Почина последниот свештеник од Пекингската Мисија – Протоереј Михаил Ли

На 91 година, почина митрофорниот протоереј Михаил Ли, глава на Руско-Кинеската Православна Мисија на РПЦЗ во Австралија, клирик на Кројдонскиот храм на Сите Светии што засветлиле на Руската земја. Отец Михаил – беше последниот свештеник ракоположен уште во времето на Пекингската Духовна Мисија. За неговиот животен пат, за историјата на Православието во Кина, за страдањата за верата во времето на „културната револуција“ ви го приложуваме неговото минатогодишно интервју со свештеникот Георгиј Максимов.

mihail georgij
Протоереј Михаил Ли и протоереј Георгиј Максимов

– Отец Михаил, може ли да Ви поставам неколку прашања?

– Да. Но, не зборувам добро на руски. Одамна го заборавив рускиот јазик. Од 1966 година бев во логор, дваесет години на „црни“ работи (затворенички работи во каменолом – заб.ред). Бев лишен од правото да разговарам, и во тоа време заборавив сè – не смеев ни збор на руски да кажам. А порано, добро знаев руски, добро нè учеа. Во шеесет и шеста нè иселија од дома и не испратија на „црни“ работи. Поради православната вера.

– За тој период на Православната Црква во Кина не се познати многу работи. Би можеле ли да ни раскажете за тоа, што се случувало тогаш?

– Беше лошо време. Руската Духовна Мисија беше затворена. Ги избркаа сите парохијани. Изгубивме сè. Тогаш ние живеевме во црковна куќа. Нè иселија и ни дадоа многу малечка соба, без кујна, без вода, без струја, без купатило. Таму живеевме дваесет години со четири деца. Мене ме принудуваа да работам во каменолом, каде што требаше да кршам по еден тон камења на ден. Тешко, тешко. Потоа ме ослободија.

Во 1986 г., отворија православен храм во Харбин. Трипати ми предлагаа да служам таму. Но таму, луѓето од државните органи следеа сè, повикуваа, испрашуваа за парохијаните: што велат? Што прават? Мене тоа не ми се допаѓаше, и не сакав да учествувам во тоа, па затоа не почнав да служам таму. Но еден парохијанин од Харбин му раскажал на владиката Иларион (Капрал) од Руската Задгранична Црква, (тој тогаш бил во Австралија) дека отец Михаил Ли уште е жив, и дека е во Шангај. И Владиката ме покани, ми помогна да се преселам и јас започнав да служам во Австралија.

viktor kineski
Проштална фотографија на архиепископот Виктор со работниците од млечната фарма. Пекин. Беј-гуањ. 1956 г.

– За време на гонењата, кога бевте затворени и се наоѓавте на „црни“ работи, што ви помогна да ја сочувате верата?

– Читањето на молитвите. Но морав да се молам тајно.

– Раскажете за Вашето детство, кога Православието во Кина беше во својот расцвет?

– Јас се родив во Пекинг, во Бејгуан, во Руската Духовна Мисија. Територијата на Мисијата беше многу голема, цел комплекс. Таму имаше и типографија, и фарма, и многу други работи. Таму работеа сите православни. Беше многу добро време. Татко ми, Григориј, учел во семинарија, размислувал за монаштво, но потоа сепак се оженил. Му се родија шест деца, јас – бев најстар. На седум години и јас почнав на училиште, на истото место, на територијата на Мисијата. Тоа се викаше „Руско-кинеско православно училиште“. Од десет години пеев во црковниот хор, нè учеа на сè, да пееме по ноти, јас бев прв глас. Порано пеев добро, но за дваесет години во „црните“ работи, сè заборавив… Сега се сеќавам на малку работи. Како мал, многу ја сакав црквата, молитвата… Во Пекинг, во Духовната Мисија хорот се наоѓаше многу високо. Убаво беше. Секој Велигден, после служба јас останував таму цела ноќ. Многу ги сакав службите.

– Многу ли имаше православни кинези во тоа време во Пекинг?

– Да, многу. Речиси две илјади.

– Кој беше Вашиот прв духовник?

– Владиката Виктор. Во мое време, во Кина имаше тројца архиереи [како началници на Мисијата]. Првиот: митрополитот Инокентиј[1]. Тој беше многу строг. Кога некој не слушаше, тој го казнуваше. Втор беше архиепископот Симон[2], а трет – архиепископот Виктор[3], кој потоа замина за Русија. Тој и ме ракоположи во свештен чин во 1952 г.

– Како се случи тоа?

– После училиштето, се запишав во семинарија. Во училиштето на Мисијата бевме дваесет луѓе, но многумина не беа доби ученици, си играа. Од нашиот клас, тројца ракоположија во свештен чин: прв беше монахот Тадеј, втор Евангел, и јас – трет. Тадеј прв стана ѓакон, потоа за време на [културната] револуција, го убија. Ѓаконот Евангел и сега живее во Шангај. Неодамна падна и ја скрши ногата, па сега е на постела, не оди. Само јас сеуште служам.

– Кога конечно, во Австралија, после долга пауза, ја отслуживте првата Божествена Литургија, што чувствувавте?

– Бев многу среќен. Но и бев загрижен затоа што многу работи имав заборавено. Сè ми дадоа – Евангелие, служебник, требник. Но сосема имав заборавено како да служам. И замислете, на првата служба се сетив на сè!

mihailli
На Литургија, во храмот на Св. Петар и Павле во Хонг Конг, 2012 г.

– Го сретнавте ли свети Јован Шангајски?

– Да, еднаш тој дојде кај архиепископот Виктор и служеше Литургија во Пекинг, а јас му прислужував и зедов благослов од него, од свети Јован. Тој беше малечок човек, не многу висок.

– А Вашето семејство, децата исто можеа ли да го зачуваат Православието?

– Да, но децата останаа во Шангај. Во Австралија се преселив само јас, со попадијата.

– Кога Ве ракоположија во свештенички чин, служевте на кинески или на црковнословенски?

– Најпрвин на Кинески, и Евангелието, и речиси сè друго, на црковнословенски многу малку. Имав и Евангелие, и службеник, и требник на кинески, многу книги, потоа ни зедоа сè и изгореа.

– Во Австралија, меѓу вашите парохијани има православни кинези?

– Да, многу. Тие се преселија од Гуанчжоу. Некои не разбираа ни англиски, ни руски.

– Што мислите Вие за иднината на Православието во Кина?

– Не знам, што ќе биде понатаму. Тешко е да се каже. Денес во Кина секој збор, секое дело се поврзува со политика. А христијанинот треба да биде надвор од политиката. Треба да се трпи. Треба да се молиме. Бог ќе среди, Тој сè знае. На Него е сета наша надеж.

Со протоерејот Михаил Ли,
беседеше свештеник Георгиј Максимов,
2 април, 2015 г.

Упокој ја Господи душата на починатиот Твој слуга протоерејот Михаил, и споменот за него направи го вечен!

Вечен спомен+

Вечная памят+

永恒的纪念 +

 

Извор:http://www.pravoslavie.ru

[1] Митрополит Инокентиј (Фигуровскиј) – 18-ти началник на Руската Духовна Мисија во Пекинг, кој ја возглавувал од 1896 до 1931 година. Имено, во негово време и благодарение на неговите усилија започнала широката и успешна мисија меѓу кинезите.

[2] Архиепископ Симон (Виноградов) – 19-ти наччалник на Руската Духовна Мисија во Пекинг; ја возглавувал од 1931-1933 г.

[3] Архиепископ Виктор (Свјатин) – 20-от и последен началник на Руската Духовна Мисија во Пекинг, кој ја возглавувал од 1933 до 1955 г. После враќањето во СССР бил назначен на Краснодарската катедра, со која управувал до својата смрт, во 1966 г.