За возвишеното смирение – 2 дел

Смирението е безимена благодат на душата. Нејзиното име им е познато само на оние што ја запознале од сопствениот опит. Тоа е неискажливо богатство, име Божјо и дар Божји. Научете се, вели, не од ангелите, не од човек, не од книги, туку од Мене, т.е. од Моето вселување, просветлување и дејство меѓу вас, зашто Сум кроток и смирен по срце, и по ум, и по разум, и ќе најдете покој за вашите души од војната и олеснување во борбата со помислите.

(Мат. 11, 29).

Поинаку изгледа оваа света градина додека во неа е уште зимата на страстите, поинаку во пролетта којашто сè уште само го ветува плодот, а поинаку во летото на добродетелите. А сето тоа води всушност кон едно: кон радоста на бербата. Затоа и секое годишно време има свој симбол во извесни плодови. Значи кога во нас ќе почне да созрева гроздот на преподобната смиреност, веднаш (иако со мака) ќе ја замразиме секоја човечка слава и добар глас, изгонувајќи ги од себе гневот и лутината. А кога со духовната возраст, смирението, таа царица на добродетелите, ќе почне да напредува во душата, сите свои добри дела ќе ги сметаме за ништо. Ќе ги сметаме дури и за гадост, зашто ќе мислиме дека секојдневно, иако не сме ни свесни, само го зголемуваме своето бреме. Притоа ќе се плашиме дека изобилието од благодатните дарови, кое постојано го добиваме од Бога, а за коешто не сме достојни, само ќе ни ги умножи вечните маки. Тогаш умот станува безбеден од грабеж, зашто самиот себеси се заклучил во ковчегот на смирението. Тој слуша околу себе тупкање на чекори и разуздана игра на демонските крадци, но ниеден од нив не може да го наведе на искушение. Зашто смирението е ризница во којашто крадците не можат да се вовлечат.

Ете ние се осмеливме во неколку збора да философираме за цветањето и првото созревање на плодот којшто никогаш не престанува да цвета. А каква е конечната награда за таа света добродетел, прашајте Го Господа, пријатели Господови! Зашто, за мерата на оваа добродетел не е ни можно да се зборува; за нејзината природа – уште помалку.

Па сепак, ние ќе се обидеме да кажеме нешто барем за нејзиното својство, според умствените способности со коишто располагаме. Меѓу покајанието (се разбира, вистинското покајание), плачот (очистен од секаква нечистотија) и сепреподобното смирение на почетникот, постои разлика и поделба како меѓу квасецот, брашното и лебот. Со вистинско покајание душата се сотира и исцибрува, и некако се спојува и така да се рече, се меша со Бога, со помош на водата на искрениот плач. А кога од него ќе се распали со огнот Господов, наранува и се добива бесквасниот и ненараснат леб на блаженото смирение. Затоа и тој преподобен и троен синџир (подобро речено божилак), којшто се сведува на една сила и дејство, има свои посебни активности и својства. И ако укажеш на кој и да е знак на едното, ќе видиш дека истовремено си го обележал и другото. Затоа ќе се обидеме она што го кажавме, накратко да го потврдиме и со докази.

Прво и исклучиво својство на оваа прекрасна и чудесна тријада е потполно радосното поднесување на понижувањата. Имено, душата ги прима со раширени раце и ги прегрнува како лек што ги лечи и спалува нејзините болести и големи гревови. Второ својство што произлегува од него е уништувањето на секоја лутина, а она што се пројавува со самото тоа е смирението. А третиот и најубав степен е искрената недоверба во сопствените добри дела и жедта по непрестајно учење.

Крајот на Законот и Пророците е Христос, за оправдание на секого кој верува (Рим. 10, 4). Крајност на нечистите страсти пак се суетата и гордоста, кај секого што не внимава на себе. Нивен истребител е мислениот елен којшто својата кошута ја чува од дејството на секој смртоносен отров. Зашто, кај би можел кај смирението да се јави отровот на лицемерието, каде отровот на клеветата, кај змијата сокриена во пештера? Зарем тоа самото дури и не ја извлекува оваа змија од длабочината на своето срце за да ја убие и уништи!

Во тоа соединение нема ни трага од омраза, ни сенка од расправање, ни најмала пројава на непокорност, освен кога станува збор за верата. Оној што склопил брак со смирението станал благ, пријатен, нежен, сочувствителен, а над сето тоа ведар, готов да послуша, нетажен, буден, вреден и (зарем е потребно многу да се кажува?) бестрасен. Зашто во смирението наше нѐ спомена Господ и нѐ избави од непријателите, од страстите и нечистотиите наши (Пс. 135, 23-24).