Недела на Сите Свети – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомачени Димитриј“, во Буково

На 19.06.2022 г, во Неделата посветена на Сите Свети, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов,  протоереите Златко Костовски, Цветко Тасески, ерејот Крсте Тасески и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во село Буково.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен, а кој ќе Ме исповеда Мене пред луѓето, и Јас ќе го исповедам него пред Мојот Отец Небесен“ (сп. Мат. 10, 32-33).

Браќа и сестри, од денешното Свето Евангелие, ги слушнавме Христовите зборови, во кои нè поучува како ние треба да се однесуваме кон Него и како да Го почитуваме. Ние знаеме дека Бог го создал човекот за вечен живот и за Царство Небесно, но поради првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева, човекот се подложи на смрт, па затоа требало да дојде Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, да се воплоти и да стане човек, во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, да поживее со луѓето, да им ја открие верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, за да ги ослободи од гревот и смртта. Ете, заради тоа Христос дојде во светот и доброволно благоволи да биде понижуван, тепан, плукан, шамаран, трнов венец да Му стават на главата и неправедно да Го осудат да биде распнат на Крст, на кој ја пролеа Својата Света и спасоносна Крв, преку која нè избави од гревот и смртта.

Ете токму заради сето тоа што го направил Христос Спасителот, ги кажал овие зборови: „Кој ќе Ме исповеда Мене пред луѓето и Јас ќе го исповедам него пред Мојот Отец Небесен, а Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен“ (сп. Мат. 10, 32-33).

А ние, браќа и  сестри, за да Го исповедаме Христа нашиот Бог и Спасител, пред сè треба да имаме силна вера и да веруваме во Него. Каква треба да биде нашата вера во Бога? На прашањето на Христа Господа упатено до Апостолите: „За кого Ме сметаат луѓето“, Апостолите рекле: „Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците“ (сп. Мат. 16, 14) а потоа кога повторно ги прашува, „а вие, за кого Ме мислите?” (сп. Мат, 16, 15), Свети постол Петар со висок глас одговорил и рекол: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (сп. Мат. 16, 16).

Нашата вера треба да биде онаква, како што е изложена во Символот на Верата, каде сè подробно е кажано како и во што ние веруваме. Затоа пожелно е сите на Божествената Литургија, заеднички да го кажуваме Символот на Верата, во кој ние ја исповедаме нашата Вера.

Вистинска Вера, е само онаа вера, која што спасува, па затоа никој да не мисли дека нашата Вера, е иста или слична со Верата на еретиците, кои погрешно учат за Христа нашиот Бог и Спасител и за Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Господ Исус Христос рекол дека од сè Он што кажал, ништо не смее да се измени т.е. ниту точка, ниту запирка, ниту црта, зашто во Светото Евангелие е кажано: „Кој погрешно ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 19).

Ние, пак, браќа и сестри, треба да имаме онаква Вера, каква што ни ја предал Спасителот наш Господ Исус Христос, преку Светите Апостоли и Светите Отци, кои го протолкувале и објасниле Светото Писмо. Но ѓаволот уште од почетокот, во раната Црквата Христова, посеал какол во пченицата т.е. посеал погрешни учења за Верата, па така Црквата Христова претрпела големи искушенија поради тие погрешните учења, заради кои биле свикувани Помесните и Вселенските Собори, на кои е дефинирана и добро образложена нашата Света Православна Вера.

Покрај верата, браќа и сестри, за спасението на душата човечка, е потребно ние да имаме љубов кон Бога. Зошто? Затоа што Бог е нашиот Создател. Ние нашиот живот го добиваме од Бога, бидејќи без Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, ние не можеме да очекуваме дека имаме живот вечен.

На прашањето на еден богат човек, упатено до Христа Господа, за тоа која заповед е најголема, Спасителот рекол: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).

Господ вели дека во овие две заповеди, се содржат сите пророштва и сè што е кажано за спасение во Светото Писмо. Што значи, ако ние имаме вера и љубов кон Бога и ближните, тогаш ние можеме да очекуваме дека ќе се спасиме.

Никој не може да се рече дека е добар домаќин, ако прво своето семејство не го воспита и не го научи во нашата Света Православна Вера.

Господ Исус Христос вели: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 37). Ова не значи, дека ние не треба да ги сакаме нашите родители т.е. таткото и мајката, браќа и сестрите, жените, децата, сето тоа е дозволено, но не смееме повеќе да ги сакаме од Бога, затоа што Бог е нашиот Создател и од Него извира нашиот живот и нашето постоење. Кој не Го сака Бога, тој всушност никого не сака. Од таму доаѓаат и сите други гревовни состојби, кога ние на местото од Бога, ќе поставиме нешто друго, на пример: семејството, жената, децата, имотот, богатството, бизнисот, кариерата и.т.н. Сето тоа треба да биде воторостепено, а првостепена да биде љубовта кон Бога, Кој е нашиот Создател. Човек не може да има љубов кон Бога, ако нема љубов кон ближниот, зашто Христос Спасителот рекол: „Не можеш да Го сакаш Бога, кого не Го гледаш, а да го мразиш својот брат, кого го гледаш“ (1. Јован 4, 20). Значи преку љубовта кон ближниот, ние ја пројавуваме и љубовта кон Бога.

Сето ова што го кажавме за да си спомнеме дека денеска, е Недела на Сите Свети. Кои се Сите Свети? Сите Свети, се оние светители почнувајќи од Стариот Завет т.е. од создавањето на првите луѓе, па сè до Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, и во Новиот Завет, почнувајќи од Мајката Божја, Пресвета Богородица (втората Еват), која ни Го родила Христа нашиот Бог и Спасител, потоа Светите Апостоли, Светите маченици, кои ја исповедаа Верата не само со зборови и дела, туку и со своите живот. Светите маченици беа убивани со копја, на други главите им беа пресечени, трети беа ставани на клада т.е. сите тие пострадаа на разни начини за нашата Света Православна Вера. А оние, кои заради љубов кон Троичниот Бог, бегајќи од овој свет, отидоа во пустините, за да се молат за светот и луѓето, тие се прославија како подвижници. Оние, пак, браќа и сестри, кои ја исповедаа нашата Вера, се нарекуваа Исповедници.

Различни се епитетите на светителите во нашата Света Црква, на кои Црквата им оддава почит и го празнува нивниот спомен. Во Црквата Христова има безброј светители, кои не се влезени во календарот на нашата Света Православна Црква, па затоа овој ден Неделата на Сите Свети, е посветен и на сите нив.

Кога Апостолите го прашале Спасителот Христос, како треба тие да се однесуваат кон Него, Он им одговорил дека тие треба да Го љубат Него, а оние кои вистински Го љубат, тие ги исполнуваат Неговите Заповеди.

Заповедите Христови, браќа и сестри, се изложени во Светото Писмо и во Светото Предание. Во Стариот Завет ги имаме Десетте Божји Заповеди, а во Новиот Завет, Десетте новозаветни Заповеди. Оние кои ги исполнуваат Божјите Заповеди, тие Го љубат Бога, но таа љубов треба да биде и кон браќата свои, бидејќи Господ вели: „По тоа ќе ве познаат луѓето дека сте Мои Ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 35). Што значи,  доколку имаме љубов помеѓу себе, тогаш ние сме вистински хриатијани.

Во раната Црква Христова, љубовта на христијаните била толку изразена, што многубошците им позавидувале на нивниот живот и велеле: „Погледнете на христијаните, живеат еднакво како нас, се облекуваат слично како нас, нивниот надворешен живот е скоро сличен на нашиот, ама нивната вера и нивниот внатрешен живот, е сосема поинаков, зашто меѓу нив нема крадци, арамии, клеветници, разбојници и убијци, бидејќи сите тие живеат свет живот“. Христијаните во раната Христова Црква, верата ја исповедале јавно. Во тоа време, кога се појавиле погрешните еретички учења, секаде се говорело за Верата т.е. и на пазариштата, и на работните места, и во семејствата. Ние денес не можеме да речеме дека сме вистински христијани, ако постојано не мислиме на Христа нашиот Бог и Спасител, ако постојано не Го сакаме Него и ако постојано не сме приврзани кон Него. Ако постојано не мислиме на Христа, ние формално ја исповедаме нашата Вера, а не од длабочината на душата и срцето.

Па затоа, браќа и сестри, ние треба сето тоа да го правиме онака, како што го правеле христијаните во раната Црква Христова.

Имено, постојано да Го имаме Бога во нашите души и срца, а не да бидеме како што вели старозаветниот пророк Исаија: „Овој народ Мене само со устите Ме споменува и Ме сака, ама со неговото срце, е далеку од Мене“ (сп. Иса 29, 13). Ако Господ ни е во душата и во срцата, тогаш ние сме вистински христијани. Како ние правилно ќе Го исповедаме Христа нашиот Бог и Спасител?

Значи треба на дело да покажуваме дека Го сакаме Бога, а тоа ќе го покажеме ако ги исполнуваме Неговите Заповеди. Оние, пак, Свети, кои своите животи ги положиле за Христа нашиот Бог и Спасител, тие не покажале љубов кон Бога само збор и со дела, туку и со своите животи, како што тоа го направиле Светителите од Стариот и Новиот Завет, а особено Мачениците, Апостолите, Исповедниците, Евангелистите и сите оние кои пострадале за Христа нашиот Бог и Спасител.

По молитвите на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар