Прекрасна е вашата желба да бидете во потполно послушание кај опитен раководител. Но тој подвиг не е даден во нашево време. Него го нема не само во христијанскиот свет, туку дури ни во манастирите… На нашево време му е даден друг подвиг, поврзан со многу тешкотии и сопки. Ние мораме да го извршиме патувањето – не дење, при јасна сончева светлина, туку ноќе, при бледа светлина од месечината и ѕвездите. Нам ни се дадени како раководство Свештеното (предание) и Светото Писмо: токму тоа го велат Светите отци од подоцнежните времиња. При раководство според Писмото полезен е советот на ближните, токму на оние, кои самите се раководат според Делата на Отците. Не мислете, дека нашиот век е лишен од маки и (победнички) венци: Не! Тој е поврзан со мачеништвото. Тоа мачеништво е слично на измачувањето на Лот во Содом: душата на праведникот се измачувала при гледањето на непрестајното и незауздано блудничење. И ние се измачуваме, од сите страни опколени од умови, кои ја нарушиле верноста кон вистината, кои стапиле во блудна врска со лагата, кои се заразиле со омраза кон Писанијата, што се вдахновени од Бога, кои се вооружиле против нив со хула, клевета и пеколен потсмев. Нашиот подвиг има вредност пред Бога: на Неговите тасови се ставени и нашата немоќ, и нашите средства, и околности, и самото време. Некој велик старец го имал следново видение: пред него земскиот живот на луѓето се претставил како море. Тој видел дека на подвижниците од првите времиња на монаштвото им биле дадени огнени крилја, и тие како молњи се пренесувале преку морето на страстите. На подвижниците од последните времиња не им биле дадени крилја: тие почнале да плачат на брегот од морето. Тогаш им биле дарувани крилја, но не огнени, туку некакви слаби: тие летнале преку морето. На својот пат, поради слабоста на крилјата, тие често се потопувале во морето; со труд издигнувајќи се од него, тие одново го почнувале патот, и на крајот, по многу усилби и неволји, го прелетувале морето.
Да не очајуваме! Да не се стремиме без расудување кон блескави подвизи, кои ги надминуваат нашите сили: да го примиме со побожност смирениот подвиг, кој многу соодветствува на нашата немоќ, кој очигледно ни е даден од раката Божја. Да го завршиме тој подвиг со верност кон светата Вистина – и среде светот, на безбројната толпа кој се стреми по широкиот, простран пат следејќи го своеволниот рационализам, да тргнеме кон Бога по тесната патека на послушност кон Црквата и кон Светите отци. Не одат многумина по таа патека? – Па што? Спасителот вели: „Не бој се, мало стадо. Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12, 32). „Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат“ (Мат. 7,13-14).
Од книгата „Разбуди се, душо“
Преземено: http://svetarevnost.mk