Како да се бориме со искушенијата?

Едно од најдобрите слова упатени до луѓето во овој страшен дваесетти век, а потполно Евангелско слово на старец Силуан, вели: Држи го својот ум во пеколот, и не очајувај.

Тоа е потресно, небопарно слово, кое навистина е поука за современиот човек.
Она што јас би ви го препорачал, ако сакате да излезете како победници од искушенијата, никако немојте долго да бидете во дилема, и никако во очај. И кога ќе згрешите нешто, брзо, излезете од тоа! Стара е поговорката: не е страшно да се падне, страшно е да се остане во калта. Брзо стани! Владиката Атанасиј ни велеше за тоа: Како кога ќе падне човек, што му е првата мисла? Првата мисла му е да стане, да се истресе и да продолжи понатаму. Како детето кога ќе згреши нешто – тоа малку ќе застане, ќе се сепне, гледа добро е, нема да го караат и оди понатака. А ако почнат да го караат, ако почнат да се занимаваат со тоа, тогаш тоа почнува да плаче.
Значи, очајанието и дилемата се простор во кој што ѓаволот најдобро делува. Ѓаволот е всушност немоќен. Тој е моќен само толку, колку што ние ќе му дадеме простор, терен. Ако му дадеме прилика, шанса. Ако не играме како оние кои сакаат да победат, ако сме постојано некако збунети.
Затоа, чувајте се од дилема и очај. Јас, на пример би можел веднаш да паднам во очај, со оглед на сè – и на сопствените слабости, гревови, мрзеливост, на состојбата во народот, во Црквата, државата, војската, полицијата… За сè би можел да се обесам, што се вели. Но, всушност, од друга страна, многу е убав овој живот. Сè е добро, сè е убаво, ништо не ни фали. Имаме да јадеме, да се облечеме. Имаме добри пријатели, сакаме луѓе, луѓето нè сакаат… што уште ни треба? Што сакаме ние? Има, кај нас во Херцеговина една поговорка, која вели: „Има луѓе, Бог не им чини“. Тоа за мене е страшно. Кога луѓето ќе почнат така да кукаат, да кукаат, на крај така и ќе им биде.
Зборувај добро, надевај се добро, и добро ќе биде. Така и ние, посебно младите, но и старите. Нема врска, млади-стари. Важно е само човек да не се заплеткува, како што вели една песна залудно се плетка секој земнороден. Се плетка, кога човек е збунет, кога се врти околу самиот себе. Нашиот пат е пат напред.
И да завршиме со она што мене ми се допаѓа. Ние сме на брод, чие сидро е фрлено во Царството Небесно. И не постои таа бура, таа страст, таа власт, таа моќ, која може да го потони тој брод. Тој брод е Црквата. Само е важно, на бродот да бидеме толку добри, да ги почитуваме основните правила, за посадата да не нè исфрли надвор.

Владика Григорије
Од предавањето одржано во 2004 г, на Масинскиот факултет во Београд, на тема „Улогата на лаикот во Црквата“