Силата на Светите Тајни во Животот на Православните Христијани – Старец Никон Светогорец

Верата е живот. Таа не е само прашање на знаење. Ние не сме спасени само затоа што сме учени во нашата вера. Ние ќе бидеме спасени не затоа што веруваме, туку заради практикувањето на нашата вера, односно начинот на кој живееме. Знаењето само по себе не нè спасува. Тоа ни дава можност да живееме така како што Исус сака ние да живееме. Смислата на ова, е дека Христос не дојде на овој свет, за да нè учи теологија и филозофија. Тој дојде во светот, за да ни дарува нов начин на живот. Дури и ѓаволот верува, но неговата вера не го спасува. Сите луѓе имаат знаење, но не сите луѓе се спасени.

Покажи ми ја верата преку твоите добри дела (Јак. 2, 18) е заповедта, која ние ја добивме. Ние кажуваме дека го сакаме Исус Христос. Тоа може и да е така, но како вели Исус: „Ти ќе ја покажеш верата во Мене, преку твоите добри дела“. „Ти кој што ме љубиш, ќе ги почитуваш моите заповеди“. Начинот на кој го живееме нашиот живот, нè прави христијани, а не нашата вера. Ако живееме правилно, ние ќе имаме правилен светоглед, како и добри мисли. Тоа е така, затоа што филозофијата произлегува од животот кој го живееме. Неправилниот живот нè води кон погрешно познавање, и со тоа, кон погрешна животна филозофија.

Правилниот  начин на живот ќе ни створи добри мисли. Бидејќи верата не е нешто кое може да се научи со читање на книги, или со слушањето на проповеди, таа се придобива единствено на начинот на кој живееме. Верата не е нешто логично, нешто кое се подразбира. Тоа е така, затоа што нашата човечка природа е наследена од  Адам и Ева, преку кои дојдоа гревот и расипаноста. Ние може да не сме виновни за гревот, кој тие го извршија, но сме родени со нивната природа, и нивното отпадништво од благодатта. Ние го наследивме сето тоа. Имено поради тој пад, нашиот добар Бог ги отвори за нас по вторпат вратите на Царството Небесно, за ние да влеземе во него. Најактуелното прашање е дали ние ќе ја примиме таа покана. За нас, христијаните, тие небесни врати се Светите Тајни на Црквата. Пред да бидеме крстени, злото беше дел од нашата човечка природа, со кое се родивме. Сега Божјата благодат сака да нè привлече кон Бога, за да можеме да бидеме спасени. Кога преминуваме преку  вратите на светата тајна Крштение и тој премин се запечатува со Свето Миро, злото веќе не е во нас. Злото е прогонето и внатре во нас пребива благодатта Божја. Иако злото се обидува да нè држи надвор од Царството Небесно.

Силата на Светата Тајна  Крштение

На Света Гора имаме еден монах кој е многу обичен свештеник. Тој дојде при нас од едно далечно место. Животот му бил исполнет со авантури. Патувал низ светот и научил многу нешта. Тој е навистина чист човек. Човек со благодат. Дојде кај нас од Перу. Неговата мајка треба да е многу света жена. Го кажувам тоа како православен свештеник,  бидејќи таа е од оние овци, кои се сè уште надвор од стадото. Го кажувам тоа, затоа што кога овој свештеник бил мало момче, мајка му често му велела: „Кога ќе пораснеш, ти ќе носиш црна облека. Јас не знаев каква облека е таа. Ти ќе живееш на место, кое не е остров, но иако до него ќе можеш да стигнеш со брод“. (Света Гора – Атон). Како мирјанин, тогаш иден свештеник, израснал, се образувал и патувал по светот. По некое време, на едно од тие патувања го посетил Париз, каде се сретнал со православен монах, и бил привлечен од Православната Христијанска Црква. Бил крстен и потстрижен во монах, и го примил името Симеон. А подоцна бил и ракоположен за свештеник. После многу години тој се вратил во Перу, за да го посети своето семејство, и ја покрстил својата мајка во езерото. Отец Никон, кој ни ја раскажува оваа историја, ни рече дека го сретнал тој свештеник, патувајќи до манастирот Филотеј. Кога дознал за крштението на неговата мајка, отецот прашал како е возможно тоа, бидејќи не ја беше видел толку многу години. Како било возможно да ја подготви за крштение, без катихизација. Неговиот одговор бил многу интересен. Кога мајка му разбрала дека син ѝ станал православен монах, се исполнила со  љубопитство. Поставувала прашања од каков вид е тоа, односно, што значи да си православен монах. После тоа, таа ја посетила Руската Задгранична Православна Црква во Перу, сè со цел да научи нешто за Православната  Христијанска Црква. Почнала да го прашува еден свештеник за Православната Црква. Сакала да знае што претставува таа, и која е разликата меѓу неа и Римокатоличката Црква. Рускиот свештеник ѝ одговарал на нејзините прашања со големо трпение. Мајката ја посетувала таа црква, одново и одново, и се вљубила во неа. На крајот кога стигнал отец Симеон во Перу, после многу години отсуство, тој открил дека неговата мајка е спремна да биде примена во Православната Црква. Кога настапил денот на нејзиното Крштение, отец Симеон ја однел мајка си до езерото, и таму го извршил светото Крштение над неа. Тој ја потопил три пати во водата, но при третото потопување, нешто чудно се случило со неа. Како синот, буквално да ја издигнал над водата третиот пат, и таа останала за момент така, а потоа наеднаш се нурнала назад во водата. Браќата на отец Симеон, кои го прателе развитокот на целата оваа сцена, си помислиле дека брат им, сака да им ја удави нивната мајка. Тие се втурнале напред и веројатно сакале да почнат да го тепаат, ако мајка им не се појавела одново над водата, и не почнала да им зборува.

Мајката им објаснила на сите што се случило по третото потопување во водата. Се околу неа блеснало и таа се исполнила со Светлина. Светлината навлегла во нејзиното тело и доживувањето било толку силно, што таа доживеала возбуда и немоќ. Ѝ било  дадено името Елевтерија. (Таа светлина која ја доживеала Елевтерија, е позната во Православната Црква како Нетварна  Божја Светлина).

Друга историја, за Светата Тајно Крштение, која се случила во Атина, Грција

Млад маж од грчкиот град Пиреја, бил морнар, и по некое време на едно од своите патувања, сретнал една девојка во Бразил. Младите се вљубиле еден во друг и прашањето за нивната свршувачка било на дневен ред. Морнарот ѝ кажал на девојката, дека е грчки Православен Христијанин, и за да се оженат, таа треба да стани православна христијанка. Девојката немала приговори за тоа и започнала да оди на часови по Катихизис, прво во Бразил, а потоа продолжила во Грција, откако се преселила таму. Единствениот проблем бил, што мајката не ја сакала девојката за својот син. Таа велела: „Која е таа што си ми ја донел? Треба да ја вратиш од каде што дојде“. Синот настојувал да ѝ објасни дека ја сака девојката, но мајката била упорна, нарекувајќи ја девојката со секакви погрдни имиња. Младиот маж не ѝ обрнувал внимание на приговорите на неговата  мајка, а девојката продолжила да ги посетува часовите по Катихизис. Кога мајката разбрала дека нема шанси да го убеди  сина си, таа решила да оди при еден маѓепсник. Часовите по Катихизис завршиле, и таа била крстена.

Тогаш мајката отишла при маѓепсникот, кој бил добро познат во Атина. Тој ѝ рекол:„Ќе направам така, да вашиот син, дури нема ни да сака да ја види девојката повторно“. Проколнувањата на маѓепсникот започнале. Поминале еден, два, три, па и после четвртиот ден ништо од тоа не се случило. Мајката повторно  отишла при маѓепсникот, но овој пат, заедно со својот сопруг. Тие му дале повеќе пари, и тој им рекол:„Јас ќе успеам, бидејќи досега никогаш не сум доживеал неуспех“. Поминала цела недела, после десет дена, и сè уште ништо не се случило. За да разберат што се случува, родителите на момчето отишле за последен пат при маѓепсникот. Тој им рекол: „Јас не сакам вие да мислите  дека сум шарлатан, и дека просто сакам да ви ги земам парите. Ќе ви ги вратам сите пари што ми ги дадовте, ако не успеам  да ѝ направам ништо на оваа девојка. Јас ја побарав помошта на некои од најголемите демони, кои што постојат. Секој пат кога ќе ги повикам да ја маѓепсаат девојката, биваат запрепастени од белиот фустан, кој го носи, со црвен амблем на нејзините гради“. (Белиот фустан, била нејзината Крштелна облека, а црвениот амблем бил печатот на првата причесна).  (Продолжува…)

 

Автор: Старец Никон Светогорец

 

Превод: Андреј Талевски

Извор: http://pravoslaven-sviat.org