Духовден – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ – Битола

На 04.06.2023 г., празнувајќи ја Светата Педесетница – слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.Веднаш после Божествената Литургијата, Митрополитот г. Петар ја отслужи вечерната Богослужба со читање на молитвите за призив на Светиот Дух.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, и сите заедно го славиме Сесветиот Дух“, браќа и сестри.

Денес е празникот Педесетница, кој се празнува педесет дена по Христовото Воскресение. На овој ден се случил голем настан, имено, Господ како што беше им ветил на Своите Свети ученици и апостоли дека, ако Он не отиде од нив, ако не се Вознесе, нема да им го испрати Светиот Дух, Кој ја продолжува Неговата Света мисија на земјата. Ете, Господ се Вознесе на небесата, а сто и дваесет души заедно со Светите апостолите кога беа заедно на молитва за да го повикаат Светиот Дух, да одлучи кој ќе биде дванаесеттиот апостол, бидејќи Јуда го предаде Господа и отпадна од дванаесетте апостоли, тогаш, браќа и сестри, во Сионската Горница каде што беа собрани Светите апостоли заедно со Мајката Божја, Пресвета Богородица, во вид на огнени јазици, откако претходно се слушна силен шум, слезе Светиот Дух на секого поединечно, и тие се исполнија со Него. Одеднаш апостолите кои беа плашливи и кои се разбегаа кога Христа го судеа и распнуваа, сега истите тие апостоли исполнети со Божјата благодат, се собрани на едно место.

Која е разликата, помеѓу она слегување на Севишниот во Вавилон, кога луѓето од преголема гордост сакаа да изградат кула, именувана Вавилонска кула и кога Господ заради нивната гордост им ги измеша јазиците и луѓето се разделија на различни народи. Од таа разделба има последици сè до денешен ден. Денес каде што се измешани јазиците, односно каде што нема духовни јазици, каде што не е присутен Светиот Дух, таму има недоразбирање, дури и ист јазик да зборуваат.

Имаме примери, како во едно семејство, татко и син, мајка и ќерка, браќа и сестри, роднини и пријатели, не се разбираат. Зошто? Заради гордоста што ја имаат и токму заради таа гордост и денеска е присутно недоразбирањето на луѓето, на народите дури и во семејствата.

Со слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици, како што слушнавме во кондакот на овој празник, Господ, браќа и сестри, ги собира апостолите на едно место, и не само апостолите, туку и сите луѓе ги собира на едно место.

Има две значајни мисии за спасението на човечкиот род. Првата мисија е со доаѓањето во тело на Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој дојде нечујно, раѓајќи се во пештера и беше положен во јасли, потоа растеше како и сите деца и Светиот Дух беше врз Него и како дете во синагогите им го појаснуваше учењето за верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светито Дух, на еврејските старешини и на првосвештениците, кои формално верувале во Бога и ги извршувале неговите заповеди.

Христос, браќа и сестри, заради нас беше осуден на неправедна крсна смрт, ја пролеа Својата Света Крв, го избави човечкиот род од гревот и смртта, а потоа беше погребан и во третиот ден Воскресна од мртвите и се Вознесе на небесата за да ја прослави нашата човечка природа. Спасителот Христос на Своите ученици и апостоли им беше ветил дека ако не се Вознесе нема да им го испрати Светиот Дух, Духот на Вистината.

Господ им го испрати Светиот Дух на Своите Свети Апостоли и ученици. Мисијата на Светиот Дух продолжува, зашто Светиот Дух е постојано присутеи и постојано се излева, како и денес не овој голем и спасоносен празник – Духовден.

Денот кога Светиот Дух слегол врз апостолите, уште се именува и како роденден на Црквата.

Еден богослов вели: „Оној што смета дека Отец му е Небесниот Отец, а за мајка не ја смета Црквата, тој нема ни Небесен Отец“. Ако ние веруваме дека имаме Небесен Отец, тогаш не смееме да не веруваме дека нашата Света Православна Црква е нашата Мајката.

Учењето на Светата Православна Црква е следно: Господ Исус Христос е Глава на Црквата, а Црквата се верните, собрани заедно со свештенството и монаштвото околу својот епископ. На Божествената Литургија, на која на Светиот Престол се случува најголемото чудо, односно претворањето на лебот и виното во Светите Дарови, во Тело и Крв Христови, и ние преку Причесната го примаме, во нашите души и тела, Самиот Спасител Господ Исус Христос.

Исто така, браќа и сестри, ние преку Светите Тајни го примаме Светиот Дух, односно Неговата благодат.

Преку Крштението ние се очистуваме од првородниот грев и од сите други лични гревови, а исто така и од гревовите што сме ги наследиле од нашите родители и прародители.

По крштението доаѓа Светата тајна Миропомазание, преку која ние ги добиваме даровите на Светиот Дух: верата, надежта, љубовта, трпението, кроткоста и.т.н.

Браќа и сестри, ние иако сме крстени и миропомазани, сепак грешиме, па Бог заради нас и нашето спасение ја востановил и Светата Тајна Покајание или Исповед, за ние да се покаеме и да се откажеме од гревовите кои ги правиме во нашиот живот. Веднаш после Светата Тајна Покајание, ние треба да пристапиме кон Светата Тајна Причест, бидејќи Причесната е печат на сите Свети Тајни, односно Тајна над тајните.

Исто така, при венчавањето на младите, кога врз нив слегува благодатта на Светиот Дух, за да имаат љубов, слога и разбирање во брачната заедница и да раѓаат деца, нив всушност ги закрепнува Светиот Дух, преку Неговата благодат.

Дарот на Светиот Дух, слегува и врз болните врз кои се извршува Светата Тајна Елеосвештение или Маслосвет. По извршувањето на оваа Света Тајна, болните повторно како печат веднаш ја примаат Светата Тајна Причест, односно Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.

Ние свештенослужителите, кога ги примаме свештеничките чинови, односно ѓаконскиот, свештеничкиот и епископскиот, по примањето на овие чинови, веднаш ја примаме Светата Тајна Евхаристија. Светата Тајна Причест е печат на сите Свети Тајни во Црквата.

Светиот Дух, браќа и сестри, на денешен ден, ги преобразил Светите Апостоли и сите оние кои биле присутни таму, од грешни станале свети, од недостојни достојни и од нечесни чесни. Ние имаме безброј примери во Светото Писмо и Светото Предание, како многубројни луѓе биле преобразени преку Светиот Дух.

Свети Мојсеј Мурин, бил убиец и најголем разбојник, но преку благодатта Божја станал голем светител на Црквата Христова. Свети апостол Павле ја гонел Црквата Христова пред да стане христијанин, но откако Господ му се јавил на патот за Дамаск и го турнал од коњот заслепувајќи го со силна светлина, оттогаш апостолот станал најревносниот апостол кој напишал четиринаесет посланија и го проповедал Христовото Евангелие меѓу незнабошците.

Еве, браќа и сестри, никој од нас кој греши и кој е грешник да не се плаши, туку да се покае и причести и да настојува да живее достоен живот.

Празнувајќи го обој голем и спасоносен празник, да си спомнеме како Светиот Дух кога слезе врз апостолите ги преобрази и ги освети. Ете, Свети апостол Петар кој не го призна Христа и трипати се одрече од Него, по покајанието и трикратното исповедање, преку Божјата благодат повторно стана апостол и при првата проповед крсти три илјади души, а потоа и пет илјади луѓе.

Ете така Светиот Дух делува врз апостолите, свештенослужителите и верните.

Ако Светиот Дух од нив направи Свои садови, тогаш Он може да направи и од нас Свои избрани садови, но за тоа потребна е наша согласност и посветеност. Должноста на секој православен христијанин е да се откаже од гревовната состојба и да почне да живее нов живот, во согласност со учењето на нашата Света Црква.

Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Светите Апостоли, кои на денешен ден го примија Светиот Дух, да се застапуваат за нас, Господ да не очисти од сите нечистотии, за и ние да можеме изобилно да ја примиме благодатта на Светиот Дух. Амин!