Недела на Сите Руски светители – Свети Јован Кронштадски

 

На 19 октомври 1829 година е родено детето Јован, син на Илја Сергиев и неговата сопруга Теодора, во најсеверната област на Архангелск, недалеку од Белото море, во сиромашната населба Сура, оскудната и мрачна околија Пинеги.

Новороденчето изгледало толку слабо, што родителите се исплашиле за неговиот живот. Поради тоа веднаш, ноќта, го повикале свештеникот да го крсти. На детето му дале име Јован, во спомен на свети Јован Рилски. По крштевањето, неговата состојба брзо се поправила. Во своите спомени, отец Јован подоцна пишува: „Навистина, силата Божја се покажува во слабоста. Кој од оние што ме знаеле од моите први денови, би можел да помисли дека ќе ја достигнам оваа старост? Бев слабо, секогаш слабичко дете. Во раната младост, тешката болест сипаница ме доведе речиси до гроб. Но, Господ го одржа мојот живот. И за време на моето школување, ми беше дадено да се носам со многу тешки болести“. Јован порасна во традиционално руско патријахално семејство. Повеќе од триста години неговите предци служеле како свештеници во поларната населба. Неговата мајка, длабоко побожна жена, својот син трпеливо го опсипуваше со љубов. Тој често ја гледаше како преку ноќ клечи пред иконите и со солзи се моли за неговото здравје. Неговиот татко со својата мала плата требаше да ги издржува, покрај Јован и неговите две помлади сестри, и големото семејство. Од мали нозе Јован вредно им помагаше на родителите, посебно во полските работи. Во него од мал се развиваше сочувството со туѓото страдање. Тој порасна како сериозно, молчаливо момче. Ништо не го влечеше кон детските игри, а природата му беше многу блиска. Уште поблиски му беа Господ, Црквата и молитвата. Секојдневно влегуваше во домот Господов. „Од најрано детство родителите ме навикнаа на молитва. Преку нивниот пример јас придобив одреден духовен став. Татко ми секогаш ме водеше во црква и јас со сета душа го засакав богослужението, посебно црковното пеење.“ Таткото бдееше над внатрешниот живот на својот син и го упатуваше во вистинската мудрост. За време на празниците му читаше за Христос и Неговиот живот, за благата Мајка Божја, за Светителите кои живееле во пустина, гладувале и бестрашно го проповедале Словото Божјо, за птиците кои им носеле храна и дивите ѕверови кои им биле послушни, за цвеќето кое израснало на местата каде што течела нивната крв. Христос, Богомајката и Божјите пријатели му станаа блиски. На шест години, Јован во будна состојба виде ангел. Една ноќ тој здогледа необична светлина и ангел во неговата слава. Тој затрепери, но ангелот го смири, зборувајќи му дека е неговиот ангел чувар кој постојано го следи.

Кога тргна на училиште, му се отвори непознат свет. И покрај сета трудољубивост, на Јован му недостигаше способност да сфаќа и памети. Со години не успеваше да го совлада барем читањето. На десетгодишна возраст Јован, при најтешки жртви од неговите родители стапи во единственото основно училиште во епархијата, во Архангелск. Како секое селско дете, тој живееше кај сиромашни луѓе, препуштен самиот на себе. Храната беше недоволна, но тој беше навикнат на гладување. Поради слабиот ум имаше големи маки. Ограниченоста во учењето му беше голем товар. Страдаше заради тоа што неговиот татко напразно го троши и својот последен грош за него. По цели денови залудно се трудеше, но неговиот ум остануваше запечатен. Немаше никој да му помогне. Молчаливото, просјачки сиромашно момче, покрај тоа и најлошиот ученик во училиштето, во тој град не наоѓаше никаква радост.

ioann rebenok

Во својата неволја Јован сѐ повеќе прибегнуваше кон молитвата која му беше блиска. „Ноќе со задоволство се молев. Сите спијат, тишина е, никој не ми пречи. Најчесто се молев Господ, за утеха на моите родители, да ми го просветли разумот. И Господ ме послуша. Неговата светлина ме осветли. Еднаш, паметам како денес да се случило, сите во собата беа заспале. Само јас не можев. Сѐ уште едвај успевав по нешто да разберам од наставата и нешто да запамтам, тешко читајќи ги слоговите. Ме опфати голема жал. Клекнувам покрај својата постела на колена и почнувам најусрдно да се молам. Не знам колку долго траеше тоа. Одеднаш мојата внатрешност се потресе, и ми се стори како некое перде да падна од моите очи и умот да ми го отвори. Учителот, неговото предавање, сѐ што зборуваше наеднаш, јасно стоеше пред мене. Ведрина и радост ми ја исполнија душата. По таа молитва заспав мирно, како никогаш порано. Утрото скокнав од постелата, ја зедов книгата и о, среќа, можев да читам многу подобро, сѐ да разберам и дури на друг да пренесам. Од тоа време, мојот напредок во училиштето беше за сите очигледен. На крајот од годината, како еден од најдобрите ученици, бев упатен во Богословија.“

Следните десет години Јован ја посетуваше Богословијата и трудољубиво учеше. Секако, искушенијата не изостануваа. Во 1851 година Сергиев ја заврши Богословијата. Како најдобар ученик од неговата генерација, Јован Сергиев на Теолошката академија доби „стипендија за надарени“. Малку пред тоа умира неговиот татко. Неговата мајка остана со две малолетни ќерки, без никакви можности за опстанок. Јован ја презеде грижата за нив. Беше примен како писар во управата на Академијата и сета заработка редовно ја испраќаше дома. Писарската служба му овозможуваше голема предност: посебна соба, во која тој, за време од своето четиригодишно студирање, непречено работеше, но и ги проучуваше делата на светите Отци и на големите подвижници. Со особена заинтересираност се сврте кон „Добротољубието“ од Света Гора. Во него тој го наоѓаше проверениот христијански пат што го изгради и јасно обележа практичната монашка духовна школа. Тој често чекореше по мирниот парк и размислуваше за темнината која го обременува целото човештво и самиот него. Во болно себепознание бараше начин да го пробие тој превез на темнината. Му стана јасно; учениците многу дознаваат во високите научни установи, но сепак им се измолкнува она што е единствено потребно – познанието на Бог и на самите себе. Свети Ефрем Сирин се моли: „Господи, помогни ми да ги видам своите гревови“. Да се согледаат своите сопствени гревови во сета нивна бројност и грдотија претставува навистина дар Божји кој се придобива со ревносна молитва. Убаво ги изучуваме сите науки, а науката за одбегнување на злото не сме ја научиле. Вистинските мудреци се само чесните луѓе и Светителите; тие се вистинските следбеници на вистинскиот учител Христос. А ние – таканаречени учени – сме тешки незнајковци. Колку повеќе сме учени толку поголеми незнајковци сме, бидејќи го губиме она што е единствено потребно и робовски му служиме на своето самољубие, славољубие и среброљубие.

Во последната година од студиите Јован се соочува со тешки внатрешни искушенија. „Во животот на христијанинот постојат часови во кои Бог се оддалечува, часови на сатанска темнина. Тогаш човек се моли од длабочината на душата: ‘Зошто ме прогонуваш од лицето Твое, незгаслива Светлино? Целата моја душа ја помрачува тешка темнина. Најусрдно се молам, Спасителу, обрати ме кон светлината на Твоите заповеди и исправи го мојот внатрешен пат.’ И тмурните облаци тогаш се губат, внатрешноста се просветлува, те следат моменти на најрадосно помилување. Со време, таквите искушенија се губат и не се враќаат.“

Во Академијата владееше активен духовен живот. Јован размислуваше да стане монах и како мисионер да се посвети на непросветените во Сибир или Јапонија. „Богословската академија врз мене изврши благодатно влијание… Богословската наука, философијата и историјата, покрај другите, беа опширно и темелно предавани. Тие го разјаснуваа и дополнуваа мојот поглед на живот и светот. Со Божја помош длабоко навлегував во богословските набљудувања и во голема мера ја спознав неизмерната добрина на Бог, Кој сѐ прекрасно создал и потчинил на цврсти закони, полни со живот. Мојот ум и срце, пред сѐ, ги привлече Христовото дело на спасението. Со изучувањето на Стариот и Новиот Завет, Златоустовите дела и списите на другите свети Отци на Црквата, јас почувствував особена привлечност кон свештенството и се молев на Бог да ми ја подари Својата милост за тој повик. Во набљудувањето на Христовите чудесни дела на љубовта, јас горев од желба и самиот да земам учество во спасувањето на паднатото човештво. И Бог ја исполни таа моја желба.“

Јован Илич Сергиев во 1855 година ја заврши Академијата како кандидат за богословие. Малку пред тоа, што беше исклучок, тој учествуваше на еден општествен собир и ја запозна Елисавета Константинова, ќерка на свештеникот Несвицки од Кронштад. Со согласност на таткото, тие се венчаа веднаш по неговото завршување на Академијата. Со тоа беше исполнет и предусловот да стане православен парохиски свештеник.

Јован Сергиев за свештеник го ракоположи Владиката Христофор, на 12 декември 1855 година, во Петроград. Потоа, тој премина кај својот дедо во Кронштад, да му помага во соборниот храм на свети Андреј, а подоцна од својот болен дедо ја презема и службата како најмлад свештеник.

Што треба да се каже за Кронштад, каде што отец Јован требаше да служи следните педесет и три години? Тој град го основал Петар Велики во 1710 година како морска тврдина. Тој се наоѓа на карпестиот остров Котлин во Финскиот залив, 30 км од Петроград. Како приморски и индустриски град со свои 30.000 жители, тој подоцна станал место на прогонство, за скитиниците, пијаниците и разбојниците. Тие како работници во бројните воени фабрики и бродоградилишта (често и како безработници) го живееле својот мрачен живот. Во крајно сиромаштво, нечистотија и расипаност, алкохол и порок, тие најчесто живееле во најоддалечените предградија, во колиби од земја, подруми. И нивните деца биле вешти во секоја нечесност. Жителите на Кронштад од таквите многу страдале. Човек никогаш не бил сигурен од напади и кражби. Тие предградија свештеник никогаш не ги посетил. Меѓутоа, токму изгубеноста на тие луѓе кај отец Јован предизвика посебен интерес. Тој не се плашеше од туѓите пороци: неговото срце беше исполнето со љубов. Од првиот ден во својата служба тој стапи во близок однос со својата паства. Отец Јован не пропушташе ниту една прилика да помогне. Во сиромашните куќи тој ги посетуваше болните, пропаднатите родители, гладните деца. Тој одеше по продавниците, купуваше храна, доведуваше лекар, набавуваше лекови. Со еден збор, тој се грижеше за несреќните семејства со топла присност и ја раздаваше до последен грош својата скромна плата. Секако, отец Јован не се ограничуваше само на економска помош. Пред сè, тој се трудеше околу духовно паднатите и бараше начин во нивниот живот да внесе светлина. Тој не им судеше, туку ги разбираше луѓето. Внатрешно неутврдениот човек, кого што го снаоѓа неволја, лесно прави компромиси со својата совест, лесно паѓа во порок, се оддава на алкохол да ја заборави својата неволја, достигнувајќи до пијанство.

Изображение-029

Работник од пристраништето раскажува: „Имав 23 години кога првпат го видов отец Јован. Се оженив и на свет донесов две деца. Постарото имаше три години. Јас работев и се опивав, а семејството гладуваше, па мојата жена криејќи се, одеше да проси. Живеевме во нечиста колиба од предградието. Еднаш дојдов дома поднапиен и во собата го најдов младиот свештеник кој седи и го држи в раце мојот помлад син, милно раскажувајќи му нешто. Детето слушаше внимателно. Можеби е грев, но ми се пристори како да Го гледам Спасителот од онаа икона каде ги благословува децата. Тогаш ми дојде мисла со него да се расправам и да го прашам што бара во туѓа куќа. Меѓутоа, неговите благи и истовремено сериозни очи ме запреа. Ме опфати срам и јас ја наведнав главата. Тој ме погледна длабоко во душата и почна да зборува. Тој не ме осудуваше, туку сакаше да ме разбере. Рече дека мојата колиба е како рај, зашто таму каде што се децата е секогаш топло, домашно, затоа неправедно е тој рај да се замени со зачадената кафеана. Тој си замина. Јас седев и молчев… Не плачев, иако ми доаѓаше да заплачам. Мојата жена ме гледаше и сè знаеше… од тој момент јас повторно станав човек…“

1020823-i_034

Отец Јован се грижеше и за децата на сиромашните и тие секогаш радосно го очекуваа. Им зборуваше за Бог, за Синот Божји и за Неговата добрина. Со време, успеа да отвори неделно училиште, основно училиште, дневен дом и читална, дом за сиромаси и работилница за чираци, каде што децата и младите можеа бесплатно да учат. Во 1857 година, со радост прифати да ја води верската настава во градското основно училиште, а веднаш потоа и во новооснованата гимназија. Отец Јован своите часови ги сфаќаше многу сериозно. Тој знаеше дека вероучителот ја носи главната одговорност за природниот развој на ученикот. Тој знаеше дека својата задача ја исполнил само ако ги загрее срцата на младите луѓе за Бог. „Веронауката не е обичен школски предмет: ние децата ги учиме на Словото Божјо. За да им се зборува за тоа и да може да се очекува нивниот одговор, неопходно е најпрво нежно да се допрат движењата на нивните души. Словото Божјо ѝ е блиско на детската душа. Ако просто и искрено се искаже, децата го слушаат внимателно. Никогаш не треба да се дозволи Евангелието да стане наставен учебник. Тоа, таа животна книга би ја направило безвредна. Напротив, таа треба на човекот низ целиот негов живот да му служи како највреден патеводител.“ Децата ги подучува и на молитвата: „Учете да се молите. Принудувајте се себеси на молитва. Во почетокот е тешко. Меѓутоа, колку повеќе ја засилувате, толку повеќе молитвата станува сѐ полесна. Што е молитвата? Тоа е свртеност на срцето и умот кон Бог. Молитвата е разговор на созданието со Творецот, со целосна стравопочит, а при најболната свест за сопствената слабост и ништожност, при најдлабоко покајание на срцето и цврста одлука да се измениме, со доверување во семоќната Божја помош. Оној што не се моли од сето срце, воопшто не се моли. Срцето мора да го почувствува она што го изговара, мора огнено да копнее по она за што се моли. Внимателната искрена молитва ве соединува со Бог и ве исполнува со неговите дарови: вистина, мир и радост, смирение и љубов.“ Односите се прошируваа и надвор од гимназијата. Многу ученици доброволно, пред часовите ги посетуваа неговите Свети Литургии. Неговите раскажувања за силата на молитвата навлегуваа длабоко во нивните срца и оставаа печат на нивното гледање на животот и светот. Повеќе од триесет години отец Јован предаваше во Кронштадската гимназија, во август 1889 година тој ја напушти таа должност.

Отец Јован живееше за својот свештенички повик. Тој ги следеше заповедите Божји, секој ден доброволно служеше литургија, држеше веронаука и постојано им помагаше на оние што се во неволја. Но, секако имаше и искушенија. Многумина немаа разбирање за неговото дело па го исмејуваа или осудуваа. Градската управа, дури и другите свештенослужители (неговите собраќа) покажуваа и непријателство кон него. Кога отец Јован одеше да ги посетува сиромашните и болните, тие го обвинуваа дека своеволно ја напушта парохијата и ги занемарува своите редовни должности. Дури се приговараше и на неговиот начин на живот и му се префрлаше што контактира со пропаднати луѓе. Тој со болка се соочуваше со пишаните и усни клевети. Повремено се плашеше за своето дело, за довребата кон неговиот свештенички повик. „Јас се плашам неискусните души да не паднат во грев, та да го обвинуваат свештеникот. Тоа ме боли.“ Но, не си допушташе во себе да почувствува непријателство кон некого. „Навредите не треба да нѐ вознемируваат, ниту жалостат. Попрво треба да нѐ направат смирени и да нѐ поттикнат на молитвена ревност. Да се лутиш значи да додаваш болест врз болест и слабост врз слабост, значи доброволно да страдаш од самољубие кое не сака да ги види своите темни страни. Така се предаваме на пропаст. Да се падне во очај е сосема неразумно; христијанинот секогаш може со помош на Божјата милост да се преобрати кон доброто“. Беше обвинет и за ерес, но отец Јован тука се бранеше достојно и цврсто. Дури и искусните духовници на Црквата, меѓу кои и епископот Теофан Говоров (Затворник) му рече дека неговиот строг аскетски живот (којшто го живеше во светот) безусловно е осуден на пропаст. Досега, ни на Исток, ниту во Русија, мирски свештеник не се осмелил така да живее. Но, од смирениот одговор на отец Јован, духовно опитниот епископ Теофан виде дека тој здраво и чисто стои пред Бог и дека му одговара неговиот необичен духовен пат. Подоцна, дури го искажа својот позитивен став кон отец Јован.

Уште на почетокот на нивниот заеднички живот отец Јован ѝ рекол на сопругата Елисавета: „Лиса, среќни бракови има доволно и без нас. Прифати заеднички да Му служиме на Бог“. Отец Јован го одобруваше бракот, но за себе прифати слободно одрекување, така што тие живееја како брат и сестра.

„Јас сум свештеник; тоа сѐ кажува. Не припаѓам на себеси, туку на другите.“ Елисавета самопрегорно му помагаше во исполнувањето на тој повик.

Во 1874 година отец Јован основа друштво „Братството на свети Андреј“ за згрижување и помош на сиромасите. „Потребно е да се вежбаме во самоодрекување и љубов за своите ближни. Ние треба да се соживееме и да стекнеме чувство за нивната горчлива и безизлезна положба. Токму тоа самоодрекување го бара од нас Евангелието, доколку сме христијани.“

Отец Јован стануваше сѐ попознат во цела Русија и многумина со тешки болести и своите внатрешни кризи му се обраќаа со целосна доверба. За малку години Кронштат стана поклоничко место, каде што дневно доаѓаа на стотици, па и илјадници луѓе од цела Русија.

Тој имаше голем углед во Русија заради многуте чуда, главно лечења и пророштва коишто безбројните сведоци им ги припишувале исклучиво на неговите молитви. Свети Јован Кронштатски очигледно беше поврзан со исихастичката традиција. На прво место, тој лично ја практикуваше Исусовата молитва, а потоа им ја препорачуваше и на другите: „Силна помош во духовната борба ни дава Исусовата молитва, која од почетокот на христијанството ги следи оние што Го бараат Бог. Оној што се моли непрестајно и од срце Му се обраќа на Христос: ‘Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот и подари ми ја Твојата милост која го преобразува битието’. Тој живее во постојано Божјо присуство, пред Него ја отвора својата внатрешност и ја осознава Божјата сесилна помош… Сите мои неволји се појавуваат во мојот невидлив разум и срце. Поради тоа ми е неопходен и еден невидлив Спасител, Кој го познава моето срце. Ако те мачи каква било наметлива фантазија или некое страсно движење (злоба, гнев, завист, омраза, малодушност, самољубие, самоволие или сетилни барања), бргу, во најболно самопознание обрати се кон Христос. Ако те покрива темнина, сомнеж или очај, од сесрце повикај го Неговото Име. Во Него ќе најдеш спознание, доверба и мир. А ако не сакаш да ги поднесуваш постојаните неспокојства од непријателот, секогаш во своето срце повторувај ја Исусовата молитва: ‘Господи Исусе Хрсте, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот’. При мојата искрена молитва Господ секогаш го прогонува искушувачот, кој само преку мојата сопствена изопаченост е силен. Против невидливиот непријател се подига невидливиот Бог, против силниот – Сесилниот. Затоа, секој момент обраќај се кон Христос и постојано мисли на Него; и ќе се спасиш и себеси и другите. Без Неговата благодатна помош ти не можеш да победиш ни една единствена страст, ни еден порок. Повикувај Го постојано. Тој дојде во светот за да нè засили во Светиот Дух, за да нè очисти и ослободи. Не губи надеж и прими го Божјиот збор во срцето: ‘Оној што доаѓа нема да го изгонам надвор’. Моли се без прекин, за душата твоја неочекувано да не падне во искушение. Вежбај се во постојаната молитва на срцето, сè додека таа не почне да работи во него дури и во сон.“

Отец Јован во деведестите години основа четири женски манастири. Царот Николај IIстекна особена доверба во него. Архиереите на Црквата му ја признаа благодатната сила на духот. Безброј луѓе ја помагаа неговата општествена дејност, која се протегаше низ цела Русија.

Иоанн Кронштадтский святой праведный;
Иоанн Кронштадтский святой праведный;

До 75-тата година отец Јован непрекинато ја извршуваше свештеничката служба. Света Литургија служеше речиси секој ден, секого го примаше, посетуваше болни, се грижеше за своите општествени установи, спроведуваше добротворни акции, пишуваше беседи и дневник. Децении спиеше еден до два часа на ден. Најпосле неговите телесни сили ослабнаа и тој се разболе. Наредните три години страдаше од постојани болки и треска. Се упокои мирно на 20 декември 1908 година после Светата Литургија, откако се причести со Светите Тело и Крв Христови.

Отец Јован уште додека беше жив важеше за Божји човек. За ова сведочеше неговиот чист живот и неговата силна молитва, во стотици потврдени исцеленија. По неговата смрт се умножуваа сведоштвата за неговото благодатно дејствување. Врвните пастири на Руската Православна Црква беа согласни дека отец Јован е Божји праведник. Но, неговата канонизација не можеше да се изврши поради богоборниот режим во Русија. Единствено Архиепископот Андреј Ухтомски во деведесетите години кришум составил Акатист за неговото прославување. Сепак, Руската Задгранична Црква во 1964 година ја објави неговата канонизација.