Старец Пајсиј и монахот алкохоличар

Некогаш на Света Гора, во Кареја, живеел еден монах. Тој пиел и се опивал секој ден, така што станувал причина за соблазна на поклониците. На крајот монахот умрел и некои верници, чувствувајќи олеснување, побрзале да му кажат на старец Пајсиј дека се задоволни што тој голем проблем е конечно решен.

Старец Пајсиј им одговорил дека знаел за смртта на овој монах, бидејќи видел цела војска ангели кои дошле да ја земат неговата душа. Поклониците биле зачудени и некои од нив негодувале, обидувајќи се да му објаснат на старецот за кого всушност зборувале, мислејќи дека тој не ги разбрал добро.

Старец Пајсиј им објаснил: „Овој монах е роден во Мала Азија, непосредно пред турското освојување, а Турците ги одвлекувале момчињата од родителите. За да не го земат, неговите родители го воделе со себе на жетва, и за да не плаче, му турале ракија во млекото, после што тој заспивал. Така пораснал како алкохоличар. Подоцна нашол старец и му кажал дека е алкохоличар. Старецот му советувал да прави метании и молитви секоја ноќ и да ја преколнува Богородица за помош да го намали пиењето барем за една чашка.

После една година борба и покајание, успеал да намали од 20 чашки, колку што пиел дневно, на 19 чашки. Борбата продолжила и со тек на годините го намалил алкохолот на 2-3 чашки дневно, од што пак се опивал.

Со години сите го доживуваа како монах алкохоличар, кој ги соблазнува посетителите, но Бог гледал борец кој бил истраен во борбата со својата страст.

Ако не знаеме какви напори прави секој поединец за да го постигне она што сака, какво право имаме да го осудуваме неговиот труд?“

 

Подготвил: Б.Ч.