Трета Недела по Пасха (Недела на Жените Мироносици) – Света Архиерејска Литургија во манастирскиот храм „Раѓање на Свети Јован Крстител“, во Слепче

На 30.04.2023 г., во Третата Недела по Пасха (Недела на Жените Мироносици), кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Кипријан Слепченски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Стеван Здравески, Тони Смутковски, Александар, ерејот Метошко Дончовски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирскиот храм „Раѓање на Свети Јован Крстител“, во Слепче.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Жените Мироносици, многу рано наутро брзаа кон гробот и меѓу себе си велеа: „Кој ќе го оттргне каменот од гробот?“ (сп. Марко 16, 2).  Имено, браќа и сестри, станува збор за брзањето на Жените Мироносици, кои рано наутро, во мугрите, а можеби и уште порано, тргнале кон гробот Христов за да Го помажат со мириси Телото на Господа наш Исуса Христа, како што било обичај кај евреите.

Тие знаејќи дека е поставен огромен камен на гробната врата, кој дури бил и запечатен со печат и стражари го чувале гробот според зборовите на првосвештениците, старешините, садукеите и фарисеите еврејски, да не случајно, дојдат Учениците Христови да Го украдат Телото Негово, па да речат дека Воскреснал од мртвите, зашто знаеле дека Спасителот наш Господ Исус Христос рекол дека Телото Негово по три дена ќе воскресне, односно рекол: „Ако Го урнете овој храм, мислејќи на Неговото Свето Тело, Јас по три дена ќе го соѕидам, односно ќе го воскреснам“ (види Јован 2, 19 ).

Токму затоа, Жените Мироносици, брзајќи да одат таму, разговарале меѓу себе, па кога дошле на гробот, виделе дека гробот е отворен, односно дека каменот е тргнат. Потоа влегле внатре во гробот, кој бил ископан во карпа, а тој гроб за себе го ископал Јосиф од Ариматеја, кој бил таен ученик на Господа наш Исуса Христа и член на Синендрионот и никој во тој гроб не бил положен.

Ете, кога влегле внатре, тие виделе два ангела. Едниот стоел кај главата, а другиот кај нозете во гробот, каде што било положено Телото на Господа Исуса Христа. Тогаш Ангелите им рекле: „Што сте дошле, што барате? Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он Воскресна! Одете и кажете им на Учениците дека ќе им се јави“ (сп. Марко 16, 6-7) И тие тргнаа, браќа и сестри, да им кажат на учениците Негови.

На Жените Мироносици, им се јавил Спасителот Господ Исус Христос кога оделе да им соопштат на Учениците и им рекол: „Радувајте се! Одете и кажете им на Учениците дека пред вас и пред нив ќе стигнам во Галилеја и ќе им се јавам“ (сп. Марко 16, 7). Жените Мироносици откако им кажале на Светите апостоли Петар и Јован, тие одеднаш со трчање стигнале на гробот и виделе дека гробот е празен.

Ете, Марија Магдалина, според Светото Предание на нашата Света Православна Црква и според црковните песни што ги пееме, е онаа, на која и се јавил Господ  Исус Христос, после Мајката Божја, Пресвета Богородица, на која Спасителот Христос прв и се јавил.

Во Светото Писмо е запишано дека прва од Мироносиците што Го видела Господа Исуса Христа Воскреснат, била Марија Магдалина. Таа, Него не Го препознала, бидејќи мислела дека Он е градинарот, кој што ги чува и украсува гробовите со цвеќиња, но кога Господ ја повикал со Својот глас, кој веднаш го препознала, паднала пред Неговите нозе, а Господ и рекол: „Не се допирај до Мене Марие, зашто сеуште не сум отишол при Мојот Отец Небесен“ (сп. Јован 20, 17).

И така, браќа и сестри, овие жени Мироносици, се всушност најнежниот пол, односно оние кои се сметале дека немаат цврстина и јачина како што тоа го имале Апостолите. Но Спасителот наш Господ Исус Христос ја кажал другата вистина кога рекол: „Ќе го удри пастирот и овците ќе се разбегаат“ (сп. Мат, 26, 31), односно дека Апостоли ќе се уплашат поради страв од Јудеите. Тие, поради страв од Јудеите, ги затворале вратите кога се молеле, па Господ влегол низ затворени врати и им се јавил на Учениците кои биле заедно со Тома, кога Тома исповедал и рекол „Господ е мој Бог и мој Спасител“.

Ете, Жените Мироносици покажале невидена храброст, бидејќи ноќе сами оделе на гробот, а некои мажи немаат храброст ноќе да патуваат така. Што ги натерало жените да одат така, браќа и сестри? Љубовта кон Господа Исуса Христа. Жената што љуби, што Го љуби Бога, таа од ништо не се плаши. Не само жената, туку и секој човек и секое дете, кое Го сака Бога, тоа нема страв од никого, зашто Господ е нашиот Бог, Спасител и Заштитник и ние нема потреба да се плашиме од ништо, ако е Господ нашиот Бог и Заштитник со нас. Ние нема на кого да се надеваме, освен на Господа нашиот Бог, Кој е творец на небото и земјата, вели псалмопевецот.

Па ете, кога зборуваме за Жените Мироносици, нашата должност ни наложува да посочиме и некои имиња од нив. Меѓу Жените Мироносици, прва е Марија Магдалина, кој прва го видела Господа Исуса Христа од Жените Мироносици и веднаш тргнала да Го проповеда Светото Христово Воскресение, па така отишла дури и во Рим од Израел, од Палестина и не се плашела да излезе пред царот, кој што ги убивал христијаните и да му рече: „Еве те поздравувам!“, со најторжествениот и најрадосниот поздрав: Христос Воскресе!, давајќи му црвено јајце“.

Марија Магдалина е првата жена која се нарекува рамноапостолна, бидејќи е рамна на Апостолите, во проповедта на Словото Христово. Од таму, од Рим таа се вратила во Ефес и му помагала во делото на проповедта на Христовата наука на Светиот апостол Јован Богослов, кој што напишал Евангелие, Посланија, а исто така го напишал и Откровението.

Тој пример го следеле и другите жени, а меѓу тие жени,  кои биле заедно со Марија Магдалина на гробот, биле Марија Јаковова, Марија Клеопова, Саломија, а таму била и Јунија, роднината на Свети апостол Павле, таму била и Маријамна, сестрата Филипова, која им помагала во апостолството на Светите апостоли Филип и Вартоломеј. Имало и други Жени Мироносици, кои се споменуваат во Светото Писмо и во Светото Предание, кое е рамно по својата важност на Светото Писмо.

Овие Жени Мироносици, покажале поголема храброст од Апостолите, зашто не се исплашиле како Апостолите, за кои Спасителот Христос рекол: „Ќе го удрам пастирот и овците ќе се разбегаат“.

Кога Христос бил предаден од Неговиот ученик Јуда Искариот и кога бил воден на судење кај Ана и Кајафа, првиот од Апостолите, Свети апостол Петар, кој рекол дека и животот ќе го даде за Господа Исуса Христа, три пати се одрекол од Него, според Христовите зборови: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Марко 14, 30). Но потоа Свети апостол Петра се покајал и плачел, а по воскресението на Генисаретското езеро, три пати го исповедал Христа нашиот Бог и Спасител и му било простено неговото откажување и одрекување од Христа со зборовите на прашањето од Господа Исуса Христа: „Ме љубиш ли Петре?“ Свети апостол Петар одговорил:  „Да Господи, Те љубам“, а Господ му вели: „Паси ги овците Мои“. На второто прашање: „Дали Ме љубиш Петре? Петар одговара: „Да Господи, Ти знаеш дека те љубам!“ На третото прашање Петар веќе се нажалил и рекол: „Господ, Ти знаеш дека те љубам, Ти сè знаеш Господи“, а Господ му вели: „Паси ги јагнињата Мои“ (сп. Јован 21, 15-17).

Овците и јагнињата Негови се всушност Неговите верните чеда, мажи, жени и деца, браќа и сестри. Светиот апостол Петар се покајал и затоа му било простено. Чашата, која Христос ја испил и тој ја испил, односно пострадал за Христа т.е. бил распнат на Крст.

Ете, каква храброст покажале Жените Мироносици, браќа и сестри. Многу од тие жени го проповедале Светото Евангелие и покажале пример на другите. Некои од Апостолите велеле: Немаме ли ние право да имаме со себе жени, сестри, кои ќе ни помагаат во делото Господово, во делото на ширењето на верата Христова, на Евангелието Христово, на Воскресението Христово и.т.н.“

Браќа и сестри, Жените Мироносици ги следеле и други жени во нашата Света Православна Црква. Да си спомнеме за Света Великомаченица Ирина, која осумдесет илјади луѓе во градот Мегедон привела во нашата Света Православна Вера. Во градот Галипол, таа привела сто илјади луѓе, а тоа дело е големо. Тоа никој, по Апостолите, не го направиле, што таа го направила. Ете да си спомнеме и за други Свети жени, како Света Елена, која практично Западниот дел на Црквата го вовела во нашата Света Православна Вера, и не само таа, туку и други Свети жени, како што била исто така и Руската царица Света Олга, која во христијанството го вовела Рускиот народ во тогашната Руска Империја.

Да си спомнеме и за другите Свети жени, кои направиле големо и свето дело, како Света Нона, која е просветителка на Грузискиот народ.

Овие жени, кои биле рамни на Апостолите во своето проповедање на Евангелието и во мисијата на нашата Света Православна Црква, токму затоа се нарекуваат рамноапостолни, односно еднакви на Апсостолите, во однос на вршењето на мисијата Христова. Од она што тие го направиле и многу други жени земале пример, па така да си спомнеме, каков бил примерот на жените, кои на нашата Света Црква дале голем број светители, особено во таканаречениот Златен период на Црквата, како што била Света Антуса, мајката на Свети Јован Златоуст, како што била Света Нона, мајката на Свети Григориј Богослов, за која, Свети Григориј при нејзиниот погреб, проповедувајќи им велел на мачениците: „Се извинувам Свети маченици, што ќе речам дека мајка ми  беше поголема од вас, зашто таа на молитва умре во Црквата“. Таа била присутна на сите богослужби во Светата Црква, и својот живот го положила, односно својата душа ја испуштила, молејќи се во храмот Божји.

Денес, ние имаме малку жени во нашата Света Православна Црква, кои постојано се присутни на сите богослужби,  но има и жени кои се за пример на нашата Црква, (да не им е на гордост), кои не пропуштаат Божествена Литургија, а да не бидат на неа, па и на другите богослуженија, како што се Вечерните и Утрените богослужби, на Акатистите и другите богослужби во нашата Света Црква.

Еве пример, браќа и сестри, како треба да бидат жените. Веднаш се поставува прашањето, што правиме и каде е денешната современа жена македонка и другите жени во Православната Црква? Веднаш ќе речеме дека денес во денешно време, страшна е состојбата на нашата Света Црква, по прашањето на вршењето на мисијата на верата, според примерот на Жените Мироносици.

Која од нашите жени денеска ќе направи такви големи подвизи како што правеле Жените Мироносици? Има ли доволно православни жени, кои своите деца уште пред да се зачнат во утробите, размислуваат како ќе ги негуваат, како ќе ги растат, како ќе ги раѓаат, како ќе ги дојат, како ќе ги воспитуваат, како ќе им го влеваат во нивните умови, души и срца, словото Божјо, зашто детето, браќа и сестри, не треба да се воспитува откако ќе почне да зборува. Детето треба да се воспитува уште кога ќе се зачне во утробата на неговата мајка, зашто тоа чувствува сè што таа прави кога е брамена, бидејќи е дел од нејзината душа, од нејзиното тело и дел од нејзината утроба. Ако таа така се однесува, тогаш и она што ќе се роди, ќе биде свето, или како што старозавтниот пророк, односно псалмопевецот (не случајно) рекол: „Во гресех роди мя мати моя“, односно „Во гревови ме роди мојата мајка“ (Псал. 50, 7).

Сите деца зачнати во гревови, браќа и сестри, се страдалници во овој свет и многу страдаат. А сите деца што се зачнати со благослов Божји, односно не во денови на забрана за општење меѓу мажот и жената, тие се благословени. Затоа упатувам апел до жените, да водат сметка кога општат со своите мажи, за децата според Светото Писмо и Светото Предание, да не им бидат зачнати во грев, туку зачнати со Божји благослов, како што биле зачнати во утробите на мајките и многу Свети мажи и жени, во нашата Света Православна Вера. Така како пример ќе ја спомнеме Света Емилија, мајката на Свети Василиј Велики, која имала многу деца, од кои петмина се светители. Таква треба да биде вистинската жена и вистинската христијанка, мајка, браќа и сестри.

Ние во денешно време, кога ќе погледнеме каква е нашата младина, можеме слободно да речеме дека за дел од младите можеме и да се срамиме.

Ние правевме Литија на Велики Петок низ градот Битола и никои од младите што седеа на улицата Широк Сокак не сакаа да станат, па морав јас да викам на цел глас: „Ако сте христијани станете, бидејќи правиме погреб на Христа нашиот Бог и Спасител! Христа Го носиме во Плаштеницата“. За жал, тоа е воспитанието на мајките битолчанки! Каже те им на сите битолчанки дека кога нивните деца минуваат покрај поворка со мртовец, да застанат и да дадат почит на покојниот. Ние ако на Христа не му  оддадеме почит, се знае како ќе заврши тој град, тоа село, таа населба и сите оние кои во нив живеат и.т.н.

Денеска нашите училишта, не се повеќе просветни училишта, иако го носат името на Свети Кирил и Методиј, на Свети Климента и Свети Наума и на некои други Свети луѓе, бидејќи таму предаваат луѓе, учители и учителки, наставници и наставнички, професори и професорки, кои за жал се декларираат дека се атеисти, а ние од нив што можеме да очекуваме, браќа и сестри? Од атеист и неверник, ништо не можеш да очекуваш, зашто ни сатаната т.е ѓаволот не е атеист. Во Светото Писмо се вели дека тој (сатаната) се плаши од Христа, се треси пред светителите, односно тој верува во Христа и знае дека Христос постои, но им вели на луѓето: „Вие не верувајте дека има Бог, не верувајте во ѓаволот“. Ете, тоа е учењето на ѓаволот, па така сите што се атеисти, се деца на ѓаволот.

Во тој дух да се помолиме, Господ наш Исус Христос, да ни ја испрати Својата Света благодат на сите нас за да го видиме примерот на Светите Жени Мироносици и на сите другите Свети жени од нашиот православен род, како Света Петка Епиватска и Света Злата Мегленска, кои преку благодатта Божја се удостоиле да станат светителки.

По нивните молитви и по молитвите на Светите Жени Мироносици, Господи Исусе Христа Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар