Раѓање на Свети Јован Крстител – Света Архиерејска Литургија, во Слепче

На 07.07.2023 г., кога го празнуваме Раѓањето на Светиот Јован, Претеча и Крстител Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Серафим (Јончевски), протоереите Крсте  Тасески, Тони Смутковски, ерејот Метошко Дончовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“, во Слепче.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“ (сп. Лука 1, 76).

Браќа и сестри, денес го прославуваме споменот на Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, на кој е посветена оваа Света обител. Ете, ќе поговориме кратко за неговиот живот, но и за она што според неговиот живот, ние треба да го направиме во денешно време, ако сакаме правилно да го прославиме овој Божи угодник, Свети Јована Крстител, за кого Спасителот Христос вели дека е најголем човек роден од жена.

Имено, неговите Свети родители, првосвештеникот Захариј, е од родот Авијанов, а неговата мајка Светата Елисавета, е роднина на Пресвета Богородица. Ете, овие благочестиви сопружници немале деца, па затоа постојно Му се молеле Бога да им подари чедо. Тие, браќа и сестри, биле во одмината возраст, кога не може да се очекува по природен пат жените да раѓаат, но и покрај тоа, тие продолжиле да се молат на Господа да им подари чедо. При една прилика кога првосвештеникот Захариј требало да служи и покади во најсветиот дел од храмот, во Светињата на Светињите, каде што се наоѓале најсветите предмети, односно Ковчегот на Заветот, Жезолот Аронов, Стомната со Мана, кои се праслика Пресвета Богородица, ете нему му се јавил Архангелот Божји Гаврил, кој на Захариј, кога овој се уплашил му рекол: „Не бој се Захарија, јас сум Ангелот Божји и дојден сум да ти соопштам радосна вест, твојата жена нероткиња Елисавета, ќе зачне и ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован“. Свети Захариј не можел да поверува дека во тие години може да му се роди син, па затоа Архангелот му вели: „Ќе онемиш, сè додека не се роди твојот син“.

Ете, така и се случило, кога дошло времето да се стави името на детето, а тоа било во осмиот ден, кога во тоа старозаветно време се обрезувале машките деца, кое денес е праслика на Светата Тајна Крштение, тогаш почнале да зборуваат сите присутни, како ќе му биде името, па најпосле рекле да го прашаме таткото, а тој побарал една мала штичка на која напишал: „Името ќе му биде Јован“, и во тој миг му се одврзал јазикот т.е. се отворила неговата уста и тој проговорил.

Па така, браќа и сестри, овој старозаветн првосвештеник Захариј, прорекол со зборовите: „А ти младенче ќе се наречеш пророк на Севишниот и ќе одиш пред Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“ (Лука , 1, 76).

Затоа Свети Јован се нарекува Претеча, што значи претходник т.е. оној, кој доаѓа пред Христа, зашто бил шест месеци постар од него. Ете, си споменуваме, кога била неговата прва средба со Христа нашиот Бог и Спасител, кога се сретнале Пресвета Богородица и Елисавета, младенците заиграле во нивните утроби.

Свети Јован, е оној, кој Му претходи на Христа, и кој што одраснал во пустината, за потоа да може да го проповеда Словото Божјо со зборовите: „Покајте се зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2).

Огромен народ се собирал на реката Јордан, за да го видат Свети Јована, гледајќи во него една прекрасна личност, која она што го зборува, го живее и проповеда без никаков страв. Свети Јован ги поучувал сите луѓе и ги приведувал кон Бога, крштевајќи ги со покајно крштение, кое не било за опростување на гревовите, како што тоа го прави Христос нашиот Бог и Спасител. Кога ние се крштеваме и се ослободуваме од првородниот грев и од сите наши гревови. Покајно било крштението Јованово, како што и самиот вели: „Јас ве крштевам со покајно крштение, а Оној што доаѓа по Мене, Он ќе ве крсти со Дух Свет и со оган“.

Се поставува прашањето: денес кога ќе си спомнеме за Јовановото раѓање, какво е денешното раѓање на децата од православните бракови?

Денес на сите треба да ни биде јасно дека зачнувањето и раѓањето на децата, не треба да биде последица на телесни наслади на родителите, зашто родителите се всушност Божји соработници во раѓањето на децата. Пример како треба да пристапуваат брачните другари за да го продолжат родот, треба да им бидат родителите на Свети Јован Крстител, Светиот првосвештеник Захариј и Света Елисавета, кои се здружиле да подигнат чедо не од телесна похот, туку нивната желба била духовна.

Кај постарите постоеше едно прекрасно кажување т.е. кога ќе ги прашаа чие е ова дете или чии се овие деца, тие велеа: „Божји, па наши“. Што значи, прво на Бога му ги посветувале, а потоа кажувале дека се нивни. Обично кога се прави големата молитва во храмот, машките деца се ставале долу пред иконата Христова, па од неа мајката го земала детето, кое ако е машко, Христос и го дава, бидејќи таа му го подарила на Христа, а ако е женско, се става пред иконата на Богородица, и таа го зема од Богородица, бидејќи нејзе и го подарила, а Богородица и го враќа нејзе. Тоа е правилниот начин на однесување и воспитување на децата. Исто така, кај старите, кога ги крштевале децата, правилото било исто како во раната Црквата Христова т.е. до крштевањето детето носело времено име, а на крштевањето кумот го кажувал името на детето, во седмиот ден од раѓањето.

Ете, каков треба да биде односот во врска со подготовката и раѓањето на децата во нашата Света Православна Црква.

За Свети Јован Крстител, може да се каже дека тој е последниот или завршетокот на пророците. По Свети Јована Крстител, повеќе нема пророци. Зошто? Пророците пророкувале за доаѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Има кај Грците една поговорка, по Јована Крстител и по Христа Спасителот, секој што ќе се нарече пророк е магаре. Треба да се знае дека завршуваат пророштвата и пророците со Свети Јована Крстител. Како што и старозаветните жртви, кои на ништо друго не укажувале, туку на жртвата над сите жртви, Христа нашиот Бог и Спасител, Кој што на Крстот, доброволно Самиот се принесол на жртва. Па така, по Христа нема жртви, освен бескрвната жртва, што ја принесуваме во Негов спомен на Светиот Престол т.е. Телото и Крвта Христови, што нам Христос за спомен ни ги оставил, кога ја востановил Светата Евхаристија.

Па така, Свети Јован е завршеток на пророците, но во исто време е и почеток на Апостолите, бидејќи она што Светите Апостоли го проповедале, прв почнал да го проповеда самиот Свети Јован Претеча и Крстител, со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 5), со кои зборови и Самиот Христос нашиот Бог и Спасител ја отпочнува Својата прва проповед со зборовите: „Покајте се зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17). Спасителот Христос, Светите Апостоли ги испратил на проповед во светот со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20).

Браќа и сестри, Свети Јован Крстител, кога го собирал еврејскиот народ покрај реката Јордан, го поучувал и упатувал на правиот пат, а сите што доаѓале го прашувале што треба да прават? Свети Јован на војниците им велел да бидат задоволни со платата, а на митниците да не земаат од она што не им е ним дозволено; на книжниците и на фарисеите им велел да не се служат со измама и грабежи, на луѓето им велел: кој има две кошули едната да ја даде на оној што нема. Па така, на сите им кажувал како треба да постапуваат. Свети Јован од никого не се плашел, па ни од самиот цар Ирод, туку напротив, го жигосувал заедно со неговата незаконита жена од неговиот брат Филипа Иродијада, на кого му велел: „Немаш право да ја имаш за жена, жената на твојот брат Филипа“.

Ете, заради тоа Иродијада се озлобила и кога Ирод го прославувал својот роденден, таа ја побарала главата на Свети Јован Крстител. Имено, нејзината ќерка Саломија, на роденденот на Ирода, им угодила на гостите, играјќи на масите, па Ирод во пијана состојба и рекол: „Сѐ што ќе посакаш, ќе ти дадам, па дури и половината од царството“, а таа се посоветува со мајкаси, а оваа и рекла: „Ништо друго не барај, освен главата на Јована Крстител“, па така, таа отиде и му кажа на царот, а царот иако не сакаше тоа да го направи, но заради царскиот збор му нареди на џелатот да ја пресече главата на Свети Јована Крстител.

Браќа и сестри, гревот што ќе го направиме, нам истиот ни се враќа на ист начин. Гревот кој го направија Ирод, Иродијада и Саломија, им се врати на ист начин. Кога Арета, таткото на првата жена на царот Ирод, се крена против него и овој беше победен и протеран во Шпанија,во градот Толед кај реката Сикорис, па таму еден ден, кога по мразот од реката се шеташе Саломија, мразот се скрши и две санти мраз и ја притиснаа главата кај вратот, па таа како што некогаш играше на масите за да им угоди на гостите, сега со нозете сакаше да го допре дното на реката, но не можеше, а сантите мраз и ја пресекоа главата. Тогаш на тоа место, поминал некој благочестив човек, па се сожалил и ја зел главата на тас и ја однел на нејзината мајка, како што таа некогаш на мајка си и ја однесе главата на Свети Јован Крстител.

Еве како завршуваат, браќа и сестри, луѓето кои прават големи гревови.

Сега уште збор два да кажеме дека  раѓањето на децата, е Божји дар. Децата треба да се раѓаат не од телесна похот, туку за продолжување на родот. Сношти во паримиите слушнавме како на деведесет години Сара го роди Исака, а нејзиниот маж имаше сто години. Потоа како Маној доби син во својата старост и.т.н. Што значи, раѓањето на децата, треба да биде не од телесна похот, туку за продолжување на родот.

Децата колку и да се родат, но не смеат да се убијат во утробите на мајките, зашто тоа е најстрашниот и најгрозоморниот грев од сите гревови. Денес имаме сознанија дека ретко ќе се најде жена или девојка, која не убила дете во својата утроба. Прошката за направените гревови, односно за убиствата на децата, е многу тешка. Само оние, кои ќе пролеат безброј солзи за своите гревови, можат да се избават од овој тежок грев, како што тоа се случи со една благочестива жена, која родила пет деца, а шетото го убила во својата утроба, но потоа нашла крај еден контењер фрлено дете, го зела, посвоила и го одгледала. На прашањето: дали го сака тоа дете?, таа одговорила: „Повеќе од оние пет што ги родив, зашто во ова го гледам она што го убив“.

Браќа и сестри, верувајте дека оваа жена со нејзиното покајание и со примерот што го направила, простен и е нејзиниот гревот. Има ли такви меѓу нас, кои денеска такво нешто ќе направат? Тешко!

Да се помолиме на Светиот, Славен, Пророк, Претеча и Крстител Јован, по неговите Свети молитви, Господ да ги умудри сите брачни другари да се трудат да ги раѓаат и воспитуваат децата по примерот како Светите Захариј и Елесавета  и Светите Јоаки и Ана.

Ако по тој пример ги раѓаме и воспитуваме децата, ќе имаме вистинско мало домашно семејство, кое според зборовите на Свети апостол Павле е: „Мала домашна семејна Црква“.

Честит нека е празникот и за многу Години! Честито нека е и името на они што го носат името на Свети Јован Крстител!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар