Завет на Патријархот Алексеј до младите

Драги мои!

Јас имам 62 години. Вие, имате речиси три пати помалку. Очигледно, дека вие ќе живеете во свет, кој многу ќе се разликува од светот, во кој јас го поминав сиот свој живот, со исклучок на останатиот и најсложен за мене дел. Општеството, во кое ќе живеете вие, ќе биде уште пожестоко. Се надевам, во него ќе има помалку надворешна, државна принуда. Но, тоа самото ќе ве принудува кон дејствија, избори, непрестајни активности, и борба за преживување и успех. А бремето на слободата секогаш е сурово, тешко. Општеството во кое ќе влезете (или во кое ќе ве одведат), ќе биде како ниедно друго во историјата. И тоа не е за пофалба. Тоа ви е предупредување. Работата е во тоа, што за првпат општеството на конкурентната економика ќе се создава во услови на духовно разрушување. Општеството на пазарното домаќинсво во Европа се појави од средината на строг протестантски пуританизам, кој даваше морална и религиозна оценка на пазарната и социјална дејност на човекот. Од своја страна, Римокатоличката црква, излегувајќи од Контрареформацијата уште посилна, отколку кога влегла во неа, му помагала на човекот да се ослободи од економската „едномерност“, напомнувајќи му дека и тој и другите – пред сè се чеда Божји, и дури потоа бизнисмени или работници. Тоа, и многу други духовни напомнувања може да им даде на луѓето и нашата Руска Православна Црква. Но, многумина ли се спремни да нè слушнат?

Треба ли некого да го убедуваме денеска, дека дури и во годините на Преродбата (Перестројката) нашето опшество не стана подуховно? Има луѓе – и тие, фала Богу, не се малку – кои навистина сериозно дошле во допир со христијанскиот свет и станале помеки, подлабоки, посериозни. Но, многу многумина ли ги гледате меѓу своите другари и спремни ли сте и самите сериозно да се прислушате кон нивните зборови.

Денес, во нашето општество, во суштина нема општонационални вредности, а кај луѓето, кои го прават новиот образ на живот, нема религиозни вдахновувања. Затоа, се плашам дека со тешка стрмоглавица ќе се истркалаат промените – необходните и неизмежни промени – за многу, многу судбини – меѓу нив и вашите. Да ви даде Бог храброст и трпение, умешност самите да ги поднесувате неволјите, а најважно – да ви даде Бог умешност да забележувате, кога самите им причинувате болка на другите. Вие ќе живеете во новата Русија. Во таа Русија, која сега заминува, во комунистичка Русија, ние не само губевме многу, но и нешто придобивавме. На пример, во услови, кога надворешната, општествена активност беше опасна, кога државата зрачеше со студенило, луѓето особено се учеа да ја ценат топлината на човечкото општење, топлината на семејниот живот, се учеа на мудрата умешност да живеат во мир со својата душа. Луѓето се плашеа да им се откриваат на сите – но затоа, до крај се отворале пред малкумината свои блиски. Луѓето чувствуваа глад по вистината и недостаток на информации – но затоа, со сета длабочина на душата, искрено ја доживуваа секоја трошка од вистината.

Колку би сакал, искреноста пред себеси, пред Вистината, а исто така и таа човечка, душевна топлина да ги наследите и вие во светот, каде ќе живеете. Јас – сум монах, и немам ни семејство ни деца. Но, јас знам заради што сум се откажал од таа најголема земна радост. Може да се откажете од љубов кон еден човек и кон оние, кои се појавуваат на светот како плодови на таа љубов, заради друга, поголема љубов – љубовта кон Бога, заради призивот, заради можноста целосно да се посветите себеси на служење на сите луѓе. Но, за мене е многу болно да гледам, како денес многу млади луѓе се откажуваат од децата заради сосема други, апсолутно несоодветни цели – заради животната „благосостојба“. И не само што се откажуваат од децата, туку и ги убиваат, не им даваат ни да се родат, убивајќи ги во мајчината утроба…

Светот во кој ќе влезете, може да стане свет на непокаени убијци, убијци кои не се ни свесни што направиле, на што се согласиле. Христијанството вели дека човекот доаѓа во светот, за после него, светот да стане барем малку посветол и подобар. Христијанството вели, дека човекот доаѓа во светот за да дарува, а не да искористува. И пред сè, човекот треба да се подари себеси. Се плашам, дека денеска човекот се воспитува така, што тој се гледа себеси како некое единствено „чувствилиште“, за чија наслада треба да служи сиот останат свет. Морам да ве предупредам, дека христијанството поинаку го гледа местото на човекот во инаквото. Сетете се на Распнатиот Христос, сетете се како Тој го возљуби светот. Или сетете се на зборовите на Пастернак за човечкиот живот: „Зашто животот, исто така е само миг, само растворување на самите нас во сите други, како подарок за нив“.

Да се биде христијанин е тешко. Но, имено христијанството го подмладило светот. Да, во Православието големо значење имаат старците, умудрени со опит духовни раководители. Но, ако некому од вас му се падне радоста да разговара со вистински духовен свештеник, старец, ќе видите колку младост, колку радост, светлина, внатрешни сили и мир живеат во него. „Јас дојдов, – рекол Христос –за да имаат живот, и да го имаат во изобилство“. (Јн. 10, 10). И ако младоста – е симбол на полнотата на животот, христијанството – е навистина пат на младите.