Запознавање – о. Андреј Конанос

Еднаш, го прашав еден човек:

– Ја сакаш ли својата жена?

Тој одговори:

– Да, ја сакам!

– А како ќе го докажеш тоа?

– Ја сакам, што уште треба да правам?

– Добро, а како го покажуваш тоа? На пример: знаеш ли, кое е нејзиното омилено јадење?

– Каква врска има храната со тоа, дали ја сакам жената или не?

– Па, – му реков – тоа е едноставно: ако некого сакаш, знаеш за тој човек сè, сите негови особености и приврзаности.

Друг човек пак ги знаеше сите подробности од секојдневниот живот на својата жена, тој ја љубеше толку силно, што ги знаеше сите тајни на нејзиниот живот. Го прашав:

– Што сака најмногу?

Тој одговори:

– Нејзе сè ѝ се допаѓа, но кога ѝ купувам сладолед од ванила, душата ѝ пее! Јас ја освоив со сладолед од ванила!

Таа сакала сладолед, и тој го знаел тоа. Другиот пак ништо не знаел за својата жена. Често, ние ништо не знаеме за љубените. Ја познаваш ли ти својата жена? Го знаеш ли ти својот маж? Го познаваш ли вистински неговиот карактер, душа, поведение? Има сопрузи, кои живеат заедно и ништо не знаат еден за друг. Раѓаат деца и ништо не знаат еден за друг. Се прегрнуваат, спијат во една постела и ништо не знаат еден за друг. Едниот не ја познава, не ја чувствува душата на другиот. И колку често слушам:

– Маж ми не ме разбира, не ме чувствува, не ме забележува.

Но, истото може да го каже и мажот за својата жена. Тоа е многу тажно, да проживеат заедно многу години, и толку лошо да се познаваат еден со друг, и да не успеат да ја запознаат убавината на човечките односи. И колку е прекрасно вистински да се познава ближниот човек. Ако го познаваш, чувствуваш, ќе ги разбираш и многу други луѓе, слични на него. Ако ја запознаеш својата жена, ќе запознаеш и многу други луѓе, и тоа е прекрасно. Затоа, грижете се еден за друг, трудете се да разговарате еден со друг, да зборувате и да гледате еден во друг, дури и кога се карате.

Архимандрит Андреј (Конанос)