Пресвета Богородица во очите на нејзините современици

Како ја знаеле Пресвета Дева Марија, Мајката Божја, нејзините современици – луѓето, кои имале чест да ја видат Нејзе, да поразговараат со Неа, и да бидат сведоци на Нејзиниот живот и труд?

Еве какви сведоштва можеме да најдеме за Неа од писмата на свети Игнатиј Богоносец – светител од I и почетокот на II век: „Кај нас сите знаат, дека Секогашдевствената Мајка Божја е исполнета со благодат и со сите добродетели. Раскажуваат, дека таа за време на прогоните и неволјите секогаш била весела; во време на беда и сиомаштија не се вознемирувала; не се гневела на оние кои ја навредувале, туку била нивни добротвор. Била кротка, милостива кон сиромасите и секогаш им помагала – колку што можела. Била наставник на побожноста, и во секое добро дело. Таа посебно ги љубела смирените, бидејќи и самата била исполнета со смирение“.

За својата средбата со Божјата Мајка, свети Дионисиј Ареопагит му пишува писмо на својот учител апостол Павле, специјално доаѓајќи од Атина за да ја види Нејзе: „Сведочам пред Бога, дека покрај Бог, нема ништо толку исполнето со божествена сила и благодат. Никој од луѓето не може потполно да го разбере со својот ум, она што го видов. Исповедам пред Бога: кога бев со Јован (Богослов), кој светеше меѓу апостолите како Сонцето на небото, (и) кога бев однесен пред лицето на Пресветата Дева, искусив неописливо чувство. Пред мене сјаеше некој Боженствен блесок. Тој го просветли мојот дух. Јас почувствував благоухание од неописливи мириси и се исполнив со таков восхит, што телото ми ослабна, а духот не можеше да ги издржи тие знаменија и знаци на вечно величие и небесна сила. Од нејзината благодат ми се исполни срцето и ми се потресе духот. Да не ми имаше кажано, ќе си помислев дека Бог е пред мене. Не можеме да си замислиме поголемо блаженство, од она, кое тогаш јас го почувствував.

Низ вековите Преданието на Црквата го чува споменот за Онаа, Која станала Мајка на Бога, бидејќи, како што пишува свети Јован Дамаскин, „Самото Божјо Слово, кое е уште пред вековите, и е безвремено родено од Отецот, Кое беспочетно и вечно со Отецот и Духот престојува, во последните денови за наше спасение се всели во утробата на Света Дева и од Нејзе без никаква промена се воплоти и роди“.

Во IV век, свети Амвросиј Медиолански во својот труд „За девствениците“ пишува за сведоштвата за Божјата Мајка кои дошле од првите христијани: „Таа била Девојка, не само со тело, но и со душа, смирена по срце, внимателна во зборовите, благоразумна, не многуречива, љубителка на читањето, трудољубива, целомудрена во зборовите. Нејзиното правило било – никого да не навреди, на сите да им се посакува добро, да се почитуваат постарите, да не се завидува на еднаквите, да се избегнуваат самофалбите, да се биде здраворазумен, да се сакаат добродетелите. Дали таа некогаш, барем со изразот на лицето ги навредила родителите, или била во расправии со блиските, или се возгордеала пред скромниот човек, или се насмеала над слабиот, или се одвратила од бедниот?“

Луѓе, кои директно ја имале видено Божјата Мајка, му раскажувале на свети Игнатиј Богоносец, дака во појавата на Секогаш Дева Марија, во Нејзината светост „се обединила Ангелската и човечката природа“. Во тие сведоштва одекнува она, што ние го читаме за Богородица во делата на свети Амвросиј: „Во Нејзините очи немало ништо сурово, во нејзините зборови ништо непромислено, во нејзините дела – ништо недолично: движењето на телото скромно, пристапот тивок, гласот мек; така што, Нејзиниот телесен образ бил изразување на душата, олицетворение на чистотата“.

„Навистина, во Пресветата Дева нас нè восхитува не само непорочната и чиста телесна убавина, туку и Нејината совршена душа“, – ни напоменува во своето слово за Благовештение свети Григориј Неокесариски.

Зачувани се и сведоштва за тоа, како Пресвета Богородица изгледала и надворешно – овие раскази од првите векови ги собрал црковниот историчар Никифор Калист кој живеел во ХIV век. Според тие сведоштва, Пресвета Дева Марија била средна по раст или, малку повисока, „косата златовидна; очите бистри, со зеници со маслинова боја; веѓите долгообразни и умерено-црно, носот тенок, усните цветни, исполнети со слатки зборови; лицето не тркалезно и не издолжено, но малку задолжено; дланките на рацете и прстите долги“. Таа била задоволна со природната боја на облеката раскажува црковниот писател, приведувајќи го како пример нејзиниот свет покров кој се чува во црквата.

Пресвета Дева, продолжува тој, била непринудна, проста, воопшто не размислувала за Себеси, и се одликувала со големо смирение. Во сите Нејзини дејствија се откривала посебна благодат. Царицата Небесна, Мајката Божја „во разговорот го чувала скромното достоинство, не се смеела, не се огорчувала и не се гневела“.

Таква била Света Дева Марија и тогаш, кога го видела Архангелот Божји Гаврил, кој и рекол: „Радувајсе, Благодатна! Господ е со Тебе; благословена си Ти меѓу жените“ (Лука 1. 28).

Извор: http://www.orthedu.ru/news/prazdniki/9884-presvyataya-bogorodica-glazami-sovremennikov.html

Превод: Игор Ризановски