После бура, цвеќињата се најубави

Бидејќи во нас има јавна гордост и скриена гордост, која ние не ја сфаќаме, Бог сакајќи да нè очисти од тој смет, крева бура, која го исфрла на брегот целиот талог, стекнат за време на нашата небрежност.

На море, особено во малите морски заливи, се исфрла сето ѓубре и нечистотија. Ако би немало морски бури, тие мали морски заливи, би станале расадник на зарази. И фактот дека морската клима е чиста и здрава, се должи исклучиво на морските бури.

Во духовна смисла, истото тоа се случува со нашата душа, нашето душевно море. Нашата душа, постепено се заразува од  различни страсти и од невнимание. А и ѓаволот ги фрла своите нечистотии. И ние не гледаме, колку смет се насобрал. Но Бог гледа сè и подига бура, соодветна на степенот на загадување, и на тој начин го очистува нашето душевно море. Понекогаш, после некое искушение, кое сме го поднеле со трпение, согледуваме дека нашата душа е олесната, мирна и радосна.

Од наша страна, потребно е внимание, за да не се собира нечистотија, та да нема и неопходност од соодветната бура.

И Светите луѓе паѓаа во бури, но тие бури беа од друг вид, имаа друга цел. Понекогаш, искушенијата им помагале на Светителите да достигнат поголема Светост или пак им биле испраќани за нивна поголема  слава, или со цел, да се прослави Божјата сила и да се зајакне православната вера.

Чедо мое! Биди внимателен, имај големо смирение, послушание кон советите на старецот, имај љубов и никогаш не верувај им на своите помисли, никогаш не биди уверен во себе. Никогаш не ја земај здраво за готово, онаа мисла која ти вели дека си добар и доблесен. Самиот воспитувај се, внатре во себе осудувај се, за да го умртвиш своето “јас”, кое е карпа, која го покрива Сонцето на Правдата – Христос.

Да, чедо мое, ова е  вистина, ова е реалност. Постапувај согласно со моите совети, прави така и ќе имаш вистинско душевно здравје и исцеление.

Старец Ефрем Аризонски