Главен е стремежот кон Бога – старец Гавриил Ургебадзе

Така да го љуби Бога, толку да ги љуби луѓето, можеше само избраник Божји. Од десет јуродиви, веројатно девет – се во прелест, а само еден од Бога. Таков еден беше и старец Гавриил.

Митрополит Боржомскиј  и Бакурианскиј Серафим (Џоџуа)

2 ноември – спомен на преподобниот Гавриил Ургебадзе (1989-1995), голем старец од нашето време. Архимандрит Гавриил смирено ги сокривал многубројните дарови од Светиот Дух, и со љубов ги приведувал луѓето кон Бога. Често одел во кинета облека, бос, со железна дијадема на главата – јуродствувал, криејќи ја својата светост и намерно понижувајќи се.

Старец Гавриил, во светот Годерѕи Василевич Ургебадзе, родум од Тбилиси, од детството ги засакал постот и молитвата во осаменост. Држел строг пост дури и во војска, правејќи се, дека стомакот го боли од месо. Во дворот на родниот дом, со свои раце изградил многукуполна црква, за која иконите ги наоѓал на градските ѓубришта, каде во тие години исфрлале со ѓубрето многу светињи.

Ја споделил судбината на многу верници од тоа време: бил гонет, затворен во психијатриска болница. Му било дијагностицирано: „Психопатска личност… Разговара со себеси, нешто тивко шепоти. Верува во Бога, Ангели. Постојано ги повторува зборовите: Сè е од Бога“.

Архимандрит Гавриил (Ургебадзе) бил вистински подвижник, кој имал чудесни духовни дарови: топла вера, дар на духовно расудување, дар да ги погодува тајните на човечките срца, прозорливост. На гробот на старецот се случуваат многубројни исцеленија. Почитуван е не само од грузискиот народ, но и од целиот православен свет.

На 20 декември, 2012 година, Синодот на Грузиската Православна Црква го вброи архимандритот Гавриил (Ургебадзе) кон хорот на светителите. На 25 декември, 2014, Свештениот Синод на РПЦ, преподобниот Гавриил е вклучен во календарот и на Руската Православна Црква.

Поуки од преподобниот Гавриил (Ургебадзе)

„Верата – е талант, даден од Бога“

„Смирението – е неугаслива свеќа, угодна на Бога!“

„Секои искушение покрај смирениот ќе помине и нема да се допре до него“.

– „Милоста – е злато, а смирението – брилијант“.

„Кога почнувам да се сметам за подобар од другите, тогаш ја ставам на глава мојата дијадема и излегувам на улица бос. Луѓето гледаат во мене и се смеат, а јас гледам колку сум ништожен“.

„Туѓите гревови – не се твоја работа. Ти седи и плачи за своите гревови“.

„Ако видиш убиец, или блудница, или пијаница, како се прпела на земјата, не осудувај го никого, затоа што Бог ги отпуштил неговите узди, а твоите узди ги држи во раце. Ако и твоите ги отпушти, ќе се најдеш во полоша состојва: можеш да паднеш во истиот грев, за кого го осудуваш другиот, и да загинеш.

„Господ ја помилувал блудницата, го спасил разбојникот. Марија Египетска била блудница, но со Божја помош почнала да се подвизува во пустината, постела, се молела и ги победила страстите, се очистила и станала дојстојна за Царството Небесно. Господ понижува и возвишува“.

„Само со срце, полно со љубов, може да се изобличуваат гревовите на другиот човек“.

„Ти не осудувај, судија – е Самиот Бог. Тој, што осудува, е како празен клас пченица, на кого главата му е секогаш подигната и затоа секогаш на сите гледа одозгора“.

Треба да ги сакаме сите

„Треба да ги сакаме сите. Но ако не можеш, барем на сите посакувај им добро“.

„Нема на земјата човек, кој би можел потполно да објасни што е тоа љубов. На земјата, така и нема да го дознаеш тоа“.

„Ако мразиш барем еден човек – во неговиот образ го мразиш Самиот Христос и далеку си од Царството Небесно“.

„Живеј така, за не само Бог да те сака, но и луѓето да те сакаат – поголемо од тоа, нема ништо“.

„Бог не прима пусти зборови, Бог сака дела. Добрите дела – тоа и е љубовта“.

„Ако некој е болен и има потреба од лек, а тој лек треба да се донеси оддалеку, можеби и ноќе, и преку шума да се помине, каде што шетаат волци – и ти, не размислувајќи, тргнуваш на пат заради спасение на ближниот – тоа е љубов“

„Како ќе биде спокојна душата на човекот, кога ближниот е во опасност? Ако дома имате болен човек, и нема кој да се грижи за него, подоборо не одете во црква, останете дома“.

„Непрестајно стреми се кон Бога. Гледајќи го твојот стремеж, Бог ќе ти даде сè што е неопходно“.

Следува видео-прилог за една негова икона во Грузија, која почна да мироточи на почетокот на оваа година.