си помош, на оние што останале живи, тоа не е љубов, тоа нема никаква хуманост, тоа е понижување и злоупотреба на луѓето. Затоа, браќа и сестри, покрај ова, ние исто така треба да разбереме дека спасението на човечкиот род доаѓа и преку правење на добри дела, без добри дела, како што вели Свети апостол Јаков, верата е мртва. Не може некој да рече, оти ние слушаме преку ушите знаеме преку умот, односно преку разумот, ама тоа сето ако ние во живот не го преточиме, односно ако не ги извршиме Божјите Заповеди, тогаш ние нема да се спасиме. Ако видиме некој сиромав што нема да јаде и да пие или е необлечен, и му речеме: „Оди си дома, најади се, напиј се и облечи се, нема од тоа ништо“, н ако го видиме гладен, да го нахраниме, жеден, да го напоиме, необлечен, да го облечеме, нажалостен, да го утешиме. Тогаш сме покажале вера со добри дела, а доборотворната вера, е живата и вистинската вера.

Само таква вера, може да го спаси човека, а не вера во Бога, како што денес и тоа го гледаме и го знаеме дека има многу луѓе, кои веруваат но незнаат во што веруваат, дури за жал и православни христијани, крстени, па одат по бајачи, заборавајќи Го Христа нашиот Бог и Спасител.

Денешниот слуга што бил излекуван од Христа нашиот Бог и Спасител, не отишол по бајачи, иако не бил од Јудејската вера, туку бил многубожец, ама поверува во Христа во еден момент и веќе во Него верувал. А оној што е крстен, тој треба како што пееме на крштението: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. Неговата вера, неговиот ум треба ние да го имаме, зашто е кажано Христов ум треба да имаме. Ние образец за нашиот живот не треба да бараме во некој луѓе, ни во бајачи во гатачи, ни во било какви други, освен во Христа нашиот Бог и Спасител, и во оние кои на него потполно се угледале и според Неговиот живот живееле како што вели Свети апостол Павле: „Угледајте се на мене, како што јас се угледав на Христа“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар