Од Писмата на отец Серафим (Роуз) – 8-мо Писмо

Недела, 30 декември, 1963 г./12 јануари 1964 г.

Драг во Христа, брате Глеб!

Вчера го добив твоето писмо, во кое многу јасни беа одговорите на моите прашања и тоа ме охрабри. Кај мене лично, има сè повеќе и повеќе оптимизам. Вчера го добивме првиот официјален одговор од едно издаваштво. Се плашевме, дека можат да не одбијат за попуст (некои одбиваат), но тие ни предложија попуст 25 %, така што, ќе можеме да вклучиме во нашиот список 10-15 древни Отци.

Најдов уште две продавници на Клемент-стрит, едната веднаш покрај 9-та авенија, а другата на 25-та., но првата, која е веднаш покрај 24-та, според мене, е сепак подобра. Таа сеуште е празна, така што, сигурен сум дека ќе можеме да ја изнајмиме за 35 долари. Во нејзи, веројатно ќе има доволно место за две големи маси, околу три шкафови за книги, една писмена маса и неколку столови, а на прозорот има доволно место за излог. Се надевам, наскоро ќе дојдеш и ќе го видиш, па ќе ги допрецизираме нашите планови. Не гледам причина, зошто да не ја отпочнеме таа работа до почетокот на постот (16 март). Во текот на оваа недела ќе дознаам поточно за лиценца и за останатите формалности.

Меѓутоа, еднаш се сретнав со група англојазични православни млади луѓе, кои образуваат свое сопствено општество. Не знам зошто ме поканија, но тоа беше добар начин да се дознае каков е животот кај другите православни. Одговорот е: НИКАКОВ. Сè е мртво, апсолутно. Тие се искрени, имаат добри намери, но немаат од што да започнат. Тие, не само што не се спремни да се хранат со тврда духовна храна, но едвај се готови и за млеко. Следниот пат кога ќе се видиме, ќе ти раскажувам за нив. (Оние, со кои јас се сретнав беа сиријци, од руската Митрополија и украинци, и планираат да ја рашират својата група).Тие всушност не ни претставуваат конкуренција, затоа што нивните планови не одат подалеку од „внатреправославно“ поимање и изучување на православните „традиции“ на едно многу елементарно ниво; освен тоа, нивниот интерес не е мисионерски, а замаглено екуменистички. Тие се насочени кон себеси и се обидуваат да ја „разберат“ сопствената религија, додека ние планираме да му го пренесеме на светот богатството, за кое ние сме недостојни, но во чии вредности сме сигурни. Еден од тие украинци кажа презрителна забелешка за некои руси, кои ги познавал и кои мислат дека го пазат „вистинското“ Православие. Тоа е и за нас, и јас мислам, дека треба да го правиме токму тоа, во што нè обвинуваат – да ги заборавиме другите православни (со ретки исклучоци, на пример, Света Гора и исповеднициот од старокалендарскиот стил, кои сеуште сериозно гледаат на Православието) и да се сконцентрираме на руските и американските новообратени. Треба, уште од самиот почеток да ја потенцираме нашата приврзаност кон Руската Задгранична Црква; тоа ќе ни помогне да ги исплашиме, барем некои од добронамерните, кои размислуваат дека тие се исти „православни“, како и сите; сите цели на нивната соработка ќе се сведат до обидот да нè вовлечат во калта на екуменизмот и компромисот.

Сеуште ја составувам првата верзија од проектот на воведната брошура, додавајќи зборови од твоето последно писмо. Мислам дека е важно, таа да биде, што е можно поточна, поубедителна и истовремено привлечна.

За печатењето: се надевав, дека билтените ќе започнат речиси веднаш, и во однос на нивната содржина имам неколку конкретни идеи. Еве зошто помислив на Матушката, под услов, дека самите ќе можеме да ја завршиме работата, и на тој начин, ќе треба да платиме само за хартијата и бојата. Ако треба да платиме повеќе, секако, веројатно ќе треба уште да почекаме.

И јас и Џон ја делиме руската недоверба кон „организацијата“; добро ќе биде, ако нашето Братство има, колку е можно повеќе дух, а помалку зборови. Причината, зошто прашав за организацијата, беше во тоа, дека никогаш не треба до толку да се замаглуваат работите, што секој, кој се смета себеси за „православен“, ќе мисли, дека тоа е доволна причина за да се присоедини кон нас. Ограничувањата за активните членови на оние, кои припаѓаат на Руската Задгранична Црква и составувањето на убедителен вовед, ќе бидат доволни за да ја разјаснат суштината на нашата работа.

Финансискиот проблем, речиси е решен. Сите предварителни расходи, можеби ќе се сместат во 25 долари, и за околу еден месец, ќе имам уште околу 150 долари (вклучувајќи ги расходите од данокот), кои ќе можам да ги препуштам на продавницата за книги, на кредит (како што прави Џорданвил).

Мислам дека, за таа тема, засега е тоа. Добив Божиќна честитка од твојата мајка, за која те молам да ѝ се заблагодариш. Исто така, добивме добро писмо од владиката Леонтиј, кој, можеби ќе ни биде многу полезен во иднина. Печурките во нашите места речиси пресушија, но најдовме нов и многу вкусен вид (honey agaric), кои растат на корењата и стеблата на дрвата и се многу распространети.

Меѓу другото, ти велеше дека познаваш некого, кој прави рамки за слики? Време е да мислиме и за такви работи. Освен книги и икони, можеби можеме да донесеме, за почеток само од Џорданвил, религиозни предмети, на пример крстови; можеби подоцна кандила, темјан и т.н.

Пиши ми, ако имаш некакви нови идеи или информации.

Во Христа,

Евгениј.

Поврзано: Од Писмата на отец Серафим (Роуз) – 7-мо писмо