Недела на Света Марија Египетска – Света Архиерејска Литургија во манастирот Вознесение Христово, во Крушево

На 02.04.2023 г., во Петтата Недела од Великиот Пост (Недела на Света Марија Египетска), кога го празнувавме споменот на Света маченичка Фотина, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на ереите Крсте Тасески, Тони Кузмановски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во манастирот Вознесение Христово, во Крушево. 

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Сè можам во Исуса Христа, Кој ме крепи и ми дава сила“.

Браќа и сестри, се наоѓаме во Петтата недела од Велигденскиот пост. Нашата Света Црква во секоја од овие недели, како образец ни дава по некој од светите и (од) страдањата на Спасителот наш Господа Исуса Христа, со цел да ги имаме пред себе како пример, за тоа како треба да живееме и да се бориме со искушенијата кои ни доаѓаат од сатаната, кој делува преку овој свет, но и преку луѓето, кои дозволуваат да бидат негови слуги.

Па така денеска, во оваа Петта недела, како образец ни е поставена Светата Марија Египетска, а исто така, од денешното Свето Литургиско Евангелие, второто по ред, слушнавме за жената грешница, која кога Спасителот наш Господ Исус Христос, влегол во куќата на Симона, таа Му ги целивала Неговите нозе, кои потоа со миро ги помазала и со својата косата ги триела и со солзи ги облила, а Симон не му дал ни целив, ниту вода да ги измие рацете.

Ете, слушнавме од првото Свето Евангелие, како и Светите Апостоли Јаков и Јован, побарале од Господа Исуса Христа, да им исполни една желба. Имено, едниот да седне од Неговата десна, а другиот од Неговата лева страна во Царството Негово, заборавајќи дека Царството на Господа наш Исуса Христа, како што рекол Самиот Спасител, не е од овој свет, туку Царството Негово е од оној свет и тоа нема крај.

На прашањата дали Господ ќе им дозволи на двајцата Апостоли да седнат, едниот од Неговата десна, а другиот од Неговата лева страна, Спасителот Господ им вели: „Не знаете што барате“ (Марко 10, 38). Господ потоа им вели: „Можете ли да ја испиете чашата што Јас ја пијам и да се крстите со крштението, со кое Јас се крштевам?“ (сп. Марко 10, 38).

Чашата, која Христос нашиот Бог и Спасител ја пиел, кога Го молел Отецот како човек, а не како Бог, да Го одмине, е чаша на неговите страдања. Кога Христос бил во градината на молитва, од Неговото чело (кога се молел), течеле капки пот како крв, а ангел Господов Го крепел и подржувал како човек. Тогаш Апостолите биле заспани, па во три наврати Спасителот им велел да не спијат, зашто се приближило времето на Неговото страдање. Спасителот им велел: „Молете се, да не паднете во искушение“ (сп. Мат. 26, 41), бидејќи искушенијата постојано доаѓаат.

Искушенијата доаѓале на Апостолите, од сатаната, но од нив не бил поштеден ни Спасителот наш. Христос Спасителот, пред да ја отпочне Својата проповед, отишол во пустината и четириесет дена и четириесет ноќи, бил во пост и молитва, не јадејќи и не пиејќи ништо. Тогаш пристапил сатаната да Го искушува и бил победен од Христа нашиот Бог Спасител.

Па, ако Христос, како човек, бил искушуван, тогаш како можеме ние да мислиме дека нема да бидеме искушувани? Токму затоа, во оваа недела од Велигденскиот пост, ќе поговориме за искушенијата, за маките, за страдањата, за болките, за потешкотиите и немоќите и за сè она што врз нас грешните и недостојните, ни доаѓа. Сето тоа, браќа и сестри, не може да се одмине, не може да се победи, ако не се надеваме во Господа, Кој рекол: „Без Мене, не можете ништо добро да направите“ (сп. Јован 15, 5). Без Христа нашиот Бог и Спасител, ние не можеме ништо добро да направиме. Надежта наша треба да биде во Господа Бога, Кој ги создал небото и земјата.

Браќа и сестри, што треба ние да бараме од Бога кога се молиме? Ние најповеќе земни и времени работи бараме во нашите молитви. Исто како и овие двајца Апостоли, кои пред целосно да се осветат од Светиот Дух, (со останатите) Апостолите на Светата Педесетница, на Духовден. Тие од време на време паѓале во искушенија, како Свети апостол Петар, кој што од љубопитност сакал да види што ќе се случи со Господа Исуса Христа, кога Он бил одведен на суд, кај првосвештениците Ана и Кајафа. Тогаш на Свети апостол Петар, кога бил во предворјето, каде што се греел затоа што било ладно, му рекле да не е и тој од Неговите ученици, а апостол Петар, (тогаш) три пати се одрекол од Христа. Спасителот Христос, на Свети Петар уште пред да се одрече  му рекол три пати ќе се одречеш од Мене, пред три пати  петел да запее. Христос кога излегол од судницата кај Ана и Кајафа, само еден поглед бил доволен, Свети Петар, да почне да се кае за својот грев. Тој се потпрел на ѕидот и горко плачел за гревот, за тоа што се одрекол од Христа.

Според Свети Климент, епископот римски, се вели дека секој ден кога Свети апостол Петар, ќе слушнел наутро петел да пее, горко плачел за својот грев.

Па така и ние, браќа и сестри, треба да се покаеме за нашите гревови, а покајанието подразбира признавање на гревовите што сме ги направиле. Но ние толку многу сме отишле во нашата гревовна состојба, што честопати не признаваме дека сме грешни луѓе. Ние кажуваме дека секој друг е грешен, односно дека тој и тој наш брат е пијаница, другиот е коцкар, третиот е нечесен човек, кон живее неморално, четвртиот велиме дека е клеветник, петтиот лажго и.т.н, а никако да се самоосудиме.

Сите гревови на нашите, браќа и сестри, ги знаеме, и не само што ги знаеме, туку ги преувеличуваме и со нив се занимаваме, повеќе отколку со себе и со нашите гревови, престапи и пороци. Тука е најголемиот грев и најголемата опасност за нас, зашто покајанието подразбира дека кога човек ќе згреши, веднаш треба да размисли за тоа и веднаш да се покае. Пример за такво покајание, спомнав дека ни е Свети апостол Петар, кој веднаш се покајал за гревот што го направил, одрекувајќи се од Христа нашиот Бог и Спасител.

Но денеска како образец ја имаме Света Марија Египетска, која кога била на дванаесет години, го напуштила семејството и живееле недостоен и неморален живот. Таа многу луѓе со својот неморал, навела на нечесен живот. Во седумнаесеттата година, била позната како најголема блудница во Александрија, а била родена во Египет. Секој знаел која е Марија блудницата, како што и онаа блудница, што денеска во Светото Евангелие слушнавме, што дошла при Христа да побара прошка за гревовите и да го излее Светото миро врз Неговите нозе и со своите солзи да ги облие Неговите нозе и да ги истрие со нејзината коса.

Ете, оваа блудница Марија Египетска, еден ден, кога видела еден брод во Александрија дека ќе оди на поклонение на гробот Христов, и таа влегла во тој брод, со намера пред сè да ги развесели патниците со нејзиното блудно однесување во бродот. Кога стигнала в Ерусалим, таа посакала да влезе во храмот на Спасителот наш Господа Исуса Христа на Голгота, каде што е и Воскресението Христово. Сите влегувале во храмот, но неа некоја чудна невидлива сила ја сопрела да го пречекори прагот и да влезе во црквата. Света Марија се изненадила дека е немоќна да влезе во храмот, па наеднаш почнала да размислува за себе, за своите гревови, за својот живот и за своето однесување.

Оваа најпозната блудница во Александрија, се сетила за сите свои гревови што ги направила, па така, се потпрела на ѕидот и плачела, како што и Свети апостол Петар плачел за тоа што се одрекол од Христа, и го молела Бога да и ги прости сите нејзини гревови. Света Марија ја молела Мајката Божја, Пресвета Богоридица, ветувајќи и дека ќе се откаже од нејзиниот дотогашен неморален живот и дека цел живот понатаму, ќе Му служи на Бога, само Господ да и ги прости гревовите и да и дозволи да влезе во храмот Божји, да го целива Крстот Христов и Светите икони.

По нејзиното длабоко покајание, кое извирало од длабочината на нејзината душа и срце, Господ длабоко погледнал во нејзиното срце. Видел Спасителот дека нејзиното покајание е вистинско, а не лажно и површно, и ѝ дозволил да влезе во храмот.

Света Марија го целивала Крстот Христов и иконата на Мајката Божја, а потоа слушнала глас, кој и рекол да оди од другата страна на реката Јордан, во пустината. Купила три леба, со парите кои и ги дал некој човек, а потоа се причестила во мастирската црква на Свети Јован Претеча, се избањала во реката Јордан, што значело, очистување од гревовите што и ги простил Господ, затоа што одлучила да живее нов живот; вистински живот според Христа нашиот Бог и Спасител и отишла во Јорданската пустина.

Таму живеела четириесет и седум години и ништо не видела од овој свет, ниту човек, ниту маж, ниту жена. Алиштата што ги имала се искинале, а на најзиното тело останала само нејзината кожа, која всушност била некако прилепена врз нејзините коски. Тоа бил жив скелет, браќа и сестри, па така, оваа некогашна блудница, а сега покајница и Света жена, своето тело го подготвила и го направила вистински храм на Светиот Дух. На тој начин, оваа Света жена, која во црквите се слика некаде на влезот од влезните врати од црквата, секогаш можеме да видиме дека е како вистински скелет, односно дека нејзиното тело е исушено и од него ништо нема. Но нејзиниот дух, бил толку силен, што кога еден светител и подвижник по име Зосим, кој таму некаде далеку од светот и тој се подвизувал, забележал дека во пустината како да има некоја силуета, односно како да поминало некое суштество. Наеднаш од љубопитство почнал да трча за да види кое е тоа суштество, но никако не можел да го стигне. Кој знае колку часови се случувало тоа трчање, додека најпосле Света Марија не му се обратила по име со зборовите: „Оче Зосиме, не доаѓај наваму, зашто јас сум жена необлечена. Фрли ја твојата наметка, за да се облечам“.

Тој и ја оставил наметката и се вратил назад. Откако таа се покрила со неговата горна облека, (мантијата), пристапила и му го раскажала сиот свој претходен живот, а и тој што го живеела во пустината.

Светиот Зосим, тогаш почнал да се поклонува пред неа, а таа му рекла: „Не се поклонувај, ти си свештеник, ти ги држиш во своите раце Светите Тајни, Телото и Крвта Христови и не треба ти пред мене да се поклонуваш, туку јас пред тебе, за даровите што ти ги принесуваш пред Бога. Не заборавај, идната година, во истото ова време, (а тоа било први април по стар стил), да дојдеш тука и да ми ги донесеш даровите Христови, Причесната, за да се причестам“.

Светиот Зосим го направил тоа и откако ја причестил, таа му рекла да дојде и идната година, за да се види со него и си заминала. Кога тој дошол идната година да ја побара, ја нашол мртва, а на земјата од неа било напишано, „ова тело оче свети, погреби го тука“, и Свети Зосим го погребал телото нејзино. Ова се случило истиот ден по нејзиното причестување.

Браќа и сестри, еве за каква светителка станува збор. Станува збор за вистински покајник на Црквата Христова, што нашата Света Црква, ни го дава како пример и образец, како треба и ние денеска да се однесуваме и да живееме.

Кога веќе зборуваме за покајанието, ние треба да го знаеме следново, односно  за да се покаеме, ние треба да ги признаеме нашите гревови и да донесеме одлука, како што донела и Света Марија Египетска, односно од денеска па понатаму, дека нема повеќе да грешиме. Но ние такви одлуки не донесуваме. Ние се нарекуваме христијани само по име, но не и по живот и по дела.

Иста така, кога велиме дека треба да се покаеме, тоа подразбира, дека откако знаеме за себе, уште од мали деца, па сè до денеска, да размислиме што сме им згрешиле на родителите, на браќата, на сестрите и на сите луѓе, а особено на Бога, дали сме ги исполниле Неговите Свети Заповеди.

Исто така, треба да не заборавиме дека ако ние сакаме да се спасиме, треба да се молиме Господ наш Исус Христос, најнапред да ни ги прости нашите гревови. Прва и основна работа е да се покаеме за гревовите, а потоа барање прошка за нашите гревови.

Ние навистина можеме да добиеме прошка, но само ако искрено се покаеме, и ако почнеме да се менуваме, да го промениме нашиот живот, да ги отстраниме од нашите умови грешните мисли, помисли и фантазии, и од нашите срца, грешните чувства, грешните желби, похоти и страсти, од кои произлегуваат и грешните дела. Ние треба да направиме стротивни на гревовите добри дела, односно ако сме лажеле, да ја кажуваме вистината, ако сме краделе, да го вратиме украденото и да им дадеме материјална помош на оние кои имаат потреба. Гладни да нахраниме, жедни на напоиме, необлечени да облечеме, да ги посетиме болните во  болниците и затворениците во затворите и.т.н.

Да направиме добри дела, браќа и сестри, но добри дела ние не можеме да направиме без помошта Христова, без Божјата помош. И токму, само заради нашето искрено покајание, како што било на Свети апостол Петар и на Света Марија Египетска, и на жената блудница и доколку тоа покајание извира од длабочината на душата и срцето, заради таквото покајание, Господ ќе ни даде еден дар, а тој дар е Божјата благодат, што ја добиваме од Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајание и Исповед, Венчание, за оние што се венчаваат, Свештенство, за оние што се ракополагаат во свештени чинови, Големиот Маслосвет, за оние што се болни, и најголемата Тајна, односно Тајната над Тајните, Светата Тајна Евхаристија, односно Причесната.

Господ заради вистинското покајание дава благодат, а што е благодатта? Благодатта Божја, е сила Божја. Благодатта Божја, се енергии Божји. Како што струјата е невидлива, а е страшна енергија, која движи мотори и фабрики, но убива и луѓе, ако се фатите за жица со струја, ќе бидете мртви. Ете, таква е силата на овие небесни сили, небесни Божји енергии, кои не се создадени, за разлика од струјата што ја спомнавме, која е создадена.

Тие енергии, таа благодат Божја, нам може да ни даде сила. Ние велиме дека човекот е моќен, но има граница на неговата моќ. Некој уметник може толку многу да наслика, а некој друг, како на пример во спортот, може многу да постигне, но сето тоа има граница. Но кога е во прашање благодатта Божја, тука границата нема крај, бидејќи тука во прашање е силата Божја, која нам ни се дава изобилно, „благодат врз благодат“ (сп. Јован 1, 16).

Токму затоа, браќа и сестри, ние во нашите молитви пред сè треба да го бараме Царството Небесно, како што рекол Спасителот: „Најнапред барајте го Царството Небесно и Неговата правда, а останатото ќе ви се додаде“ (сп. Лука 12, 31). А ние кога бараме, треба да бараме да биде волјата Божја, а не нашата. Ние секогаш во молитвата „Отче наш“, велиме „да биде волјата Твоја Господи“, но секогаш се стремиме да биде нашата волја, која не е волја на срцето и душата, туку е волја на стомакот,  волја на нашите телесни, материјални и преодни желби.

По молитвите на Света Марија Египетска, на која денес споменот и го празнуваме, и по молитвите на Мајката Божја и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар