Монашка тајна – новомаченик Терапонт Оптински

И покрај тешкиот труд во трпезаријата, од каде што идниот маченик се враќаше во скитската келија на полноќ, тој преку ноќта се молел и секој ден одел на манастирската полуноќница.

Инок Терапонт легнувал да спие во предвиденото време за сите, а потоа тајно станувал и заминувал некаде на осамено место да се помоли. Еден од неговите соседи по келија се соблазнил од неговото однесување. Гледајќи, како ревносниот монах по цели денови работи во кујната и неотстапно присуствува на сите служби, си помислил, дека тој навечер се преместува да спие на друго место, за да не го слуша грчењето на браќата. Една ноќ, тој тивко станал и тргнал по Терапонт, кој влегувајќи во празна соба, почнал да прави поклони. Братот, кој го следел, седнал пред вратата и почнал да слуша.

„Слушав, како Терапонт правеше поклони, тивко изговарајќи ја Исусовата молитва – си спомнуваше подоцна тој брат. – Потоа, разгорувајќи се со уште поголема ревност, почна почесто да прави поклони, велејќи: „Господи, помилуј!“ И така тој се молеше, додека не падна од изнемоштеност. Но и лежејќи, продолжуваше гласно да ја кажува Исусовата молитва. Потоа стана, и повторно правеше поклони. Тоа траеше, додека монахот што ги будеше сите не заѕвони во камбаната, известувајќи, дека е време за станување за полуноќница“.

Засрамен братот, за да го види подвижникот, побрзал во храмот. После тоа, тој го променил своето мислење за ревносниот монах и се покајал.

Идниот маченик, секогаш тајно пребивал во пост. Често, за храна примал само леб и вода. Затоа и неговото лице било бледо.

Едно од најголемите искушенија и напади од непријателот, кое може да доведе до повреда на умот, е недоверливоста. Најпрвин таа почнува – со сомнеж кон ближните. Отпрвин помислите само ја збунуваат душата, а кога ќе се зацврстат, тогаш маката е неминовна.

Еднаш, ненависникот на доброто, ѓаволот, бидејќи секогаш бил поразуван од храбриот воин, монахот Терапонт, почнал да му внушува: „Цел живот, до староста ќе останеш во кујнава да миеш чинии и бел ден нема да видиш. Гледај, будала прават од тебе, бегај оттука“. Но, благоразумниот инок, познавајќи ги замките на ѓаволот, почнал поусрдно да се моли на Бога, а наметливите помисли, кои ги сеел непријателот, ги презирал, како воопшто да не постојат. Три дена Терапонт се молел и се борел со ѓаволските напади, а на четвртиот ден, непријателот посрамен, отстапил.

– Подобро да згрешиш и да мислиш за човек добро, – подоцна велел Терапонт – отколку со сомничавост да го навредиш ближниот. За таквата грешка Господ нема да ве осуди, зашто за чистите, сè е чисто (Тит. 1, 15).

Еднаш, економот го задолжил да свари слатко за зимата, за браќата. Но, слаткото се вари долго, и ревносниот монах решил истовремено да исполни и друго послушание. Задлабочувајќи се во работата, тој задоцнил, и кога дошол, слаткото веќе се преварило. Кога го видел тоа, Терапонт почнал да се укорува:

– Не можеш да им служиш на двајца господари – си велел. – Сакаше наеднаш два зајаци да убиеш? Не, брате, така не оди работата, треба да правиш едно нешто.

– Остави, Терапонте, – му рекол некој од браќата – не е сосема расипано слаткото. И вака е добро.

– Абе ќе помине и тоа, но јас не можам себеси да се жалам брате. Ако јас си простам, тогаш Бог нема да ми прости. Така е некако, ме разбираш?

– Те разбирам.

Идниот маченик секогаш наоѓал повод да се укори себеси, и затоа не ги осудувал ближните: зашто на секоја осуда ѝ претходи вознесување.

„Јас постојано роптав – се сеќава еден брат. – Гледајќи го тоа, Терапонт почна со мене разговор за тоа, како да се бориме со предлозите.

– Предлозите – се почетни помисли, со кои уште не се соединила душата – рекол Терапонт.

– Како тоа? – прашал братот.

– Па, го гледаш чајникот, и ти се појавува помисла: да се напијам чај? Тоа е почеток. Ако човекот се согласи, го става чајникот на плотната. Тоа е веќе соединување со помислата. А кога ќе седне и ќе го испие чајот, веќе го извршил и делото. Така се случува и со секоја помисла, која ни доаѓа на памет.

Ти доаѓа, на пример, помисла да возропташ против некого, ти не се согласувај со тоа, и речи си: „Не е моја работа, да го судам братот. Бог му е судија, не јас. Јас да можам себеси да се исправам и да се спасам“.

После тоа, јас пробав да постапувам како што велеше Терапонт, и извлеков од тоа голема полза за себеси“.

Еднаш, послушникот, кој живеел во иста келија со Терапонт, го прашал:

– Ти молчиш цело време. Не ме осудуваш мене, зашто многу зборувам? Господ рекол: Не судете, за да не бидете судени (Мт. 7, 1).

– Секој од зборовите свои ќе се оправда и од зборовите свои ќе се осуди, – одговорил Терапонт. – Често, ние не забележуваме како со зборовите ги повредуваме ближните, и затоа е подобро да молчиме.

Неговите очи секогаш гледале надолу. Но, колку и да се трудел, идниот маченик, да го крие својот поглед, сепак еднаш, по Божјо допуштање, непријателот повторно кренал борба против него. Овојпат, сакајќи да го посрами Божјиот избраник, ѓаволот го направил следното.

Во манастирот дошле некои, непристојно облечени, девојки. Било лето, и тие во таков вид шетале по манастирот. Терапонт одел од храмот во дрводелската работилница и пред камбанаријата се сретнал со нив. Девојките почнале да го распрашуваат нешто смирениот монах, но тој, советувајќи ги да се обратат кај свештеник, брзо си заминал.

Сепак, вечерта кога се вратил во келијата, непријателот почнал да му претставува на монахот образи од тие девојки и да го збунува. Тогаш, идниот маченик, се вооружил против искушенијата со псалмопеења и молитва. Со солзи и воздишки за своето окајанство, Терапонт го угасил пламенот на похотта уште пред да се разгори.

Но повторно, тој зел благослов од духовникот на строг пост, и неколку дена ништо не јадел и речиси не спиел, со што го истоштил телото свое, и го направил послушно. Кога пак од силно изнемоштување, заспал дента еден час, во лесен сон застанал пред него Ангел Божји и му рекол:

– Стани, Терапонте, и не бој се.

Разбудувајќи се, почувствувал дека непријателот отстапил, и Господ го избавил од искушението. Издигнувајќи го умот свој кон Бога, монахот Му заблагодарил:

– Слава Ти, Господи, што не ме остави мене, грешниот Твој слуга, но се смилува над мене. Ти благодарам, Владико. Не оставај ме и во иднина, но прими ме, како немоќен, нека биде Твојата света волја врз мене, окајаниот и грешен.

„Ноќната молитва ја стоплува душата, и потоа цел ден чувствуваш некаква сладост“, – велел Терапонт. Тој горел од огнот на ревноста кон Преслаткиот Исус и со тоа ги побудувал на молитва другите.

Монасите, обично, добро го скриваат својот висок духовен живот од околината. И само доколку поживеете со нив подолго време, може да ги забележите и нивните скриени добродетели.

Кој сокрил на исповед престап, присоединил со него двоен грев, А кој, правејќи добро дело, го скрил дури од својот ум – тој е блажен. Зашто, не давајќи ѝ на душата своја повод за гордост, тој ќе добие стократна награда, оддалечувајќи ја од себе човечката слава и прославувајќи ја Божјата Слава – зашто срцето човечко Му е познато само на Бога.

– Слушај, Терапонте, како успеваш да не пропуштиш полуноќница? – го прашале еднаш.

– А зошто дојдовме тука, брате? – одговорил со прашење на прашањето Терапонт. – Доста беше да живееме по свои задоволства, треба да се потрудиме и за Бога.

Многу поклоници, гледајќи, како рано наутро тој брза на служба, изобличувани од совеста, исто така станувале и оделе во храмот.

Еднаш, тој му кажал на еден работник:

– Знаеш, зошто монасите стануваат рано?

– Зошто?

– Затоа што знаат една сокриена тајна.

– Каква е таа тајна? – се заинтересирал тој.

– Обично, први се будат птиците и го слават Бога со својата песна, затоа и живеат така, без тага. Се сеќаваш, Господ рекол: Погледнете ги птиците небесни, ни сеат, ни жнеат, ни во амбари собираат, и вашиот Отец Небесен ги храни (Мт. 6, 26). Знаејќи го тоа, монасите стануваат порано од птиците, за први да го слават Бога и секогаш да имаат непоматен мир во душата.
 

http://www.optina-pustin.ru/4224-monasheskaya-tayna.html