Обединувачкиот карактер на Црквата

Православната црква пристапува онтолошки. Што значи тоа? Ја преобразува личноста, и ја воведува во нов начин на живот. Ја принесува духовно и реално на Христа, за да може човекот да стане син Божји (по благодат) и “сонаследник Христов” (συγκληρονόμος Χριστοῦ), со терминологијата на св. Григориј Богослов (Περὶ φιλοπτωχίας, ΚΓ’ PG 35, 888A). Ова говори за обединувачкиот карактер на Црквата, којашто како “соборна” воцрковува сѐ внатре во тајната на Божјата Икономија. Не изостава никого надвор. Го прифаќа создаденото и го преобразува. Најпосле, го спасува. Во теологијата, ова го нарекуваме: возглавување на сѐ во Икономијата на Логосот Божји, Господ Исус Христос. Ова е целта на Божјата Икономија, односно целта и мисијата на Црквата во светот и историјата.

Црквата не постои надвор од општествениот живот, ниту пак, го игнорира, но истата не се занимава со решавање на општествени проблеми. На овој начин, просторот на Црквата станува место на полна манифестација на единството. Вака, низ перспективата на Црквата се стекнува вистинското единство (η ενότητα ἐν Χριστῷ).

Асс. мр. Докторанд Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет, Скопје