Свештеник Анатолиј Кунг – Немаме право да ја заборавиме историјата на Православието во Кина

Во 2003 година, во Хонгконг пристигна свештеникот Дионисиј Позднјаев. Тој отвори тука храм во чест на апостолите Петар и Павле и започна со формирањето на локална православна општина. А во декември, 2014-та година, еден парохијанин на храмот, кинез, Анатолиј Кунг (Кун Чеун Мин) беше ракоположен за ѓакон, а потоа – за свештеник. Хиротонијата била извршена во Хабаровск од Митрополитот Хабаровски и Приамурски Игнатиј. Така, отец Анатолиј стана првиот свештеник во историјата – хонконгец.

Ние се сретнавме во храмот после неделната литургија, која дел се одвиваше на англиски, дел на кинески, за сите парохијани да можат да учествуваат во службата. Секако, возгласите, молитвите на кинески ги кажуваше отец Анатолиј. Впрочем, тој зборува прекрасно руски: многу години претходно работел во Русија, а потоа ја завршил хабаровската семинарија. Јас му поставував различни прашања, но сите тие се сведуваа на едно – судбината на свештеникот-кинез.

– Пред речиси 50 години, татко ми, дипломант на ВГИК, човек со можност да изгради добра кариера, решил да си замине од киното и да стане свештеник. Тогаш во СССР тоа значело целосно да го промени својот живот. Пред неколку години, вие, кинез, решивте да го повторите тој подвиг и исто така да станете свештеник. Зошто?

– Вашиот татко – е пример за мене! Секој свештеник има своја судбина. Порано, ја слушнав од еден француски свештеник неговата приказна: еднаш, кога бил млад, тој толку се напил, што не бил свесен за ништо. Шетал по улиците, а потоа случајно се потпрел на некој предмет. Ги отворил очите – и сфатил, дека е во црква. После тоа, тој станал свештеник.

Секако, мојата приказна не е толку интересна. Најпрвин, како и сите кинези, јас се образував во училиште, на факултет. Потоа требаше да заработувам, дојде време да се женам. Тогаш немав можност сериозно да размислам за животот, за мојот повик. Но, кога наполнив 40 години, почуствував дека нешто треба да се прави, да се менува. Но што – беше нејасно.

Во тоа време, јас работев во Москва и почнав со пријателите да одам во црква – со тоа, постепено планот почна да се пројаснува. Јас почувствував, дека треба да направам некое свештено дело. Но истовремено, сеуште не осознавав до крај, дека ќе станам свештеник. Дури не си го ни замислував тоа: речиси до самото мое ракополагање, јас не мислев дека ќе станам свештеник. Дури неодамна почувствував, осознав: луѓето секогаш сметаат дека тие сами ја избираат религијата – христијанството, но всушност, Бог нив ги избира. Бог веќе го предопределил патот на секој човек, особено на свештеникот.

– Зарем човек не може да го измени својот живот? Јас мислев, дека Бог секогаш ни дава избор.

– Не можам да речам – не можеме да промениме ништо. Но, тоа ќе биде само малечка нијанса во целиот живот. Во Евангелието има приказна, каде што се вели, дека некој порано дошол на лозјето, некој подоцна, но тоа не било важно, затоа што Бог секому му го определил неговиот пат. Луѓето мислат дека самите избираат, но всушност има некоја невидлива сила[1].

Неодамна сфатив: да, во секоја точка на земјината топка, во сиот свет, има потреба од свештеници, но во Кина – тие се најпотребни.

– Во Хонгконг, во Кина, колку што знам има стотици илјади католици, англиканци, протестанти. А вие избравте малечката, речиси никому непозната Руска православна црква на 12-ти спрат (во Хонгконг, земјата е многу скапа, затоа многу парохии изнајмуваат канцеларии во облакодери).

– Изборот не зависеше од тоа, која религија преовладува во Хонгконг. За мене тоа немаше никакво значење. Некој работи во голема компанија, некој во мала, но Православната црква – е единствената која правилно Му служи на Бога. Секако, за јас да станам православен свештеник, имаше одредени предуслови. Претходно работев во Москва, го изучував рускиот јазик. И тоа е судбина! Некако само по себе се случи, да станам православен свештеник. Да размислувам за тоа, која религија е повеќе застапена, која помалку – немаше смисла.

– Самите рековте, дека работевте во Москва. Градевте кариера, и бевте доста успешни. Зошто решивте да се ракоположите? Зашто, можеше да си бидете православен, и да останете обичен мирјанин.

– Јас сеуште не знам, зошто станав православен свештеник! Може да се мисли дека јас имам некој план, но немам никаков план, едноставно така се случи! Пред околу 5 години се вратив во Хонгконг. Во тоа време, јас не ни помислував да станам свештеник. Едноставно чувствував дека постојано сакам да одам во црква. Се запознав со отец Дионисиј Позднјаев, а тој имаше можност да ги испраќа оние кои сакаат да се образоваат во Хабаровската семинарија. Јас дојдов кај него: „Можеби да пробам да се запишам во семинарија?“. И отец Дионисиј организираше сè. А додека учев во семинарија, нашиот митрополит (од непозната причина) ме праша еднаш, дали сакам да станам свештеник. И од истата нејасна причина, јас се согласив. Веројатно сметаше дека тоа е потребно. Ете како се случи сè.

mary6-web

– Кога вашето семејство дозна за Вашата одлука, како ја прифати?

– Јас имам добро семејство! Имам жена, имам добар син. Иако тој не сака многу да учи, јас сметам дека е добро момче. Имам свој бизнис и независни примања, затоа можам спокојно да го хранам семејството. И сопругата има свое хоби. Во нашето семејство, ние сите си помагаме еден на друг, се сакаме еден со друг. А откако станав свештеник, родителите на жената рекоа дека сум станал уште подобар.

– То ест, на сите им се допадна.

– Да, на сите им се допадна.

– Тие доаѓаат во црква?

– Да, понекогаш. Тие понекогаш ја посетуваат црквата во Гуанчжоу.

Откако станавте свештеник, дали се почувствувавте како потребен, како свој на своето? Задоволни сте од својот нов живот?

– Јас секогаш бев задоволен од мојот живот, не знам зошто. Јас секогаш можам спокојно да си ја извршувам мојата работа. Но сега, добив и други обврски, други задолженија. Во саботите и неделите служам во црква. Во слободното време се насладувам со духовни книги. Внимавам на образованието на мојот син – со истото задоволство! Доколку правам нешто, секогаш го правам тоа со посветеност и задоволство.

– Искрено, парохијата на Руската православна црква, засега не може да им конкурира на другите христијански парохии. Планирате да направите нешто, за да се зголеми паствата?

– Од разни причини, по број ние сме помалку од другите религии. На пример, од католиците и протестантите. Но само по број. Ако зборуваме за вистинската, историска тежина, во ништо не сме помали! Кога ја читаш историјата на црквата, веднаш сфаќаш дека во Православието постои непрекината традиција. Од апостолски времиња ние сме ја наследиле таа традиција, и не го порменуваме многу она, што било востановено уште во тие времиња. Другите конфесии ги променуваат условите, за да ги привлечат младите, но ние ја запазуваме апостолската традиција, и во тоа е нашата вистинска вредност.

Дејноста на Православната црква во Кинеската Народна Република своевремено била прекината, поради внатрешните политички ситуации, а денес, постои инерцијата и последиците од тој период во историјата. Не можам да ја предвидам судбината, но како кинески свештеник, во последно време почнав да мислам дека треба повеќе да се трудиме за Црквата. На пример, да се направат преводи на богослужбените книги, на делата на светителите. Секогаш треба да бараме повод, да не бидеме мрзеливи!

– Потребна ли е во Хонгконг Руската православна црква?

– Потребна или не – тоа е непотребно прашање. Кога читаме за православието во Кина, таму уште пред 300 години имало свештеници, епископи. Колку многу тие направиле, колку се потрудиле! Колку многу направил началникот на Пекингската мисија, светителот Гуриј Таврическиј. Имало и други кинеско-руски сведоци. Ние едноставно немаме право да ја заборавиме нашата историја. Треба толку многу да се трудиме, повеќе да ја проповедаме нашата вера на мирјаните. Секако, еден човек е ограничен во своите можности. Треба со силите на нашата парохија, колку што е можно, повеќе да се направи за кинеските верници. Да го востановиме она, што сме го имале изминатите 300 години.

 

Извор:https://www.vesti.ru/doc.html?id=2870453

 

[1] Се мисли на Божјата сила, со која ги привлекува луѓето кон Себе, без да им се наметне (заб. прев.)