Во кого летаат стрелите на ѓаволските искушенија

Старче, како се случува очистувањето на умот и срцето?

Јас веќе ви говорев, дека за очистување на умот и срцето, човекот е должен да не ги прима во себе лукавите помисли на ѓаволот и да не мисли зло.

Потребно е ние секогаш да мислиме добро и да не се соблазнуваме лесно со недостатоците на другите луѓе, туку да гледаме на постапките на другите со снисходливост и љубов. Кога се умножуваат добрите помисли, тогаш душата на човекот се очистува и тој се однесува со почит и се смирува. Животот на таквиот човек станува рај. Во спротивен случај, човекот во сè се сомнева и неговиот живот се претвора во адско мачење. Тој самиот својот живот си го прави ад.

Човек за да се очисти – треба да се потруди. Ние можеме да се чувствуваме како недостојни и скверни, но тоа не е доволно. Ако сакаме да ги отфрлиме лукавите помисли и да го очистиме својот ум и срце, тогаш треба да настојуваме да имаме добри помисли за сè што гледаме и слушаме. Секако, искушувачот нема да престане од време на време да ни ги испраќа своите лукави „телеграми“. Стрелите на ѓаволските искушенија ќе продолжат да летаат во нас – дури и ако ние се ослободиме од нашите сопствени зли помисли. Но ако нашето срце биде чисто, тогаш искушенијата од ѓаволот нема да се прилепат до него.

Старче, помага ли молитвата во очистување на умот?

Само молитвата не е доволна. Некој може да изговара молитвата со килограм темјан,  но ако неговиот ум е полн со лукави мисли за другите, тогаш тоа не му донесува никаква полза. Од умот, демонот во срцето испраќа лукава „телеграма“, и од човекот прави ѕвер. Бог сака, ние да имаме „чисто срце“ (Псал. 50, 12), а нашето срце е чисто само тогаш, кога не им дозволуваме на лошите помисли да поминат преку нашиот ум.

Старче, на почетокот човекот сам се бори да има добри помисли, а веќе потоа му помага Бог?

Бог помага само во тој случај, ако човекот сам настојува да работи над своите помисли и секако тогаш ќе има право и на Божја помош. Со добри помисли човекот го очистува своето лукаво срце. „Од срцето излегуваат лоши помисли“ (Мат. 15, 19), и „од преполнето срце зборува устата негова“ (Лука 6, 45). Но и покрај настојувањето на човекот да работи над своите помисли, сепак Бог го очистува неговото срце.

Преподобен Пајсиј Светогорец

Извор: http://pravlife.org