Архиерејска Вечерна со Чин на простување во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 14.03.2021 година,  во Неделата на простувањето – Прочка, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар во сослужение на свештенствотот од Битолското архиерејско намесништво, отслужи Вечерна богослужба со Чинот на простување, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

Свештенството и верниот народ побараа прошка едни од други, и испросија благослов од Бога, за со чисти срца да зачекорат во претстојниот Велигденски пост.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Вратите на милосрдието отвори ми ги Животодавче“.

Браќа и сестри, вечерва се поклади или Прочка, кажано народно на наш Македонски јазик, кога правиме сеопшто проштевање. Денеска сите ние кои сме им згрешиле на другите, треба да побараме прошка он нив, а исто така и секој оној што од нас ќе побара прошка, треба да му простиме, па дури и на непријателите, бидејќи за тоа пример ни дал Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој кога се наоѓал во најстрашни маки, распнат на Крстот, се молел на Својот Отец, да им прости на оние што Го распнале со зборовите: „Прости им Отче, зашто не знаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Проштевањето е голема работа, браќа и сестри, но истото не смее да биде формално, зашто формалното проштевање е лецемерно, а лицемерието е ѓаволска работа, бидејќи во лицемерието едно зборуваме, а друго мислиме, едно кажуваме, а зад грб друго зборуваме. Со лицемерието, луѓето постапуваат како фарисејот, кој со подигнати раце се молел во храмот за сите да го видат, со зборовите: „Ти благодарам Боже,  што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам“ (сп. Лука 18, 11-12. А митникот, браќа и сестри, кој бил паднат на колена во задниот дел од храмот, биејќи се во градите, се молел на Господа со зборовите: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (сп. Лука 18, 13).

Ете, такво е лицемерието и меѓу нас православните, кои често доаѓаме во храмот и се молиме, заборавајќи на суштината на проштевањето. Проштевањето не може и не смее да биде формална работа.

Светиот Климент Охридскиот Чудотворец, патронот на нашата Света Црква, вели: „Не јадете месо, ама затоа ги изедувате своите, браќа и сестри, со клевета, со омраза, со злоба и со сè што е недопустливо за православен христијанин“.

Пред триесетина години, слушнавме од устата на еден поглавар, кој рече: „Ние проштеваме, ама не забораваме“. И вечерва на вестите, ги слушнавме истите зборови од еден висок политичар, кој рече: „Проштеваме, ама не забораваме“.

Тие што проштеваат, а не забораваат, тие не проштеваат, браќа и сестри, туку се одмаздуваат и се поставуваат на местото на Бога. Господ рекол: „Одмаздата е Моја“ (сп. Рим. 12, 19). Секој што се одмаздува или, пак, вели: „Проштевам, ама не заборавам“, знајте дека тој не проштева од длабочината на душата и срцето. Кога говорам за простувањето, често во проповедите го споменувам примерот со свекрвата и снаата, кога снаата и досадувала на свекрвата велејќи и: „Мамо прости ми“, а оваа не можејќи да и прости од душата и срцето, но бидејќи и  досадувала и рекла: „Ти простувам, а сега мавни ми се од пред очи да не те гледам“.

Таквото проштевање, не е проштевање. Проштевањето е задолжително за сите. Не случајно, образец на сите молитви, е молитвата „Отче наш“, која ни ја кажал Господ Исус Христос, за тоа како треба да се молиме, а во неа се вели: „И прости ни ги долговите наши,  како и ние што им ги проштеваме на нашите должници“, односно на оние што нам ни згрешиле.

Во преданието на Црквата, имаме прекрасен пример за помирувањето, во кое се говори како двајца пријатели, кои служеле во храмот во Цариградската Патријаршија, од кој едниот бил меѓу певците, а другиот меѓу свештенослужителите, не сакале да се помират. Но при една прилика, еден нивни собрат сакал да ги измири, па му рекол на свештенослужителот да ја чита молитвата „Отче наш“, па кога дошол до местото каде се вели: „И прости ни ги нашите долгови, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници“, ги соочил двајцата, со цел да се посрамат и си простат.

Проштевањето, постењето и покајанието, браќа и сестри, се свети работи. Без покајание, нема опростување на гревовите. Свети Јован Претеча и Крстител, откако излегол од пустината и почнал да крштева на реката Јордан со покајно крштение, својата проповед ја започнал со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2). „Ете, секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган“ (сп. Лука 3, 9). И Спасителот наш Господ Исус Христос, откако отишол во пустината, каде од сатаната бил искушуван како човек, Својата проповед ја започнал токму со овие зборови: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17).

Покајанието, не е формална работа, туку е преобразба. Зборот покајание доаѓа од грчниот збор μετάνοια, кој значи промена на умот, мислите, чувствата, желбите, похотите, страстите, и на сè што е во нас грешно, почнувајќи од мислите, помислите и фантазиите, кои се дело на умот, а потоа и на грешните чувства, похоти, желби и страсти, кои се сместени во нашите срца.

Покајанието е света работа, па затоа оние што се каат, треба длабоко да навлезат во својата душа и сериозно да го проанализираат својот живот, односно на кого сè погрешиле, почнувајќи од домашните, од родителите, од браќата, од сестри, од привте години од училишните клупи, од времето на младоста, од времето на првите години во брачната заедница, од времето кога почнале да работат, кога имале секакви искушенија и страдања, бидејќи за секој кажан збор, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд. Ќе ни се суди, браќа и сестри, и за искажаните зборови, зашто во една наша поговорка е речено: „Јазикот коски нема, ама коски крши“, бидејќи преку кажаниот тежок збор, можат да се нанесат многу потешки работи, отколку со направени лоши дела.

Покајанието е токму во тоа, да почнеме да правиме добри дела, гладни да нахраниме, жедни да напоиме, необлечени да облечеме, болни во болници и затвореници во затвори да посетиме. Тоа е должноста на оние кои вистински се каат, ако  сакаат да добијат прошка за своите гревови.

Кога станува збор за покајанието, многу битно е, истото да биде направено од длабочината на душата и срцето, пролевајќи многу солзи за направените гревови. За Светиот пророк Давид се вели дека секоја ноќ, кога си легнувал, леел многу солзи за направените гревови.

Нема проштевање на гревовите, ако за нив не пролееме многу солзи, а за тоа пример нека ни бидат децата, кои кога ќе направат некоја белја или грешка, веднаш плачат и бараат прошка. Има ли родител што не ќе му прости на своето дете, кога гледа дека плаче за тоа што згрешило и ветува дека повеќе нема да направи таква грешка?

Ние возрасните, наместо да се поучуваме во ваквите примери со децата, детински се однесуваме. Светиот апостол Павле вели: „Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското“ (сп. 1. Кор. 13, 11). А ние, браќа и сестри,  мислиме како деца, а се однесуваме како возрасни, грешни и недостојни.

Пример за тоа како треба да се каеме, ни дава и Светиот апостол Петар, кој се откажал од Христа нашиот Бог и Спасител, само за да види и да слушни што ќе се случи со Христа, кога бил однесен на суд кај Ана и Кајафа. Пред тоа Свети апостол Петар Му рекол на Господа Исуса Христа дека тој никогаш од Него нема да се откаже, па ако треба и животот свој ќе Го даде, а Христос му вели: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Марко 14, 30).

Според кажувањето на Свети Климент Римски, епископот на Римската Црква, Свети апостол Петар, секој ден кога ќе слушнел петел да пее, горко плачел, иако гревот му бил простен од Господа Исуса Христа на Генисаретското езеро, кога три пати Го исповедал Христа на прашањето: „Ме љубиш ли Петре? А Свети апостол Петар одоговарал: Да, Господа Те љубам“, а Христос му рекол: „Паси ги овците мои“. И по втор пат, и по трет пат, Господ го прашал, а Свети апостол Петар одговорил: „Те љубам Господи, Ти сè знаеш, знаеш дека Те сакам“ (види Јован 21, 15-17), а Господ Му вели: „Кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш“ (сп. Јован 21, 18), укажувајќи му на тоа дека маченички ќе пострада. Па така, Свети апостол Петар маченички пострадал т.е. стрмоглаво бил распнат на Крст, со главата надолу, а со нозете нагоре, бидејќи не се чувствувал достоен да биде распнат како Христос нашиот Бог и Спасител.

Еве, колку прекрасни примери, браќа и сестри, на покајание. Прекрасен пример на покајание, ни е и Света Марија Египетска, која од најголема блудница, станала најголема покајница, која ни служи како пример во Петтата недела од Велигденскиот пост.

Овие примери нека нè поттикнат како треба да се каеме за нашите гревови.

Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, преку нивните молитви, Господ и нам да ни ги омекне срцата и душите, за да можеме вистински да се покаеме за гревовите и да им простиме на сите што нам ни згрешиле и да побараме прошка од сите оние на кои што сме им згрешиле. По нивните молитви, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

А сега, браќа и сестри, како што е обичај, да се поклониме пред иконата и Светото Евангелие, кое го претставува Христос нашиот Бог и Спасител, и да побараме прошка едни од други, велејќи: „Прости и благослови владико или прости отче, или брате, или сестро, а ние на кои е упатено тоа прашање одговараме: „Од мене и од Бога нека ти е простено“. „И ти прости брате или сестро“.

Нека е честит празникот на сеопштото проштевање (Прочка) и Бог нека е со нас по молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Сите Свети. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар