Што точно сакаме ние?

Секој човек ја бара вистината, го бара животот, бара од каде дошол и каде треба да оди. Ќе се осмелам да ги приведам зборовите од мојот духовник: „Ниту еден човек не сака да греши“.

Јас се изненадив, затоа што знаев дека сите сакаме да грешиме, но тоа е забрането.Тоа не е вистина! Човекот не го бара гревот. Гревот – е искривување на природата. Гревот нема во себе битие, не постои, затоа што Бог не го создал, а што Бог не создал – тоа не постои.

Што е гревот? Тоа е извртување. Ќе ви наведам ваков пример: мене ми стана јасно,кога размислував што е тоа ѓубре. Да речеме, на пример, арското ѓубриво во полето. Тоа е само гној, и во него нема ништо лошо, ако не земе да се изнесува од таму. На моето поле, каде што ќе ја посеам пченицата или нешто друго, тој – е „злато“, а на мојот тепих во дневната – не баш, „носете го оттука!“ Таму тој ќе биде само ѓубре. Ѓубрето – не е ништо само по себе, а по тоа каде се наоѓа. Нешто слично се случува и со гревот.

Како и со љубовта: Бог е љубов! Отец Дионисиј Светогорец, романски старец, кој сеуште е жив и кого трипати го посетив ова лето (се упокои во 2004 година – заб. прев), трипати ги произнесе во различен контекст овие зборови: „Браќа, чувајте ја љубовта, затоа што љубовта е од Бога!“ Се разбира, од Бога, затоа што тоа е Бог!

И така, човекот, образ и подобие Божјо, што може да биде друго, освен љубов? И ако љубовта во човекот исчезнува, тој ќе ја бара. И ако не ја најде во Духот и Вистината, по зборовите на Спасителот, тогаш ќе ја најде по друг пат, во своето очајание и мрак, во искажен вид, но сепак, за него е необходно да ја најде „љубовта“. Ако во човекот ја нема божествената љубов, тој ќе блудствува, но ќе мисли дека тоа е некаква љубов; можеби ќе се разочара, ќе се обрати, како блудниот син, ќе се врати и ќе ја бара вистината; а можеби и не, не дај Боже! Но, човекот не може да живее без љубов, човекот не може без она што претставува слово Божјо. Бог ни дава заповеди, како што вели Апостолот, кои не се тешки, кои не се обременувачки. Кога Бог заповеда, Тој ни покажува кои сме всушност ние. Или ние сме такви и не сме свесни за тоа, или допрва треба да станеме такви.

Така, деградацијата на љубовта е во ова: во мракот на гревот човекот не знае, но тагува, жеднее, гладува за вистинското, и по своето незнање се заблудува по патот. Во тоа ја гледам деградацијата на љубовта.

Јеромонах Рафаил Нојка