24 Недела по Педесетница

НА 23.11.2014 година, митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар отслужи Божествена Литургија во црквата „Св. Преображение“ во Прилеп. На Литургијата, владиката го толкуваше воскресното евангелие.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Не бој се и само верувај. (Мк. 5, 36)

Браќа и сестри, го слушнавме денешното литургиско свето Евангелие, во кое се говори дека Господ и Спасител наш Исус Христос направил две чуда. Едното чудо, е што ја излекувал старата жена, која 12 години боледувала од крвотечение, а на повик на Јаир, старешината на синагогата, да отиде во неговиот дом и само да ја положи раката врз неговата ќерка единица, отишол таму и ја подигнал од постелата, односно ја оживеал, ја воскреснал (Мк. 5, 24 – 43). Овие две чуда говорат за тоа, дека Господ наш Исус Христос дошол во овој свет за да го подигне паднатиот во грев човек, и пред сè – од смртта која настапила, и телесна и духовна. Браќа и сестри, кога Господ Исус Христос бил опколен со многу луѓе, народот, како што вели ап. Петар го притискал, па прашал Господ: кој се допре до Мене? На тоа св. ап. Петар рекол народот те притиска, а Ти прашуваш кој се допре до Тебе. Но Господ рекол, некој се допре до мене, и сила излезе од мене. Жената што се излекувала, во тој миг, кога поверувала дека само ако се допре до алиштата на Христа ќе оздравее, оздравела. Застанала пред неговите нозе и го молела за прошка. Христос ѝ рекол: Верата твоја ќерко те спаси, оди си со мир. Ете, пристапува и Јаир, старешината на синагогата и го моли Христос да дојде во неговиот дом и да ја излекува неговата болна дванаесетгодишна ќерка. Во меѓувреме, дошол и слугата негов и рекол не мачете го Господарот, зашто ќерката твоја умре. А Христос му одговорил на Јаира: ти само верувај, таа спие и ќе оживее. Влегол во неговиот дом, заедно со св. ап. Петар, Јаков и Јован, ги истерал сите луѓе, освен таткото и мајката на девојката, ја ставил раката над неа и ѝ рекол: „Талита, куми!“ На арамејски, што значи, девојко, тебе ти велам стани, и наредил да ѝ дадат да јаде, за да се уверат дека тоа е вистина, а и дека девојката оздравела, зашто болните не чувствуваат потреба за храна.
Браќа и сестри, за овие две чуда што ги направил Господ Исус Христос, размислувајќи, ние честопати се прашуваме, како е тоа можно некоја жена да страда 12 години од крвотечение, сиот свој имот да го потроши по лекари и да не може да се излекува, а еве сега, нема никаков лек, освен нејзината вера, да се допре до алиштата Христови и да се излекува? Затоа што Христос, нашиот Спасител и Бог е Лекарот на сите лекари и за Него нема нешто невозможно. А за да се излекуваме ние, потребно е да имаме најнапред силна вера, како што имала оваа жена која се допрела одзади и поверувала дека веднаш ќе се излекува. Во Светото Писмо има многу примери кога луѓето пристапувале со вера кон Христос и се исцелувале. Ете, да си спомнеме, како исто така Господ Исус Христос ја излекувал ќерката на вдовицата, која од Христа нашиот Спасител ништо друго не барала, освен нејзината ќерка, која страдала од бес, нечист дух, да биде излекувана. Хананејката пристапила кон Господа и Го молела, а Христос ја одбил повеќе пати. Но, таа не престанала да се обраќа и да Го моли да ја излекува нејзината ќерка. Конечно, Тој ѝ одговорил на нејзината молба, и ѝ рекол дека е испратен при синовите Израилеви, а хананејците биле презрен народ. Но таа му одговорила: Да, Господи, но и кучињата имаат право да јадат од трошките што паѓаат од трпезата на господарите. И токму заради таа вера, Господ ја излекувал нејзината ќерка која дури не била ни присутна.
И други безброј примери имаме, браќа и сестри. Интересен е еден друг пример, кога еден човек пристапил кон Господ Исус Христос после Неговото преображение на гората Тавор, на што е посветен овој храм, кога биле присутни Неговите ученици Јаков, Петар и Јован, како и овојпат што се присутни, и ете тогаш Господ ја покажал Својата слава преобразувајќи се со светлина посилна од сонцето. Тој човек, кој пристапил, претходно ги молел Неговите ученици да го излекуваат неговиот син кој страдал од нечист дух, и Му рекол: еве, Твоите ученици не можеа да го излекуваат, ако можеш, Ти излекувај го!“ А Христос го прашал: Веруваш ли дека можам да го излекувам?“, што значи, Христос најнапред бара вера, кога е прашање лекувањето. Има ли вера, има ли молитва кон Бога, тука е лекот браќа и сестри. Нема ли вера, искрена, чиста, длабока, силна – нема лекување. Зашто Господ Исус Христос рекол, ако имате вера колку зрно синапово, кое е најситното зрнце од сите зрна што постојат, ќе можете да ѝ речете на оваа планина премести се одовде, и таа ќе се премести. Верата е првиот основен фактор потребен, да можеме да се излекуваме од било каква болест. Но болестите, браќа и сестри, доаѓаат пред сè, поради нашата грешност. Во оној случај, со младото момче со нечист дух, Господ, прво ја насочил целата работа кон дијагнозата, зошто тоа дете е болно со таква болест, а причината била неверството на неговиот родител. Затоа Господ му вели, веруваш ли? Тој одговорил: Верувам Господи, помогни му на моето неверие (Мк. 9,24). Така и ние, кога се молиме и не веруваме дека Господ ќе ни помогне, да се сетиме зборовите на овој човек упатени кон Христос: Верувам Господи, или поточно: сакам да верувам, помогни му на моето неверување. И Господ тогаш веднаш ќе пристапи, и ќе ги слушне нашите молитви. Зашто Самиот Господ Исус Христос рекол: барајте и ќе ви биде дадено, чукајте и ќе ви се отвори. Затоа браќа и сестри, верата е основниот фактор за сè во нашиот живот. Зашто е речено од страна на Господа Исуса Христа, преку устата на апостолот: без вера не може на Бога да Му се угоди. Верата е првата добродетел од трите големи добродетели, меѓу кои се и надежта и љубовта, како што светиот апостол Павле, во химната на љубовта вели: А сега остануваат верата, надежта и љубовта. Од нив најголема е љубовта (1 Кор. 13, 13). Еве ја љубовта која ја покажал Господ Исус Христос, браќа и сестри, на повикот на Јаира, да оди во неговиот дом и да ја излекува неговата 12 годишна болна, односно умрена ќерка – ја воскреснал, ја оживеал.
Има една интересна работа, во врска со тие дванаесет години што страдала болната старица, и оваа дванаесет годишна девојка, која ја воскреснал Господ Исус Христос. Првата, старата жена, го претставува незнабоштвото, односно незнабожечкиот народ, и кога оваа жена се разболела, тогаш се родила младата девојка. А тоа значи, дека кога почнала болеста, периодот на неверството на незнабоштвото, тогаш почнува Јудејството, како избраната религија во Стариот Завет, која откако починала на 12 години (периодот на Јудејството)ја воскреснува Господ во христијанството.
За тоа, дека воскресението на мртвите е задолжително, на крајот на светот, за кое говори Господ Исус Христос во расказот или параболата за Страшниот Суд, кога ќе ги одвои козите од овците, и кога конечно, ќе седне на својот свет Престол да им суди на луѓето од постанокот до крајот на светот, ете тоа воскресение е неизбежно. Зашто дека има воскресение на мртвите, се говори и во Стариот Завет. Зар не си споменуваме дека светиот пророк Илија, на онаа жена од Сарепта ѝ го воскресна нејзиниот син единец кој беше умрен? Зар не си спомнуваме за воскресението на Лазар, за синот на вдовицата, и т.н.? Воскресението од мртвите е неизбежно. А тоа го покажал со личен пример нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој после тридневното лежење во гробот, воскресна од мртвите, смртта ја уништил и го избавил човечкиот род од гревот и смртта. За тоа, на еден многу учен човек, Њутон, бидејќи бил многу набожен, и секогаш кога ќе се спомнел Господ, тој ја симнувал капата пред луѓето, му рекле: зошто веруваш во воскресение на мртвите? А тој им рекол: дајте ми една прачка со магнет, па ќе ви докажам дека е можно. И тогаш, ја зел таа магнетна прачка и поминал со неа покрај струганици од железо, и сите струганици се собрале на неа. Им рекол: Ако Господ во природата дал пример, сите овие честички да може да се соберат на едно место, зошто не би можел да ги воскресне сите умрени, без оглед на тоа во каква состојба преминале нивните тела, било да се распаднати или изгорени. Зашто тие не се уништени, туку само ја смениле состојбата, како што водата ја менува со стојбата под притисок на огнот, за подоцна кога ќе падне од небото, пак да биде вода. Така, и телата наши, без оглед во која состојба преминале по смртта, ние пак во истите преобразени тела ќе го видиме Христос, со исти тела како што бил Христос, после Неговото воскресение.
Браќа и сестри, да не го заборавиме и тоа, дека и ние за да се излекуваме од нашите гревови, постои една и единствена можност – покајание. Без покајание, нема спасение. Првата проповед на св. Јован Крстител е: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно. Исто така, и Господ Исус Христос, првата Своја проповед ја почнува со покајанието. А покајанието значи да ги осознаеме своите гревови, да се покаеме за нив, длабоко одлучувајќи повеќе да не грешиме, но и покрај тоа, да направиме многу, спротивни на гревовите добри дела. Ако сме лажеле, секогаш да ја кажуваме вистината. Ако сме краделе, да ги вратиме украдените работи, и да даваме помош на сираци, сиромаси, вдовици, на Црквата, и т.н. Покајанието бара исповед пред свештеникот, а тоа значи: ништо да не скриеме пред него од она што сме го направиле. Зашто, што и да скриеме, тој грев што ќе го скриеме, нема да ни биде простен, а ако умреме со тој грев, нема да ни биде простен ни на страшниот Суд. Затоа, да побрзаме, секогаш штом ќе згрешиме, да не го одложуваме нашиот грев, туку веднаш да побараме прошка за него. Зашто и вие знаете, свеќата, кога ќе изгасне, ако веднаш ја запалите, ќе се запали лесно. Но, ако се олади, или ако замрзне, уште потешко се пали. Затоа, додека сеуште има љубов и топлина кон Бога, да побараме прошка за направените гревови и да се ослободиме од тоа. Без покајание, без исповед, не можеме тоа да го сториме. Не можеме да се ослободиме од гревовите.
Но, веднаш после исповедта, потребно е примање на Светата Тајна Причест, зашто Господ Исус Христос, конечно нас нè ослободува од гревовите не само со покајанието и исповедта, туку со Неговото Свето Тело, и оние што се подготвиле, покаени и исповедани, треба да се причестат, ако сакаат да бидат вистински ослободени од нивните гревови. Зашто кога се ваѓаат честици на литургија од просфората, за живите и починатите, ѓаконот вели: Омий Господи грехи зде поминавшихся“. Очисти ги Господи гревовите на оние што ги спомнавме на проскомидијата, на првиот дел од литургијата. И тогаш, бидејќи се полагаат во Светиот Путир, во Крвта Христова, сите тие гревови се очистуваат. Затоа браќа и сестри, носете почесто литургии за здравје и за покој на починатите, односно просфори, и молете ги отците ваши, да ги спомнат на проскомидијата и живите за здравје и починатите за покој на нивните души. Зашто без покајание, исповед и причест нема простување на гревовите.
Да се помолиме браќа и сестри на нашиот Господ Исус Христос, преку молитвите и застапништвото на Пресвета Богородица и на сите светии, Господ да ни даде силна вера како на крвоточивата жена и смирениот Јаир и секогаш да знаеме, дека каква болест и мака да имаме, најголем и единствен лек се покајанието, исповедта и причесната. Амин!

P1090089

P1090091

P1090092

P1090103

P1090110

P1090114

P1090129

P1090137

P1090143

P1090144

P1090145

P1090152