Што е вистина? Која, или поточно Кој е вистина?

Денес, ова прашање е најактуелно, имајќи ги предвид испревртените вредности. Всушност, денес таму е присутна лагата, измамата, лажните вести, злоупотребата на медиумите во полза на личните интереси, или поточно да се ужива во нанесување неизмерна болка на „непријателот“.

Никогаш досега така јавно и бескруполозно не биле искривоколчени вистинските  суштествени вредности, од кои зависи дали градиме духовно, интелектуално и здраво, семејство и општество, во секој поглед.

Вистината е Една и Единствена, и од неа произлегуваат сите вистини, наспроти лагата.

Никој во целиот свет до денес, освен Богочовекот и Спасителот наш Христос не се осудил да рече: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6), па оттаму и најголемиот светски класичар  Достоевски ќе рече: „Кога би морал да изберам помеѓу Вистината и Христа, јас сепак би го избрал Христа“, се разбира, затоа што Он е изворот на секоја вистина.

Наспроти Вистината – Христа, стои лагата, сатаната, за кого е речено, дека е татко на лагата од искони (од почетокот), и од него извира секоја лага и измама.

Вистината – Христос, (нè) води кон вечниот живот (рајот), а лагата – сатаната, води во огнената геена (пеколот). Вистината во светот, кој лежи во зло, е потисната, унижена, обесправена и постојано преку полувистината се стреми лагата да триумфира над вистината. Вистината е постојана, непроменлива, ненаметлива, молчелива и доследна. Наспроти вистината, лагата е, непостојана, променлива, наметлива и бучна (гласна).

Вистината и лагата немаат ништо заедничко, како што немаат Христос и Велијар – сатаната. Целта на Вистината е да остане вечно Вистина, а на лагата целта и е да го заземе местото на Вистината, да се прогласи себеси за вистина, како што сатаната сакал да му го земе местото на Бога, себеси да се прогласи за Бог, а и денес се прогласува за господар на светот.

Затоа, сите зла во светот биле прогласени најбучно како вистина, над секоја вистина, за подоцна да се констатира дека тоа биле лаги т.е. кажани врз стотици и илјадници лаги, зашто за да се покрие една лага, мора да се измислат уште стотина други лаги, за на крајот да излезе и триумфира вистината, ако не на овој (овдешниот) свет, тогаш несомнено на Страшниот Христов Суд, пред Христа Вечната Вистина.

Всушност овој свет е полето, мегданот, рингот на постојана борба меѓу лагата и вистината, и на почетокот лагата остава силен впечаток дека е надмоќна, за на крајот да биде катастрофално поразена – победена. Така било во борбата на небесата меѓу сатаната со неговите ангели, (демоните) и Архангел Михаил и Светите небесни сили (ангелите), и сатаната беше победен; така беше победен и Голијат од Давида; така беше победен сатаната од Светиот праведен и многустрадален Јов. Со Христовата смрт, беше победена смртта преку Воскресението; така исчезнаа сите неправедни царства и империи, а ќе исчезнат и денешниве, а ќе останат, пак, само сеќавањата на сите војни, злосторства и неправди, односно полувистини, лаги и измами, и конечно ќе триумфира Вистината.

Што е лага?

Лагата им причинува (прави) –  голема штета, и на тој што ја говори, и на тој што ја слуша. Тој што лаже, тие што го слушаат го мразат, го сметаат за нечесен и со недоверба гледаат на него.

Тој, пак, што ја слуша лагата и верува во неа, тој ја прогонува верата.

Лагата убива цели градови, соборува држави и царства, сее непријателство и омраза меѓу пријателите, ги скарува роднините, ги разделува сопружниците.

Лагата ја разделува – разорува и Црквата, со еретици, расколници, неверници и.т.н.

Господ строго ја забранува лагата со Својот закон „не лажи“ Божја заповед, а во раната Црква со смрт ги казнува лажливците, како што е случајот со Ананиј и Сепфира, поради затајувањето на ветените пари од продадената нива, што ја ветиле на Црквата.

Свети апостол Петар ги проколнал и Ананиј и Сепфира, за тоа што го излажале (Светиот Дух), и умреле. Ќе праша некој, зошто Бог не ги казнува денешните лажливци со иста казна, кои се накотија и ги има премногу! Затоа што има друг иден живот, кога на сите според делата ќе им биде дадено. Оваа казна е само за да видат луѓето колку строга е казната за лажење, односно (смрт) телесна, а во идниот живот пеколно живеење. Бог се гневи на лажливците. Но, не знаеме дали и на денешните лажливци Господ не им одредува казни со болест(и), загуба на имот(и), беди и.т.н. Во Стариот Завет, Господ дал заповед „не лажи против ближниот“, а во Новиот Завет, вели: „вам да ви биде да, да, нè, нè“. Не лажете се едни со други (Кол 3, 9).

Луѓето, за жал и некои клирици, сосема заборавиле дека се  последователи и ученици Христови, Кој рекол за Себеси: „Јас сум патот, вистината и животот“ (сп. Јован 14, 6). Некои живеат без да знаат, дека лагата е убиство.

Луѓето лажат при тргувањето и ги каматат купувачите, па дури вината ја фрлаат врз купувачите што не ја согледале штетата. Луѓе за жалење! Други тргуваат за вработување луѓе и присвојуваат способности и добродетели што не ги поседуваат . Дали се тие достојни христијани?

Некои, лагата ја употребуваат да го развеселат општеството и луѓето, па шеговитата лага им преминува во навика, а ним кој да им верува понатаму?  На такви, не доверувајте се.

Лагата им прави штета на ближните и на оние што лажат и на излаганите и на оние што ја слушаат, а ништо не прават да ја разобличат лагата. Погубни се последиците од лагата. „Лош порок во човекот е лагата“ (Сир. 20, 24).

Навиката да се лаже, најнапред е најголема штета за нас. Потоа, го развратува нашето духовно насочување, ја разурнува нашата добронастроеност на душата; им противречи на разумот и свеста; не поттикнува да говориме и дејствуваме против убедувањето.

Кај ближните, исчезнува љубовта кон лажливецот.

Навиката да се лаже, доведува до многу злосторства: клевета, неверство, свртување на делото на штета на ближниот, преувеличувајќи ги неговите слабости и недостатоци.

Најнапред не омаловажува нас самите, не прави лесномислени, неразумни, безсовесни, а следствено на тоа, човекот губи доверба кај другите. По навика ги лаже другите, ги измачува, ги искористува, нема доверба кај луѓето.

Лагата ја ослабува љубовта кон вистината, уважувањето кон вистината се намалува и пречи кон распрострувањето на вистината. Подобро човек да е крадец, отколку постојано да лаже.

Учителите на лагата се практично волци во овчи кожи. Денес тие се премногу накотени. Тие се јавуваат во неприроден вид и обично ја бараат општествената благосостојба. Тие се против Црквата и учат дека таа го одживеала своето постоење и дека треба да замине во заборав. Семејството треба да се распушти; брачната љубов е стега за брачните другари; децата им се товар и немаат можност за слобода, бидејќи децата се постојана обврска; се форсира браковите да бидат пробни, но и истополови, наспроти Божјата заповед, дека „мажеложниците (хомосексуалците) и пијаниците нема да го наследат Царството Небесно“ (1. Кор. 6, 9-10).

Приврзаниците на лагата, протежираат анархија и уривање на власта со насилни средства, непочитување на законите, толкување на законите како што ним им одговара и.т.н.

Но има и лажни учители кои сакаат и верата да ни ја уништат, како разни сектанти увезени во текот на овие последни неколку децении, а меѓу нив се и спиритуалистите, црна ружа, синиот (кит), кои последниве веќе ги земаат и најновите жртви како што беше случајот, пред некоја седмица, кога во кочанското село Кучичино, 14 годишно момче си го одзеде животот.

Христос ни вели да се пазиме од нив. „Пазете се, некој да не ве прелаже, зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи јас сум Христос, и ќе ве прелажат многумина“ (Мат. 24, 4-5; Лука 21, 8). Бегајте од тие луѓе, зашто човек не може да се допре до нив како до катран, а да не се оцрни.

Бегајте од луѓето што се претставуваат за слободни мислители.

Заштитници и раководители на верата ни се голем број учители на Црквата, Свети Отци, Божји угодници, докажани духовници, кои со својот опит, живот и дела ја потврдуваат верата.

Гледате колку внимателно треба да пристапуваме, „не како неразумни, туку како мудри, ценејќи го времето, зашто дните се лукави“ (Ефес. 5, 15 -16).

Современите лажни учители, воглавно се вооружуваат против нашата вера, татковска и прадедовска, заведувајќи ги верниците, дека сите вери наводно се еднакво блиски, наспроти Христовите зборови, дека „ако некој промени една црта или јота од Писмото нема да го наследи Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 18).

Други пак велат, ако некој верува и да греши ќе се спаси. Но Христос вели: „Не секој што ми вели Господи, Господи, ќе влезе во Царсвото Небесно, туку оној што ќе ги исполне Моите заповеди“ (сп. Мат. 7, 22). А пак Свети апостол Јаков вели: „Верата без дела е мртва“ (Јак. 2, 20). Покажи ми ја верата од делото.

Некои против послушанието говорат: – Не треба на родителите да им се угодува, а исто така и на претпоставените, господарите и властите, сметајќи ги сите како робовладетели. Тие се застапуваат за „слобода и еднаквост.“ Но Светото Писмо вели, почитувај го таткаси и мајкаси… бидете послушни на родителите, како и на господарите по тело… (Ефес. 6, 1-5).

Идниот живот е неизвесен, велат некои лажни учители, затоа треба да се насладуваме на сегашниот и земниот. Светото Писмо пак вели: „Најнапред барајте го Царството Небесно и неговата правда“ (Мат. 6, 33).

Премудриот вели: „Лажливата уста е гнасна пред Бога“ (Изрек. 6, 16-19). Напразно се молат устите што говорат лага.

Надав и Авиут, Ароновите синови, заради лага биле казнети со смрт, поради палење на туѓ оган. Исто така и Кореј, Датан и Авирон, со смрт биле казнети, поради тоа што принесувале жртви, иако не биле свештеници.

Човекот во себе има вроден стремеж кон вистината и правдата. Тој и без да е правник или философ, веднаш ги проценува зборовите и делата на другите, дали се вистинити или лажни. Човекот од вечноста ја бара вистината, на затоа Пилат му вели на Христа: „Што е вистина?“ (Јован, 18, 38).

Христос му одговара:  – Јас сум Вистината! Јас затоа и се родив, затоа и дојдов да сведочам за вистината. Секој, кој и служи на Вистината, тој го слуша Мојот глас.

Од устата на Спасителот не излезе лага.

Христос е извор, Кој непрестајно тече и ја пои секоја душа жедна за вистина.

Таа е Вечната Вистина, што ја навестуваа пророците и умираа за неа. Таа горела во нивните срца. Таа го терала Исаија да вика: „Горко вам!“ (Иса. 5 глава).

Таа го насрчувала Свети Јован Претеча и Крстител да ги изобличува фарисеите и садукеите, со зборовите: „породи аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас!“ (Мат. 3, 7). Истиот му вели на Ирода „не ти е дозволено да ја водиш жената на твојот брат“ (Марко. 6, 18).

Токму таа вистина, ја креваме и Ние денес пред вас, наспроти лагата и лицемерието, што го обзеле целиот свет!

Знаеме дека вистината секогаш е гонета, намразена, но најпосле ценета и триумфална.

Трновит и стрмен е патот на вистината и правдата. Денес, навистина и се служи на правдата, која е поткуплива и молчелива; која мора да молчи, денес имаме правда која заедно јаде со неправдата и молчи. Чистата вистина бара жртви, кој ќе ги даде?

Жалосно е што денес, постануваме виртуелна нација, нација со лажно име, со лажна чест, со лажно достоинство. Живееме во едно лажно виртуелно општество, во страшна состојба, во која се наоѓаме неверувајќи никој на никого, почнувајќи од семејството, па сè до работните организации, фирмите, општеството и.т.н. До каде стигнавме? Такво лажно општество, без национална свест, без здраво семејство, без вистински бракови и од Бога определен пол и секаков вид пороци, ни нудат Западната и Европската идеологија, а ние спротивно на Православното учење, како зависници од алкохол и дрога, безрезервно ги консумираме. Боже спаси нè од  себе и помилувај нè. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски Г. Петар