Лудории после смртта – Старец Гавриил Ургебадзе (продолжение)

„Светителот и после смртта продолжува да јуродивствува“ – забележува во своето интервју, келијницата на старец Гавриил, монахињата Параскева. За тоа раскажува редакторот на житието на старец Гавриил “Дијадемата на Старецот“, Лејла Сихарулидзе: „Завршувајќи ја работата над книгата, заедно со неколку духовни чеда на отец Гавриил, седевме во неговата ќелија. Се шегувавме, си спомнувавме на разни моменти од животот на јуродивиот, и без да сакаме, се насмевнувавме. И јас сакав да кажам нешто весело, и се пошегував: „Ете, ќе ја завршам работата над книгата, и отец Гавриил ќе ме омажи (тогаш јас имав над 70 години)!“ И наеднаш, отец Гавриил како да ми намигна од фотографијата. Од зачудување, јас се стаписав и не можев да прозборам ни збор. Монахиња Параскева ме праша: „Со левото око, така, Лејла?!“ Излезе, дека и другите го забележале истото, и еден од оние кои седеа со нас рече: „Тоа не е ништо, некогаш дури нè тапка по глава!“

* * *

Би сакал да додадам неколку мои лични сеќавања, кои уште повеќе ме зближија со старецот. Снимивме филм за отец Гавриил, чија премиера беше во Москва во август. Над филмот работевме точно една година. Јас бев против тоа, филмот да заврши со заветот на старец Гавриил. Велев, дека тоа е тажен мотив, и не сакав, крајот да има таква конотација. Ме убедуваа, но се противев. И еднаш, видов сон: седам, кај мене влегува старецот и ми вели: „Ах, ти, буцко. Заветот – последен е. Ти треба да ја смениш музиката и да ја снимиш Параскева (монахиња Параскева – келијницата на старец Гавриил – заб. К. Ц.)“. Ги отворам очите, звони Дато Дарџанија (продуцентот на филмот). И што мислите? И нему му се сонил старецот и рекол „320 килограмниот буцкаст човек треба да направи тоа и тоа“. Ние секако, ја сменивме музиката, и јас се согласив со тоа, заветот да биде последен. И секако, се смирив со тоа, што ќе ме викаат буцко.

Би сакал да споделам уште еден настан, кој се случи со мене во една Божикна ноќ. Ноќта имаше служба во Троицкиот Храм, и јас служев кај Патријархот Илија II. По завршувањето на службата, заминав дома. Влегов, вклучив светло, се помолив пред иконата на Спасителот и легнав да спијам. И покрај тоа, што бев многу изморен, никако не можев да заспијам, но таа несоница беше посебна! Ако во други случаи се чувствував лошо, сè ме болеше, овојпат беше поинаку! Јас чувствував некоја радост! „Не, Костја, – си реков во себе – станувај веднаш!“ Ја вклучив струјата. Мојот поглед застана во средината на собата, и наеднаш се сетив, како танцував тука пред пет години.

Мислам, сите различно го изразуваат своето благоговение пред Господа, сите се радуваат: едни пеат, други кажуваат здравици, седат покрај поставена маса (а јас немав никаква поставена маса, и да пеам, не знам) и јас посакав да поиграм за новородениот Исус! Да, да пуштам музика и да заиграм!

Го пуштив грузискиот танец „Аџарскиј“ и во 4 часот по полноќ почнав да танцувам и да Му велам на Исус: „Ете, мој возљубен Христе, сите Те поздравуваат, сите се радуваат, и јас се радувам!“ Така, јас го изиграв орото, потоа се приближив до иконите, направив поклон и легнав да спијам. И видов сон. Истата ситуација. Јас танцувам, како наеднаш, влегува старец Гавриил во расо и вели: „Ајде, Котико, не застанувај“ – и почна да игра заедно со мене. Играше и се шегуваше, ми велеше дека многу сум се поправил, како „божикно прасе“! Јас се смеев на сиот глас! Утрото се разбудив, на мојата радост ѝ немаше крај, но најнеочекуваното сеуште ме чекаше! Ноќта, кога дојдов дома, ги затворив вратите и проверив двапати, а сабајлето беа отворени, иако никој не излегуваше, и секако не влегуваше. Се разбира, освен старец Гавриил!

Константин Церцвадзе

2 ноември 2016 г.

Претходно: „Еден – нула“ – Старец Гавриил Ургебадзе