Петти Акатист кон Пресвета Богородица

На 12.04.2019 г., во петтиот  петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот „Пресвета Богородица“ во Битола, отслужи Мало повечерие со  целосно читање на Акатистот кон Пресвета Богородица.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Вечерва, браќа и сестри, го отслуживме големиот Акатист, односно ги прочитавме сите пет статии од Акатистот кон Пресвета Богородица, во овој петти петок од Велигденскиот пост. Ние и се обративме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, да биде наша застапница и покровителка, и секогаш да ни помага во нашите страдања и искушенијата, во маките, болестите и тагите, и во сите несреќи што нам ни се случуваат, било да се од телесна, духовна или душевна природа.

Мајката Божја, Пресвета Богородица, е прославена од Бога, од оној момент откако и била јавена веста дека ќе зачне од Светиот Дух, и ќе ни го роди Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Архангелот Божји, Светиот Архангел Гаврил, пристапил кон Пресвета Богородица и ѝ рекол: „Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!„ (Лука 1, 28).

При друга прилика, кога нејзината роднина Светата Елисавета, мајката на Свети Јован Крстител, која била истовремено бремена со Светиот Јован Крстител, кога Мајката Божја во својата утроба го носела Спасителот наш Исус Христ, кога се сретнале, и рекла на Пресвета Богородица: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!“ (Лука 1, 42).

Од тогаш, Мајката Божја, почнува постојано да биде фалена и прославувана, не само од луѓето, туку и од Ангелите и Архангелите, Властите, Силите, и сите ангелски чинови, бидејќи се удостоила да биде почесна од Херувимите, и неспоредливо пославна од Серафимите, бидејќи ни го родила Спасителот наш Господ Исус Христос.

И така, браќа и сестри, кога ние се наоѓаме во големи  потешкотии и искушенија, кога се наоѓаме како што се вели во Светото Писмо: „Во борбата против поднебесните сили на злобата“ (Ефес. 6, 12), а поднебесните сили на злобата се, сатаната, заедно со неговите ангели, демоните, кои од почетокот се богоборци и човекоубици, тогаш треба постојано на помош  да ја повикуваме Мајката Божја.

Но за да се избориме со злото, кое нас најмногу не напаѓа, треба најнапред да се избориме со гревовната состојба и гревовите, со искушенијата кои постојано не демнат на различни начини, а исто така и со болестите и тагите.

Во тие моменти, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека немаме друга застапница, дека немаме друга помошница и чуварка, освен Мајката Божја, Пресвета Богородица, за кое имаме сведоштво кај светите.

Така на пример, кога Светиот Андреј Јуродив, кој при една прилика се нашол на небесата, предводен од некој ангел, му било кажано дека треба да ги види сите убавини во рајските предели. И тој откако ги видел нив, многу се изненадил бидејќи не можел да ја види Мајката Божја, и затоа го запрашал оној што го однел во рајските предели: „Kаде е Мајката Божја?“

Светиот Андреј го добил слевниов одговор: „Таа постојано е на земјата, собирајќи ги солзите на: натажените, ожалостените, понижените, сираците, вдовиците, болните, и на сите оние кои пролеваат солзи за свое спасение, и за спасение на ближните. Ете затоа Мајката Можја, не е тука, односно повеќе е на земјата, отколку на небесата – му одговорил ангелот“.

Затоа, браќа и сестри, ние во овие денови што ни преостануваат, во овие две седмици, идната, и особено последната седмица пред Христовото Воскресение, која се именува како Страстна, во која се служат богослужбите посветени на страдањата на Спасителот наш Господ Исус Христос, да побараме од Мајката Божја, поткрепа, помош и застапништво, односно преку нејзините молитви, Господ да ни даде телесни и духовни  сили, за достојно да го завршиме Велигденскиот пост, за, со голема радост, да можеме да го дочекаме празникот над сите празници, Христовото Воскресение, кој е гаранција на нашето воскресение. Затоа, браќа и сестри, да и се помолиме на Мајката Божја, да остане и да биде до крајот на нашите животи, секогаш наша застапница, војвотка и молитвеница, за Господ да не помилува и спаси преку нејзините свети молитви. Амин!