Христос Воскресна, а што направивме ние? Навистина!

Рана пролет. Старите дрвени куќарки никнуваат од под тешкиот зимски снег, а мразот ги одржува лисјата паднати на снегот, да го дадат последниот плод на убавина пред пролетта, кога ќе треба да се заменат со нови…

Се слуша биењето на камбаните, луѓето се растрчани, празнуваат, бараат место каде да го одбележат празникот. Обврските се исполнети, домовите се исчистени, јајцата бојадисани, лебовите испечени, свеќите запалени – може да се празнува. Ах, и најважното ќе го заборавевме – заврши неколкудневниот пост кој луѓето во црно го бараат од луѓето во замена за лепче и винце, кое треба да им донесе здравје, среќа, бериќет на луѓето, и да им ги исполни сите желби. Но, тоа е само за оние кои се побожни, и си ги следат традициите.

Останатите, се задоволуваат само со празничните подготовки за празникот, вртењето околу црквата, нејасниот поздрав кој луѓето го наследиле од нивните баби „Ристос Васкрс“, и преминуваат на главното – обилната празнична трпеза.

Но, има и едни чудни луѓе, кои се некако чудно облечени, често наминуваат во храмот, а и на празниците, наместо само да запалат свеќа, со саати стојат во црквите, читаат нешто, се клањаат… и викаат дека празнуваат. Зборуваат за некаква внатрешна промена, за некаква си смрт и воскресение, за тоа дека тоа стоење во црква било многу потребно за да се почувствува вистинската радост на празникот. Велат дека требало да се земе лично учество во смртта и воскресението на Господ, дека требало насекаде да го сведочиме Воскресението Христово, не со црвени јајца, туку со некаков си воцрковен живот…

Толку може да се слушне и да се разбере за време на молитвата која се кажува додека се палат свеќите, и се пази да не ти ги угаснат. Традицијата е испочитувана, желбите за здравје кажани – може да се слави.

Најпрвин се одбележува празникот со домашните, се седнува на богатата трпеза, се кажува традиционалното: „Ристос Васкрс“, а потоа многубројни здравици за здравје и напредија. Виното не се штеди во чашите, смеата ги исполнува домовите, и со насмеани лица, луѓето заминуваат на спиење, на заслужен одмор.

Утрото, се шири мирисот на утринско кафе и топла ракија, и започнува новиот ден на прослави… Чекај, чудните луѓе излегуваат од црква – кога стигнаа да отидат и да се вратат? Зарем не им беше доста вчерашната молитва? Пак и во болница заминуваат. Ќе ги посетувале болните… Чудно ја помешале традицијата.

Затоа, повеќето луѓе, верни на традицијата, продолжуваат со прославата. Традиционално се собираат роднини кои долго време се немаат видено, љубезно се поздравуваат, ќе се пофалат, ќе се пожалат на тоа што им го донел животот, и откако ќе заврши и тоа – следува вистинскиот одмор со пријателите. Опуштена смеа, пиење, зафрканции… Празничната атмосфера малку е нарушена заради полупразните џебови, кои традиционално се олеснуваат за празниците, и сега веќе може да се искажеме пред пријателите. Се обвинуваат комшии, клети луѓе кои едвај чекаат да нè снајде нешто лошо, бизнисмени, кои нè искористиле и ни го засениле нашиот труд, политичари, кои лажно ветуваат и ништо не ни даваат, и што е најлошо, сеуште нè тапшаат по рамо како да сме им најблиски пријатели. Зарем може така да се празнува?
… Чекај… се затуркаа на соседната маса. Двајца бивши „пријатели“ се препукуваат со информации за тоа кој колку и каде украл, и започнува тепачка. Летаат шишиња, паѓаат столици, се превртува масата, паѓа Човек… И сите се разбегуваат.

Човекот зануркувајќи се излегува од меаната, и пополека, тетеравејќи се, се губи во магливата приквечерина.

По два дена, чудните луѓе пак се собраа в црква. Но, овојпат да ѝ изразат сочувство на ужалената сопруга и да ѝ дадат мала помош, која се собрала за помен на сопругот. Иако се наоѓаа на своја територија, во тие празнични денови (во црквата), сепак не беа среќни. Дојдоа кон жената во црно, и ѝ рекоа: „Бог да го прости. Христос Воскресна, и нас ќе нè воскресне!“ Пристапи и селскиот доктор (и тој бил еден од чудните луѓе), нажален што неочекувано ја изгубил битката: „Луѓето се појаки, но и полоши од ракот!“.
Човекот во ковчегот беше негов пациент, кој по неколку-годишна борба, го победил ракот. Но, празничниот одмор на погрешно место, во погрешно време, го сретна со оние кои биле „посилни од ракот“. И си замина од бојното поле.

Луѓето пополека се разотидоа дома, а на гробот остана скрешно црвено јајце, на кое со златни букви беше испишано: „Христос Воскресна!“.

vel_jajca

(Посветено на Човекот кој загина во Ресен, на Велигден, 12.04.2015)

Златко Дивјаковски