Како да ја разбудиме заспаната совест?

Кога ние правиме добро, тогаш душата ни е радосна и спокојна, а кога правиме лукави работи, односно кога лажеме, кога уживаме во нечесни мисли и дела, тогаш стануваме злобни, неспокојни, немирни, раздразливи, и во таа состојба нашето лице се менува. Мажите, тоа не можат да го сокријат ниту со димот од цигарите, ниту со големата доза на алкохол, а исто така, и жените не можат да го сокријат тоа, со никаква козметика која ја ставаат на лицето.

Што се случува со нас? Нас нè осудува совеста, која многу Свети Отци ја нарекуваат „глас Божји во човекот“. Светиот апостол Павле пишува, дека „Бог е Оној, Кој нè утврди со вас во Христа и нè помаза; Он и нè запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши“ (2. Кор. 1, 21-22).

„Залог на Духот“ – тоа е всушност совеста. Апостол Павле, повеќе од 30 пати го употребува овој збор во своите Посланија. Според мислите на Светиот апостол Павле, совеста е присутна дури и во луѓето кои не веруваат или се членови на други религиозни системи. Така, он пишува во Посланието до Римјаните: „зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сè по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат“ (Рим. 2, 14-15).

Меѓутоа, совеста поради прекумерната животна суета може да заспие, и тогаш, ако човекот постојано ги игнорира нејзините повици, таа станува како изгорена. Таквите луѓе уште се нарекуваат „безсовесни“. За да се разбуди заспаната совест, камбаните секоја недела и секој празничен ден ги повикуваат верните во храмот Божји на богослужба, односно ги повикуваат верните да учествуваат во Светите Тајни. Но сите не одговараат на тој повик. Зошто тоа се случува? На ова прашање одговор дава Спасителот наш Господ Исус Христос во параболата за свадбата на царевиот син.

„Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си, и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат. Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: »Ете, приготвив јадење; јунците мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово; дојдете на свадба!  Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град“ (Мат. 22, 2-7).

Очигледно е дека, оние кои не се одзвале на Божјиот повик, не го слушаат гласот на совеста, туку се повикуваат на своите обврски. Но нив Господ не ги казнува, иако тие самите се погубуваат преку помрачување на умот и различните страсти.

Понатаму, согласно параболата, царот „им говори на слугите свои: Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба! И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: »Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?« А тој молчеше. Тогаш царот им рече на слугите: »Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани“ (Мат. 22, 9-14).

Вториот дел од параболата ни покажува, дека Господ никогаш не ја губи надежта за спасението на човекот. Он повторно и повторно, испраќа проповедници да ги соберат сите луѓе; и добри, и лоши, за да дојдат на свадбата. Но не е доволно само да дојдат на свадбата. Постојат многу луѓе, кои одат во храмот, се исповедаат, се причестуваат, но никако не се менуваат внатрешно, туку си остануваат тоа што сè. Надворешната религиозност е само маска, позади која им е полесно да грешат. Господ очекува од нас очистување од страстите и преобразување. Ако тоа не се случува, тогаш нашиот крај ќе биде во надворешната темнина, односно во адот, каде што зраците на Божјата благодат не продираат.

Ние од оваа парабола, треба да ја научиме најважната лекција, односно да настојуваме секогаш да го слушаме гласот на совеста, да не ги отфрламе нејзините повици, туку да постапуваме во согласност со неа, дури и во тие ситуации, кога секојдневната логика или луѓето кои не опкружуваат, ни говорат дека тоа е невозможно. Само на таков начин ние ќе можеме да се облечеме во чиста свадбена облека и да се најдеме не само во бројот на повиканите на свадбата, туку и во бројот на избраните. Амин!

Aрхимандрит Маркела (Павук)

Извор:https://pravlife.org