Приказна за малиот Лазар

Во некое мало место живеело едно момче, по име Лазар. Секој ден, наутро доаѓало во црква.

Секогаш точно во 7 часот. Уште пред да се отворат вратите од храмот, тој веќе бил таму и чекал. Штом ќе се отвореле вратите, ќе дотрчал до олтарот и прв ќе ги склопел рацете на молитва. Но не стоел долго. Исто така трчајќи, ќе заминел на училиште, каде му почнувале часовите малку покасно. Момчето така правело со години. Свештеникот забележал како Лазар брзо доаѓа и си оди, па одлучил да го праша момчето зошто толку кратко се моли. И како се моли.

Лазар му одговорил: „Добро утро Исусе, дојдов да те видам“. Тоа била неговата молитва. И тоа е сè? – го прашал свештеникот. Сè! – рекол кратко Лазар, бегајќи на училиште. Детето и понатаму продолжило да доаѓа на ист начин, застанувало пред Христос кратко, а потоа во брзање си заминувало. И тогаш, еден ден, престанало да доаѓа. Го немало ни следниот ден, и така со денови. Свештеникот се загрижил за него и одлучил да отиде во училиштето на Лазар и да го побара. Таму му кажале, дека Лазар на улица го удрил камион и дека е во болница. Повредата била сериозна. Лазар бил префрлен во ургентно одделение. Свештеникот веднаш се упатил таму.

Уште на вратата на болницата, дежурната сестра знаела кого го бара. Се извинила, но мислела дека мора да му каже една необичност во врска со тоа момче. Иако со сериозни повреди и трпи силни болки, Лазар е весел и го развеселува целото одделение, каде што лежат исто такви тешки случаи.

Кога стигнал, свештеникот бил зачуден, колку радост има во таа соба и покрај болката која сите, сигурно ја чувствувале. Лазар радосно се насмевнал и го поздравил збунетиот свештеник. На крај, свештеникот го прашал, како може да биде радосен и покрај болките од повредите кои ги добил во сообраќајната несреќа.

„На што се радуваш, Лазаре?“ – го прашал.

„На Исус“ – одговорил Лазар.

„Како, ти веќе долго време не доаѓаш во црква, не се молиш пред Исус?“ – прашал свештеникот.

– Да, – одговорило момчето смеејќи се – но Исус секое утро доаѓа кај мене и ми вели:

„Добро утро Лазаре, дојдов да те видам“.

Свештеникот, кога го чул тоа, сè му било јасно, и не прашал повеќе ништо. Се радувал со Лазар.

Извор: http://mojepravoslavlje.blogspot.mk